Асим Меџедовиќ, координатор на асоцијацијата на компании од угостителско-туристичкиот сектор
Со промените во субвенционирањето, кои ги бараме, ќе се создадат можности за зголемување на чартер-операциите кон Македонија, од туроператори што веќе ја пласираат нашата дестинација и тоа за сите видови транспорт
Здруженијата од туристичката дејност предлагаат измени на моделот за субвенционирање на туризмот во насока на подобрување на перформансите на овој сектор и постигнување максимални ефекти. Околу предлозите, но и очекувањата од тие промени, разговаравме со Асим Меџедовиќ, координатор на Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови (ХОТАМ). Иницијативата е заеднички предлог на ХОТАМ, Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ) и на Сојузот на стопански комори (ССКМ).
Што предвидува предлогот за промена на моделот за субвенционирање во туризмот?
– Предлагаме да се изврши промена и да се дополни правилникот бидејќи истиот е од пред 10 години и модерните трендови и технологии го бараат тоа. Нашиот предлог е да се субвенционира чартер-превозот од сите места на поаѓање на авионите, автобусите или возовите со ист износ за одреден тип превоз, во зависност од капацитетот на превозното средство, со минимум пет ноќевања, престој на база ноќевање со појадок, во категоризиран сместувачки капацитет. Притоа во детали одредивме дека кај авионскиот превоз со летала што имаат капацитет на седишта од 50 до 70 патници да се одредат 4.500 евра по лет. Кај авионски превоз со капацитет од 70 до 140 патници 8.500 евра по лет, додека кај оние со над 140 седишта, 14.000 евра. Може да се субвенционираат и групи патници на редовна авионска линија, не помали од 10 лица, при што субвенцијата ќе се пресметува по патник 65 евра. Исто така би можело да се субвенционираат и автобуски чартер-линии со автобус до 30 патници, во висина од 500 евра по автобус. За линии со автобус над 30 патници, 1.000 евра по автобус. На овој начин ќе се поттикне развојот на Македонија како дестинација за туризам во таканаречената ниска сезона, и ќе може да се поддржуваат посебни области од широкиот спектар во туризмот, поточно одредени сектори како културен, конгресен, зимско-спортски, бањски или спа и други типови туризам. Кај субвенциите во железничкиот превоз сметаме дека субвенциите треба да останат за група од најмалку 10 лица.
Како ќе се гарантира реализацијата на ваквите субвенции?
– За да се реализираат субвенциите за авионски превоз треба да има генерален договор за соработка меѓу туроператорот и авиопревозникот, ако операторот не поседува своја авиокомпанија, договор за соработка меѓу туроператорот и категоризираниот сместувачки објект, или договор меѓу туроператорот и домашната туристичка агенција со лиценца А. Потоа ќе треба да обезбедат доказ за извршена банкарска уплата од туроператорот кон сместувачкиот објект. На крајот од летовите во тековната година да се бара изјава од сместувачкиот капацитет дека туроператорот ги намирил сите финансиски обврски во тековната година. Исто така ќе биде неопходна листа на затворени летови од аеродромите со детали за датум на лет, број на лет и број на патници, потоа листа со патници за групите со редовен превоз или повратни авиобилети, како и образец за аплицирање за субвенции, кој ќе биде составен дел на горенаведените документи.
Што очекувате да се промени или постигне со промените?
– Со примена на овој предлог ќе се ублажат последиците од стечајот на туроператорот Томас Кук, кој учествуваше со значаен контингент туристи. Исто така ќе има зголемување на ефектите и поголема искористеност на средствата предвидени со мерката субвенционирање, во рамките на предвидениот буџет со програмата на АППТ. Зголемена искористеност ќе се постигне доколку се зголеми бројот на автобуски и авионски чартери, прво од операторите, кои веќе ја имаат дестинацијата во својата понуда, што наедно претставува и многу силна порака кон меѓународниот пазар на туризмот односно кон други потенцијални оператори од нови пазари.
Потоа ќе се поедностави процедурата за аплицирање за субвенции и ќе се зголеми ефикасноста на институцијата при обработка на предметите. Ќе се создадат можности за зголемување на чартер-операциите кон Македонија од туроператори што веќе ја пласираат нашата дестинација и тоа за сите видови транспорт. Освен тоа, ќе се прошири пласманот и кон други држави. Може да се создадат услови за чартери во регионот, на пример од Хрватска, Словенија, Бугарија, Романија…
За колкав период би требало да важи новиот модел?
– Предлагаме да се воведат измените во времетраење од 5 години по донесувањето одлука. Во насока на зголемување на ефикасноста на советот во рамките на АППТ, како и зголемување на резултатите од работењето на АППТ бараме да биде направена интервенција во законот за основање на АППТ и да се додаде член, кој ја обврзува институцијата да ги спроведува заклучоците на советот, кои се однесуваат на прашања од надлежноста на институцијата. На овој начин ќе се добие динамика во работата на институцијата, а со намера за извршување на основните задачи на институцијата односно развој на туризмот.