Има ли „економска вештина“, снаодливост, односно умешност за добивање вредност и полза за својата држава при задолжувањето? Македонија има умерено ниво на долг, но треба да се направи рамнотежа меѓу одржливите финансии и во исто време да се најдат политики што ќе го поттикнат порастот
Јапонија со години е држава лидер според висината на јавниот долг, односно е најзадолжената земја во светот. Но какво е нејзиното финансиско менаџирање на задолжувањето?
Во тој контекст, ако го погледнеме нашиот регион, бројките покажуваат дека најзадолжени се европските членки Хрватска и Словенија, додека, пак, Македонија засега е умерено задолжена и е на средината на листата. Листата на задолженост на државите во светот има за цел да направи паралела на различни земји. Може да се забележи дека одредени земји имаат огромен државен долг, а има и такви што воопшто не се задолжени.
Во тој контекст, се консултиравме со низа економски експерти за тоа дали има „економска“ вештина, снаодливост, односно, народски кажано, умешност за добивање вредност и полза за својата држава при задолжувањето.
Домашните експерти укажуваат дека не е во прашање само висината на долгот, туку многу поважно е како се трошат средствата и како од нив да добиеме поголема вредност.
– Македонија е средно задолжена земја во поглед на јавниот долг. Во оваа фаза од развојот, поточно фаза во која на економијата ѝ требаат повисоки стапки на пораст, генерирањето буџетски дефицити е очекувано и нормално, па оттука и трендот на јавниот долг ќе биде нагорен. Она што е поважно е искористувањето на средствата. Позајмени средства што се користат за финансирање на развојните потреби, најшироко разбрани како инвестиции во секаков вид инфраструктура – патна, железничка, енергетска, информатичка, мека инфраструктура, како на пример, системи за подобрување на протокот на стока на граничните премини и слично, се оправдани. Тие ќе бидат позајмени денес, но направената инвестиција има висок поврат, кој овозможува во иднина лесна отплата на средствата – вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Тој додава дека средствата што ги позајмуваме денес е важно да се инвестираат во инструменти со кои во иднина ќе добиеме двапати повеќе од позајменото.
– Дебатата не треба да биде дали долгот се зголемил или не, бидејќи простор за зголемување постои, туку како од 1 вложен денар од тие средства да добиеме вредност поголема од 1 денар – заклучува Петрески.
Според анализата направена од „Ал џезира“, највисокиот државен долг со години има Јапонија, и тој изнесува 223,8 отсто од БДП. На второто место е соседна Грција, со национален долг од 180 проценти од БДП. Потоа следуваат Либан, Јемен, Италија и Португалија.
Спротивно на нив, најмалку се задолжени две држави што воопшто немаат никаков јавен долг, а тоа се Макао и Источен Тимор. Меѓу најмалку задолжените држави во светот се и Брунеи со национален долг од 3,1 отсто од БДП, додека во Либија долгот достигнал 5,1 отсто, а во Авганистан 8,3 отсто. Рускиот национален долг изнесува 11,8 отсто од БДП, а Иранскиот 14,2 отсто.
Во земјите од регионот, најголем јавен долг имаат земјите членки на Европската Унија – Словенија и Хрватска. Хрватскиот јавен долг изнесува 81,5 отсто од БДП, додека пак тој на Словенија достигнува 78,6 проценти. Најниско задолжени се Косово со 20,6 проценти од БДП и Босна и Херцеговина – 43,2 проценти од БДП.
Просечниот долг на ЕУ во 2018 година изнесувал околу 81 процент од вкупниот БДП. Оваа бројка крие големи разлики меѓу земјите-членки, бидејќи има држави со голем јавен долг, како грчкиот, но исто така и Италија, Португалија, Кипар и Белгија имаат јавен долг повисок од БДП.
Македонија се карактеризира со умерен јавен долг, но сепак експертите посочуваат дека мора да има одржливост.
– Треба да се спроведат политики што ќе спречат натамошно зголемување на долгот. Македонија има умерено ниво на долг, но има многу економии во Европа со помал долг што можат побрзо да растат. Треба да се направи рамнотежа меѓу одржливите финансии и во исто време да се најдат политики што ќе го поттикнат порастот – кажа Сања Маџаровиќ-Шујстер, виша економистка за Светска банка во регионот.
Таа појасни дека е очекувано да расте јавниот долг поради изградбата на автопатиштата во земјава, но додаде дека по нивното завршување долгот треба да се намали.
– Пристапот до финансии претставува потреба. Македонија е една од државите од регионот што го стабилизираа својот финансиски сектор по глобалната криза. Има намалување на нефункционалните кредити, адекватноста на капиталот на банкарскиот сектор е доста силна, но системот и натаму во голема мера е банкоцентричен и дел од бизнис-секторот не добива соодветни услуги од банкарскиот сектор. Тоа се најчесто малите и средните претпријатија што ги споменуваат како проблем пристапот до финансии и големите трошоци за добивање кредит – вели Маџаровиќ-Шујстер.