Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија
ССМ во наредниот период ќе се залага социјалните партнери по пат на социјален дијалог да усвојат стратегија за зголемување на платите, вклучувајќи ја и минималната, која треба да ги содржи и разработи основните принципи за пораст на платите
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) годинава одбележуваа 110 години синдикално движење и организирање во Република Македонија. По повод јубилејот, ССМ оваа година, Први мај, Меѓународниот ден на трудот, ќе го одбележи со синдикален марш под паролата „Патиштата се различни, целта е една!“. Наедно до Владата ќе биде упатен првомајски проглас заедно со барањата за подобар закон за работни односи, повисоки плати, регрес за годишен одмор за сите, против зголемување на старосната граница за пензионирање, за сигурни, здрави и безбедни работни места, намалување на сиромаштијата, против работата на црно, дискриминацијата и мобингот, за подобар социјален дијалог… За некои од овие прашања „Нова Македонија“ разговараше со првиот синдикалец Дарко Димовски, кој е на оваа функција од пред неколку месеци.
Колку се почитуваат работничките права во Македонија?
– ССМ е потписник на општиот колективен договор за приватниот сектор, настојуваме со него да се регулираат и правата на вработените во јавниот сектор, а синдикатите во состав на ССМ имаат потпишано 15 колективни договори на ниво на гранка. Континуирано се грижиме за правата на работниците уредени со колективните договори и за оспособување синдикални претставници за реализирање активна и успешна преговарачка функција во процесот на колективното договарање.
Во услови кога во компаниите се постапува спротивно на законите и договорените права и обврски со колективните договори и договорите за вработување, ССМ за своето членство обезбедува бесплатна правна заштита.
Во текот на 2017 година во Сојузот на синдикатите на Македонија се евидентирани 1.788 обраќања за заштита на правата од работен однос. Најголем број се од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на РМ (504), потоа од Синдикатот на работниците од сообраќајот и врските (324), од Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија (207…
Најголем број обраќања се поради неисплатени плати, надоместоци и неуплатени придонеси од плата, и тоа 1.115, потоа поради синдикални права (267), права во стечајна постапка (159) и прекувремена работа (135). Покрај водењето на судските постапки, голем број активности на ССМ се поврзани со превентивната заштита на работничките права, на која сѐ почесто инсистираат работниците во своите обраќања до синдикатот.
Најзагрозени во Македонија се работниците во трудоинтензивните дејности, како до подобри права за најслабо платените работници?
– ССМ во изминатиот период најмногу се заложи на заштита на оние што примаат најниски плати и со закон беше утврдена минимална плата во државата. На почетокот за овие сектори беше утврдена пониска минимална плата во споредба со другите сектори, за да можат платите навремено да се исплатуваат и да не се доведе до намалување на бројот на вработените. Со последните измени на Законот, минималната плата за вработените во овие сектори се изедначи со минималецот за другите вработени. Одредени се и критериуми за усогласување на годишно ниво на минималната плата, во согласност со порастот на просечно исплатената плата, порастот на индексот на трошоците на живот и реалниот пораст на бруто-домашниот производ, за да не се дозволи платите да ја губат својата вредност.
Второ поле преку кое ССМ дејствува за обезбедување повисоки плати е колективното договарање. Преку дијалог со работодавецот може да се договорат повисоки плати, додатоци и трошоци од работен однос што им следуваат на работниците и кои имаат придонес врз вкупните примања на работникот и го подобруваат неговиот животен стандард. Искуството покажа дека онаму каде што се потпишани колективни договори, најниските плати се повисоки од минималната.
ССМ во наредниот период ќе се залага социјалните партнери по пат на социјален дијалог да усвојат стратегија за зголемување на платите (вклучувајќи ја и минималната), која треба да ги содржи и разработи основните принципи за пораст на платите. Стратегијата за плати треба да предвидува и промовира поголемо зголемување пред сѐ на најниските плати, како и соодветно и економски оправдано усогласување на постојните големи разлики во висината на платите во одделни сектори во стопанството. Во истата таа треба да се утврдат принципи и критериуми што ќе обезбедат еднаква плата за работа со еднаква вредност, намалување на јазот на плати помеѓу мажите и жените и исклучување на секаков облик на дискриминација и нееднаквост кога станува збор за остварување на правото на плата.
