Договори за реализирање капитални инфраструктурни проекти со средства од програмата за рурален развој потпишаа вчера во Владата градоначалниците на 11 општини, а во согласност со пристигнатите и одобрени 200 проекти, за кои се обезбедени над 38 милиони евра, договори ќе потпишат сите 80 општини од осумте плански региони.
– Договорите што ги потпишуваме од денеска ги решаваат инфраструктурните проблеми на општините. Всушност, почнува многу важна програма за унапредување на животот и условите во руралните средини. Владата одвои сериозна сума за рамномерен регионален развој – рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев.
Според него, општините со парите ќе градат и обновуваат патишта, водоводни и канализациски мрежи, пазари, но и меѓусебно ќе се поврзат инфраструктурно.
Во согласност со програмата, општините за секој проект најпрво ќе добијат 20 отсто од поддршката, а по неговата реализација и плаќањето ДДВ за инвестицијата, ќе им биде префрлена целата сума.
Како што појасни Анѓушев, средствата од централниот буџет се грантови за општините, зашто тие ќе треба да го платат само данокот на додадена вредност за реализираната инвестиција.
За првите 11 општини, Македонски Брод, Новаци, Виница, Дебар, Велес, Крушево, Чешиново – Облешево, Пласница, Кратово, Сопиште и Берово, кои вчера ги потпишаа договорите, се обезбедени 1,5 милион евра.