Со промените во регулативата, на кои се работи во моментов, ќе се стимулираат значајни унапредувања на пазарот на платежни услуги во земјава. Ова беше истакнато вчера во Охрид, на 12-та Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, која ја организира Народната банка, во соработка со Банката на Холандија, а на која се обратија и министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Во своето обраќање, министерот Тевдовски истакна дека Законот за платежните услуги и платните системи, кој заеднички го изработуваат Министерството за финансии и Народната банка и за кој на конференцијата се осврна и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, ќе овозможи либерализација на пазарот на платежни услуги и влез на небанкарски институции, како што се платежните институции и институциите за електронски пари.
– Овој закон ќе биде значаен чекор кон менување на платежниот пејзаж. Бизнис-заедницата, особено финтек-компаниите се оние што треба да воведат нови, иновативни начини на плаќање – лесно достапни и со помали трошоци. Со либерализацијата на пазарот ќе се зголеми и конкуренцијата со што ќе се стимулираат банките и другите финансиски институции да бидат поактивни во примената на технолошките иновации во финансискиот сектор – нагласи Тевдовски.
Тој посочи дека заради привлекување на компаниите, пред сѐ оние од ИКТ-индустријата, предвидено е платежните институции што ќе бидат ангажирани со ограничен вид и обем на активности да се основаат со капитал од 1,3 милион денари, наместо со 7,8 милиони денари, како што беше досега.
Во однос на пазарната инфраструктура, во делот на пристап до капитал, министерот за финансии истакна дека се создадени услови за примена на крауфандинг во земјава, што е од особено значење за стартап-компаниите.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, истакна дека придобивките од новините во информатичката технологија се неопходни за економскиот развој и дека мора да бидеме подготвени за предизвиците што ги носи брзиот технолошки развој, како и за прифаќање на промените што се случуваат на глобално ниво.
– Процесот на дигиталната трансформација е долг и не е едноставен, но во изминативе години направивме значајни чекори за создавање предуслови за забрзување на овој процес и кај нас. И тоа не само предуслови од технички карактер, туку и правни основи, особено во доменот на финансиската инфраструктура. За да се унапреди развојот на економијата, работиме и на воспоставување цврста дигитална инфраструктура со еднаков пристап за јавните и приватните институции, компаниите и граѓаните и нашата регулатива ја усогласуваме со регулативата на Европската Унија. Веќе имаме цврста рамка за отворен и сигурен дигитален простор – истакна тој, при што посочи дека усогласувањето на домашното со европското законодавство од оваа сфера е првиот поголем чекор во процесот, со што се обезбедува сигурното извршување на дигиталните активности. Е.Р.