Воведувањето компјутерски системи и наоѓањето на софтверски решенија во компаниите е неопходно во насока на нивна промоција, како и зголемување на ефективноста и ефикасноста на работењето, кое понатаму ќе доведе до поголема конкурентност
Компаниите секојдневно се соочуваат со предизвиците на дигиталната трансформација и потребата да се користат дигитални технологии за да се забрза нивниот пораст, како и да се иновираат процесите, производите и услугите, за истите тие да се приспособат на новите генерации потрошувачи. За да бидат конкурентни македонските компании на европските пазари, сите работни процеси мора да преминат на дигитална платформа, без разлика дали станува збор за проекти, производи, маркетинг или продажба.
Според Сојузот на стопански комори на Македонија, дигитализацијата го менува начинот на кој се развиваат компаниите денес и ја зголемува продуктивноста, а со тоа ја унапредува нивната конкурентност на глобалниот пазар и претставува основна алатка за пораст и развој, како за самата компанија, така и за економијата во целина.
– Македонската економија мора да се насочи кон дигитализација на своето работење. Таа треба да се приспособи и да инвестира кон дигитализацијата поради намалување на трошоците, поголема одговорност и репутациски однос како стремеж кон достигнување на глобалните цели за одржлив развој – истакна Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Претседателот на ИКТ-комората при Стопанска комора на Македонија, Саша Огненовски, истакна дека во оваа компјутерска ера е нужно компаниите да ги следат светските технолошки трендови.
– Воведувањето компјутерски системи и наоѓањето софтверски решенија во компаниите се неопходни во насока на нивна промоција и зголемување на ефективноста и ефикасноста на работењето, кое понатаму ќе доведе до поголема конкурентност. Следење на современите трендови е неопходно за сите компании, почнувајќи од микро, мали, па до големи корпорации. Компаниите не треба да се двоумат при имплементација на одредени софтверски решенија, бидејќи со правилна инвестиција нивниот развој ќе оди во нагорна линија – напоменува Огненовски,
Како што вели тој, најголема шанса да опстанат по четвртата индустриска револуција имаат оние што поскоро ќе влезат во процесот на дигитализација.
– Како што одредени занаети од минатиот век веќе се исчезнати, така и компаниите во денешно време што нема да го следат технолошкиот напредок ризикуваат да не останат на пазарот. Се работи за временски циклус, но динамиката на промени денес е значително поголема – смета Огненовски.
Михаило Весовиќ, заменик-претседател на Стопанската комора на Србија, нагласува дека дигитализацијата е најважна тема во целиот свет.
– Сведоци сме на појава на нови видови производи и услуги, кои се значајно поевтини и поконкурентни од традиционалните. Компаниите што не ги следат трендовите и не сакаат да се модернизираат, ќе станат неодржливи на пазарот – вели Весовиќ.
Филип Симоновски од компанијата „Сим инвест трејд“ посочи дека е потребно софтверското решение што обезбедува систем за следливост и системска интеграција, придонесува за дигитализација на работниот тек и на процесите, преку интеграција на производствениот систем, развој на производствениот софтвер, креирање решенија за одржување и поддршка, планери за производство, како и организациски и колаборативни системи.
– Ова софтверско решение може да придонесе за оптимизација на енергетската ефикасност, оптимизација на магацините за резервни делови и оптимизација на производствените процеси, анализа на условите за работа на машините, како и предвидливост за нивното одржување – смета Симоновски.