Имате нови синдикални барања и предлози за измени на законите што ги засегаат работниците. Какви се изгледите за нивно прифаќање?
– Дел закони што во изминатиот период се донесени по иницијатива на ССМ, по пат на социјален дијалог преку Економско-социјалниот совет се со вонредно значење за развој на работничките права. Во 2012-та е донесен Законот за минимална плата, со што е обезбедена долната граница на висината на платата на вработените во РМ. Овој закон претрпе неколку измени во насока на зголемување на висината на минималната плата за сите работници и попрецизно уредување на критериумите за утврдување на висината на минималната плата, што е од особена важност за еднаква примена на законот и правната сигурност.
По пат на социјален дијалог се направени измени на Законот за работни односи во делот на унапредување на заштитата од сите облици на дискриминација, заштита за време на бременост, раѓање и мајчинство, прецизирање на договорите за вработување во насока на заштита на работниците од непријавена работа, обезбедена заштита кај спогодбените откази и сл.
На барање на ССМ се направени квалитетни измени во законите за безбедност и здравје при работа, за заштита од вознемирување на работно место и за европски работнички совети, ратификувани се повеќе конвенции на Меѓународната организација на труд и транспонирани се значајни европски директиви. По подолг временски период, со ангажман на ССМ и измена на Општиот колективен договор, повторно е воспоставено правото на регрес за годишен одмор за работниците од приватниот сектор. Задача на ССМ како социјален партнер на државата е да ја следи имплементацијата на законите од работно правната област и врз основа на детектираните слабости да предлага нови решенија и законски измени.
Не секогаш успеваме во преговорите со социјалните партнери да ги оствариме сите наши барања, но нашите активности за промовирање предлози за законски измени и решенија се континуирани, а за одредени законски решенија, ССМ поведува постапка пред Уставниот суд за оцена на регулативата.
Правата на работниците во високоразвиените земји се на многу повисоко ниво од нашето. Како македонските работници да стигнат до нивното ниво на синдикална заштита?
– Ние сме активно вклучени со свој претставник во работната група за подготовка на нов закон за работни односи. Се залагаме во новиот закон да нема кратење на ниту едно од веќе стекнатите права на работниците, туку со новото законско решение, што е можно повеќе да бидат унапредени правата на работниците. ССМ, покрај другото, се залага и за да се намали рокот на договорите за вработување на определено време од пет на две години, почнување постапка за изземање од Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор и повторна примена на Законот за работни односи за вработените во јавните комунални претпријатија основани од општините и градот Скопје. Потоа изменување и дополнување на Законот за ПИОМ во насока на воведување повеќе услови за пензионирање без зголемување на границата за пензионирање (државна социјална пензија, предвремено пензионирање, ревидирање на регулативата за бенефициран стаж, со цел правото на бенефициран стаж да се обезбеди за сите професии и занимањата каде што е тоа неопходно), изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и враќање на старото решение за плаќање надоместок од АВРМ најмногу пет години пред пензионирање за лицата на кои ќе им престане работниот однос од деловни причини и сл.
Колку се почитуваат правата на работниците, односно дали тие имаат безбедни и здрави услови на нивните работни места?
– Според Програмата за работа на Економско-социјалниот совет, до крајот на 2018 година се предвидени активности на социјалните партнери за измените на Законот за безбедност и здравје при работа. ССМ активно ќе учествува во постапката за донесување измени и дополнување на Законот во насока на активно вклучување на работниците, синдикатите и претставник на работниците во решавањето на сите проблеми од аспект на здрави и безбедни услови за работа. Нашите предлози за измена на Законот ќе произлезат од предлозите и потребите што ќе ги посочи членството. Сите барања на членството ќе бидат разгледани, систематизирани и преточени во предлози за измена на Законот од страна на органите и телата на ССМ.
Целосното остварување на правата од аспект на обезбедување здрави и безбедни услови за работа зависи од унапредување на колективното договарање пред сѐ во компаниите, на ниво на работодавец. Наша цел ќе биде да се унапреди колективното договарање во овој правец, односно ќе се залагаме сите прашања за БЗР да бидат опфатени и регулирани со колективни договори.