Во 2020 година, индустријата за информациско-комуникациски технологии (ИКТ-сектор) бележи пораст по сите параметри: остварени приходи, број на вработени, извоз… Дури и во услови на пандемија и сериозна економска криза, ИКТ-секторот е значаен придонесувач во државниот буџет од аспект на платени даноци и придонеси. Доколку се анализираат меѓународниот пазар на трудот и платите во истиот тој, ќе се увиди дека растот на платите претставува светски тренд во ИКТ-индустријата, дека ИКТ-секторот има нагорен тренд по сите основи, вклучувајќи ги и бројот на вработени и платите во тој сектор
Зошто поддршка за секторот за информациско-комуникациски технологии (ИКТ)?
Вложувањето во оваа индустријата треба да биде главна стратегиска цел на нашата држава, бидејќи овој сектор за време на светската економска криза предизвикана од ковид-19, во нашата економија во 2020 година, генерира повеќе од 230 милиони евра само од извоз.
Аргументи и показатели за бенефиции од ИКТ-секторот
Имено, со цврсто уверување дека ИКТ-секторот е генератор на одржливиот раст на државите, Петар Лазовски од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ презентира низа аргументи за повеќеслојна корист од тој сектор.
– Преку стратегиско вложување од страна на државата во ИКТ-индустријата, истата таа потенцијално би придонела со зголемување на девизните приливи, државата од суровинско извозна може да се претвори во извозник на производи и услуги со висока додадена вредност и секако при стимулација на ИКТ-секторот се стимулира и развојот на сите други сектори, што е неизбежен фактор за просперитет на секоја економија во развој. Исто така, данокот што го платиле овие компании, а кој е резултат на профитот што го оствариле е приближно околу 12 и пол милиони евра, што претставува сериозен финансиски импакт во буџетот на државата што македонските ИКТ-компании го имаат реализирано – потенцира Лазовски.
Како што тврди тој, во изминатите години, токму од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ се залагаат да биде препознаен од страна на Владата како стратегиска гранка преку давање конкретни и инклузивни предлози за подобрување на условите и за зголемување на конкурентноста.
– Како главен сегмент што би имал значаен импакт во подобрување на условите во оваа индустријата се даноците. Сметаме дека треба да бидат преземени и регулирани три даночни стапки, и тоа намалување на даночната стапка кај данокот на личен доход за вработени во ИКТ-секторот на 0 отсто, намалување на данок на добивка на 0 отсто и лимитирање на износот за основицата на кој се плаќаат придонесите за социјално осигурување за вработените во ИКТ-секторот – нагласува Лазовски.
Според него, висината на давачките кон државата по однос на плата на директен начин влијае на цената на работната сила, која е пресудна за постигнување конкурентност на фирмите на интернационално ниво и глобалната конкуренција, која е клучен предуслов за успешно деловно работење.
– Неконкурентноста на македонските фирми може да доведе до затворање на бизнисите, нивна дислокација во други соседни држави, а тоа на недвосмислен начин подразбира и миграција на работната сила. Оптоварувањето на цената на работната сила со фискални давачки влијае обратнопропорционално на генералната мисија за задржување на вработените. Оттука, со намалувањето на трошоците за даноци, во доменот на персоналниот данок, и дел од придонесите, се ослободуваат финансиски средства што работодавачите можат да ги инвестираат во нови вработувања, поголеми плати или научноистражувачки активности – посочува Лазовски.
Владата тврди дека е фокусирана на ИКТ-секторот
Од Владата велат дека здравствената и социоекономската криза предизвикани од ковид-19, го покажаа значењето на ИКТ-секторот за економскиот развој и колку дигитализацијата како процес во сите сектори е важна.
– Имаме целосен фокус во нашата владина програма, во којашто на оваа индустријата ѝ даваме едно многу битно место, затоа што сметаме дека преку ИТ-индустријализацијата и дигитализацијата нашата економија ќе се трансформира во една нова развојна економија и ќе фати чекор со другите развојни економии – сметаат од Владата.
Оттаму додаваат дека се предвидува намалување на персоналниот данок во ИТ-секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто до 2023 година.
– Сметаме дека тоа треба да биде доволен поттик за натамошен развој на оваа индустрија. Планираме и други мерки, како што се ослободување од данок за преквалификација, обука, дообука во компаниите, ослободување од данок од трошоците што се прават за лиценци за ИТ-индустријата и слично. Дури и во најмали детали имаме влезено за да овозможиме повеќе и да искреираме едно поповолно и предвидливо деловно опкружување.