Стапките на невработеност кај балканските земји значително се разликуваат од европскиот просек. Во Македонија, иако неодамна имаше пад на невработеноста, и понатаму процентот е доста висок
Стапката на невработеност на ниво на Европската Унија, измерена според методологијата на Меѓународната организација на трудот (МОТ), во јуни 2019 година, изнесувала 6,3 проценти.
Процентот е ист како и претходниот месец, но малку понизок ако се споредат бројките со јуни 2018 година, кога таа изнесувала 6,8 отсто. Во Македонија, пак, во последниот извештај на Државниот завод за статистика се наведува дека стапката на невработеност изнесува 17,8 проценти. Имено, според нивните податоци, во првото тримесечје од 2019 година во Македонија активно население изнесувало 960.743 лица, од кои вработени биле 789.414, додека пак 171.329 лица се невработени. За 2018 година, според ДЗС, стапката на невработеност во Македонија изнесуваше 20,8 проценти, што е една од највисоките стапки на невработеност во Европа.
Директорката на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, Благица Петрески, смета дека невработеноста во Македонија има тренд на пад, кој се должи главно на вработувањата во Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) и на стимулациите преку активните мерки за вработување.
– Сепак, за достигнување на ниските стапки на невработеност, компаративни со земјите во Европската Унија, потребни ни се структурни реформи. Преку нив треба да се зголеми продуктивноста на вработените, но и да се зајакнат вештините за вработување на невработените активни баратели на работа. Исто така, потребно е да се зголемат продуктивноста и конкурентноста на домашните компании на странските пазари, со тоа што ќе се стимулира креирањето на повисоки платежни работни места – смета Петрески.
Таа додава дека втор сет мерки што треба да ја намалат стапката на невработеност е намалување на сивата економија во земјава.
Агенцијата „Анадолија“, пак, посочува дека намалувањето на стапката на невработеност во Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора не е предизвикано само од создавање нови работни места во реалниот сектор туку и од заминувањето на населението од овие земји во земјите на Европската Унија, пред сѐ во Германија.
Во оваа насока, неодамна и професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, истакна дека намалувањето на невработеноста не е поради економското подобрување и порастот на БДП, туку дека станува збор за техничко-статистичка операција, која најверојатно подразбира бришење на невработените од системот на податоци, како и иселување од државава.
– Намалената стапка на невработеност е резултат на заминувањето на невработените од земјава, особено на младите, на возраст од 20 до 30 години. Сигурно дека еден мал дел е реална вработеност од новите инвестиции и отворањето на работните места што се поттикнуваат со владините мерки воведени претходната година – кажа Беџети.
Тој истакна дека секое вакво намалување на стапката на невработеност не е одржливо и не генерира подобар животен стандард.
Инаку, состојбата со невработеноста во земјите од регионот е нешто подобра отколку во Македонија, но сепак некои од нив се соочуваат со висок процент невработеност. Веќе ја споменавме Грција, каде што невработеноста е 17,6 отсто, а голем процент невработени граѓани има и во Косово, каде што, според истражување направено за втората половина од 2018 година, било утврдено дека 28,5 проценти од работоспособното население е невработено.
Иако толку голема стапка на невработеност има и во Босна и Херцеговина, каде што бројките за 2018 година говорат дека се невработени 18,4 отсто од работоспособните, таму е забележано намалување на невработеноста од 5,1 отсто во споредба со претходната година.
Во Турција се смета дека 13,8 проценти од населението се невработени.
Од друга страна, Словенија, со стапка на невработеност помала од пет проценти, е најдобра во регионот во однос на пазарот на трудот.
Хрватска е на второ место со стапката на невработеност, која значително се намалува во однос на претходната година, во јуни 2019 година невработеноста изнесувала 7,1 проценти.
Невработеноста во Црна Гора исто така се намалила за 3,3, но сепак е генерално висока. Имено, оваа земја ја заврши минатата година со стапка на невработеност од 14,1 процент.
Меѓу земјите-членки на ЕУ, најниска стапка на невработеност е забележана во Чешка, 1,9 процент, и во Германија, каде што таа изнесува 3,1 отсто. Од друга страна, најголема невработеност во ЕУ е забележана во Грција, каде што процентот изнесува 17,6 отсто, и во Шпанија, 14 проценти.
Стапката на невработеност се намалила кај 24 земји-членки на ЕУ, додека пак останала на исто ниво во Естонија и во Полска, а малку се зголемила во Шведска и Луксембург.
Во земјите-членки на ЕУ, највисока стапка на невработеност е регистрирана во Грција, каде што од 19,8, невработеноста паднала на 17,6 проценти. Додека, пак, во Кипар има пад на невработеноста од 8,3 на 6,5 проценти, во Хрватска од 8,6 на 7,1 отсто, Ирска од 5, 9 на 4,5 проценти и во Словачка од 6,7 до 5,4 проценти.
Доколку се погледнат, пак, бројките на двете најголеми економски сили, САД и Јапонија, ќе се забележи дека тие имаат ниски стапки на невработеност. Имено, во јуни 3,7 проценти од Американците беа без работа, додека во Јапонија само 2,3 проценти од работоспособното население било невработено.
Според дефинициите на МОТ, кои ги има прифатено и Евростат, за невработени се сметаат лицата на возраст од 15 до 74 години што немаат работа, но се подготвени да започнат со работа во текот на следните две недели и кои барале работа барем еднаш во последните четири недели.