Вкупно 318 договори ќе се склучат по јавниот повик за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до три хектари. Потпишувањето на договорите започна од вчера. На потпишувањето министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека со овој јавен повик се доделуваат вкупно 600 хектари земјоделско земјиште во државна сопственост до три хектари.
За разлика од огласите во кои Министерството ги објавува расположивите парцели, со овој повик земјоделците имаа можност самоиницијативно да појават интерес преку изработка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик, да побараат земјиште за кое имаат информација дека е слободно.
– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство продолжува со транспарентна поделба на државното земјоделско земјиште под закуп. Ме радува што интересот за овој јавен повик беше огромен, и досега ова е најголема бројка на склучени договори. Доставените понуди се однесуваат на земјоделско земјиште во државна сопственост во 33 региони во државата. Овој јавен повик се однесува на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до 3 хектари, кое е од 4. до 8. катастарска класа, односно парцели што се со понизок квалитет, но сепак може да се искористат за земјоделско производство. Нашата цел преку овој повик е да го ставиме во функција целото расположливо земјоделско земјиште, вклучувајќи ги и оние парцели што не се атрактивни – истакна Николовски.
Земјиштето за кое се склучуваат договори може да се искористи за подигање долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници, други земјоделски култури, ливади, за брзорастечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам.
МЗШВ на овој начин создава поволни услови за сите земјоделци што се занимаваат со земјоделство и за оние што сакаат да го прошират своето производство или да започнат агробизнис, да дојдат до земјоделско земјиште. Истовремено, преку ваквиот тип повици директно се зголемуваат обработливите земјоделски површини.
Изминатиов период беа склучени и 17 договори со вкупна инвестиција од 11 милиони евра за огласот за давање под закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари, т.н. инвестициски оглас. Вложувањата таму ќе бидат во следните пет години, а ќе се инвестира во изградба на винарници, кланици, мелници, оранжерии и откупни центри. Паралелно, МЗШВ објавува нови јавни огласи. Во моментов во владина процедура се два јавни огласи за доделување државно земјоделско земјиште под закуп до 3 и над 3 хектари, и до крајот на месецов ќе бидат објавени. Наедно се подготвува и нов инвестициски оглас.