Високите позиции на рангирањето „Дуинг бизнис“ на Светска банка или, пак, на листата на „Сајт селекшн“, како и на други релевантни институции упатуваат на заклучок дека Македонија има добри бизнис-позиции, благодарение на кои би требало да има поголеми странски инвестиции. Сепак, тие се меѓу најниските во регионот. Исто така се поставува и прашањето колку поволностите се чувствуваат во животот на граѓаните?
Веќе со години Македонија добива добра позиција во светските рангирања за почнување бизнис. Сепак, ваквите рангирања не ги одразуваат и не кореспондираат со нивото на странски инвестиции и со животниот стандард во земјава, во која и понатаму е присутна висока стапка на сиромаштија. Високите позиции на рангирањето „Дуинг бизнис“ на Светска банка или, пак, на листата на реномираниот глобален магазин „Сајт селекшн“, како и на други релевантни институции упатуваат на заклучок дека државата има добри бизнис-позиции. Благодарение на овие рангирања би требало да имаме поголеми странски инвестиции, сепак, тие се меѓу најниските во регионот, а поволности не се чувствуваат ниту во животот на граѓаните.
Економските експерти укажуваат дека рангирањата се темелат исклучиво на законската регулатива и можностите за брз почеток на нов бизнис, но не и на животниот стандард на граѓаните.
– Не е чудно што Македонија е високорангирана, бидејќи она што „Дуинг бизнис“ го мери е поставеноста на регулативата во поглед на отворањето и на затворањето бизнис, некои аспекти на даночната регулатива, извршувањето на договорите и така натаму. Меѓутоа, проблемот се јавува кај имплементацијата на регулативата. Имено, во Македонија постои голем јаз помеѓу она како се напишани законите и како тие се спроведуваат во практика. Во минатото, бевме сведоци на селективно и пристрасно извршување на законите и таа практика треба да престане – вели професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“.
Професорот истакна дека треба да се работи на значително зајакнување на спроведувањето на законите, главно преку јакнење на сите владини институции што се задолжени за тоа, почнувајќи од министерствата, државните агенции па до инспекторатите што, според него, се најважна алка во тој процес.
– Врската на „Дуинг бизнис“ со животниот стандард е само индиректна, бидејќи ова рангирање не се занимава со аспектите на животниот стандард, туку со тоа каква е регулативата во поглед на водењето бизнис. Но, секако, добрата регулатива со систематско и неселективно спроведување треба да има позитивен ефект и врз животниот стандард – дополнува Петрески.
Како што е веќе објавено, Македонија е најдоброрангирана земја во Југоисточна Европа во последниот извештај на „Дуинг бизнис“ на Светската банка и се најде на 10-то место. Наедно, Македонија е единствената средно развиена економија во топ 20 во светот, во рангирањето за оваа година. Македонија исто така се рангира на високото второ место на листата на реномираниот глобален магазин „Сајт селекшн“ за најдобри инвестициски дестинации во светот.
– Најдобар доказ дека рангирањето на овие листи не кореспондира со животниот стандард на граѓаните е фактот дека веќе цела декада, од 2008 година наваму ние сме меѓу првите 40 земји во светот, додека последните 3 години сме меѓу првите десет.
Доколку ова рангирање нешто укажува, тогаш би требало нивото на странски инвестиции да се зголеми, бидејќи земјата, според позитивните оцени треба да привлече странски инвестиции. Но во 2017 и 2018 година ниту БДП, ниту странските инвестиции, ниту пак животниот стандард не се подобрија – вели претставникот на „Солидарност“, Здравко Савевски.
Тој додава дека властите во Македонија, било да станува збор за сегашната или за претходната, им ги намалуваат работничките права на граѓаните само за да се рангираат подобро на листата наречена „Дуинг бизнис“.
– Водат политики со кои се намалуваат работничките права, на штета на граѓаните и работниците. Рангирањето има контраефект, не го подобрува животот на граѓаните, ниту позицијата на работникот, ниту пак враќа со поголеми странски инвестиции како што се очекувањата – додава Савевски.
Во рангирањата на Светска банка, добриот рејтинг за оваа година се должи на брзото почнување бизнис, за само 14 дена. Потоа фактот дека за градежна дозвола се потребни 91 ден и девет процедури, а за стекнување имот се потребни седум процедури и 30 дена. Најслаба оцена имаме за (не)достапноста за купување акции, а со најдобра оцена сме за транспарентноста. На државната граница за документација се чека два часа, но девет за царинење. За спроведување договори се потребни 634 дена. За решавање на несолвентноста е потребно една и пол година и „жртвување“ на 10 отсто од вредноста на имотот. Според „Сајт селекшн“, Македонија е рангирана на високото второ место во категоријата најдобри 20 зони според проекти, капитални расходи и работни места по жител.