Европската компанија за производство на авиони Ербас денеска предупреди дека во случај на излез на Британија од ЕУ без постигнат договор, би можела да го пресели погонот за производство на крила надвор од Велика Британија.
Во директниот апел до британскиот парламент, главниот извршен директор на Ербас Том Ендерс, порача да се избегне таков исход.
– Британскиот воздухопловен сектор сега е на работ на амбисот. Ако се случи брегзит без договор, ние во Ербас ќе мораме да донесеме потенцијално многу штетни одлуки за Велика Британија – рече Ендерс во видео обраќањето објавено на страницата на Ербас.
Вториот најголем светски производител вработува 14.000 луѓе во Британија, вклучително и 6.000 во главната фабрика за производство на крила во Брајтон, како и 3.000 во погоните за дизајн на крилата во Филтон.
Критичарите на претходните слични предупредувања на Ербас се сомневаат дека оваа групација ќе ги премести клучните бизниси од Британија, со оглед дека Брајтон е ефикасна фабрика, а на производството во полза му оди и ослабениот курс на британската фунта.
Сепак, Ендерс порача дека Ербас не блефира.
– Ве молам да не го слушате лудилото на „брегзитерите“ дека затоа што тука имаме големи фабрики, па нема да се преселиме, туку ќе останеме засекогаш. Не се во право. Секако, не е возможно веднаш да ги собереме и преселиме нашите фабрики во другите делови на светот. Но, воздухопловството е долгорочна работа и би можеле да бидеме принудени да ги пренасочиме идните инвестиции во случај на брегзит без договор. И немој да се лажете, постојат многу земји кои би сакале да произведуваат крила за авионите на Ербас – констатира Ендерс.