Основната причина за намалување на производството во металургијата е нефункционирањето на двата најголеми металуршки капацитети, „Фени“ и „Југохром“
Се намалува производството во металургијата во Македонија, иако има позитивни тенденции во светот, посочуваат претставниците на Стопанската комора на Македонија. Од Комората објаснуваат дека и покрај позитивниот глобален тренд во металургијата, особено од почетокот на 2017 година, кај нас состојбите во физичкиот обем на производство се неповолни.
Од СКМ посочуваат дека за периодот јануари-март 2018 година производството на метали било намалено за 18,4 проценти во однос на истиот период 2017 година.
– Состојбата е дури и уште поалармантна ако се има предвид податокот дека минатата година намалувањето на производството беше над 15 отсто – истакна Зорица Мешкова од Комората.
Таа објасни дека основната причина за ваквите податоци е нефункционирањето на двата најголеми металуршки капацитети, „Фени индустри“ и „Југохром алзар“, но, како што се надева, состојбата ќе се подобри или ќе се ублажи со рестартирањето на „Фени индустри“.
Ваквата состојба во производството се рефлектира и врз извозот, кој кај металите е на истото ниво како минатата година и во првите три месеци од годинава изнесува 187 милиони американски долари.
Претставниците на Стопанската комора на Македонија воедно истакнаа дека интензивирањето на соработката меѓу науката и стопанството ќе биде во фокусот на годинашниот меѓународен металуршки конгрес што ќе се одржи од 30 мај до 3 јуни во Охрид.
Како што беше кажано на вчерашната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, на конгресот под мотото „Металургијата, материјалите и заштитата на животната средина“, освен домашни, ќе учествуваат и професори од Турција, Украина, Шведска и од Австрија, а целта е најновите научни достигнувања да се доближат до индустријата.
Ќе бидат презентирани околу 30 научни труда, а предвидени се и презентации од страна на компаниите-учеснички.
– Сакаме да бидеме сервис на индустријата, научните достигнувања да бидат достапни за нашите компании. Засега соработката е сведена на индивидуални контакти меѓу нашите поранешни студенти, сегашни менаџери и науката – истакна Свето Цветковски, професор на Технолошкиот факултет и претседател на Здружението на металурзите при Стопанската комора.
Професорот напомена дека главен проблем на научните работници е недостигот од современа опрема.
– Новата опрема е доста скапа поради што факултетите не можат да ја обезбедат сами. Основна верзија на електронски микроскоп чини околу 180.000 евра – посочи Цветковски и додаде дека би било добро во оваа насока што повеќе да се користат европските фондови.
Оваа година се очекува учество на значителен број претставници на компании од индустријата на метали, од Италија, Словенија, Бугарија и од Турција, кои ќе имаат можност преку сопствени штандови за промоција да ги презентираат своите производи наменети на металуршкиот сектор.
За време на конгресот се планира одржување тркалезна маса, на која ќе се говори за потребата од интензивирање на соработката помеѓу факултетите и индустријата на планот на подготовка на квалитетни кадри за потребите на индустријата на метали.