Бизнис-заедницата бара да се елиминира двојно плаќање за иста намена, сумите да бидат разумни и да соодветствуваат со услугата што се добива за возврат, да се укинат парафискалните давачки за кои не се добива никаква услуга
Парафискалните давачки претставуваат голем товар за стопанството и нивниот број во континуитет се зголемува во изминативе десетина година. Ова го посочи претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, на панел-дебатата „Парафискалните давачки – каков товар претставуваат врз бизнис-секторот?“, организирана од институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“.
– Во согласност со анализите во последните десет години бројот на парафискални давачки во континуитет се зголемува. Покрај средствата, компаниите губат време во долги административни процедури со многубројна документација, кои не се современи и се сметаат за застарени. Дополнително, постојниот систем на скриени давачки е непредвидлив и тоа сериозно влијае на конкурентноста на македонското стопанство – истакна Арсовска.
Таа додаде дека Сојузот води регистар по пријави на компании, за најголемите парафискални давачки што го отежнуваат бизнисот и апелира за нивно намалување или укинување.
– Една од парафискалните давачки што ги посочуваат компаниите е потврда за извршен периодичен здравствен преглед на вработените во компанијата, за која се плаќаат суми утврдени со тарифник. Таа се прави за потврда, која секој вработен може да ја добие и од својот матичен лекар од редовен преглед преку здравственото осигурување за кое плаќаат компаниите за своите вработени. Уште еден пример е надоместокот за фискални каси, регулиран со Законот за регистрирање готовински плаќања, со кој, покрај фискалните апарати, компаниите плаќаат илјадници денари по фискален апарат за одржување, давачка што се наплаќа без разлика дали компанијата користи услуга на одржување или не. Во надоместокот се пресметува за СИМ-картичка што овозможува поврзување со системот на УЈП, која чини околу 300 денари, но разликата од цената на чинење на СИМ-картичката до вкупната сума изнесува илјадници денари по фискален апарат, секоја година – истакна Арсовска.
Еден од приоритетите, според неа, е промена на основата на која се пресметува фирмарината, парафискална давачка што компаниите им ја плаќаат годишно на локалните власти. Арсовска посочи дека за фирмарина сите компании плаќаат иста сума, која за микрокомпаниите е огромен трошок за разлика од големите претпријатија што го плаќаат истиот износ.
– Субиндикаторите на парафискалните оптоварувања, според Светскиот економски форум, укажуваат дека непотребните административни трошоци во Македонија се највисоки во споредба со Црна Гора, Србија и со Хрватска. Истото тоа се однесува и на трошоци поврзани со регулативата, како и на транспарентноста во носење на легислативата и прописите – додаде Арсовска. Таа истакна дека е потребна контрола при воведување на парафискалните давачки и напуштање на практиката секоја институција, агенција, управа, општина да донесуваат одлуки за нови давачки и за нивната висина.
Големиот број парафискални давачки непотребно го оптоваруваат стопанството и неопходен е регистар за систематизација, како и соодветно намалување на скриените давачки и олеснување на секојдневните процеси.
Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека една од основните цели на политиките на Владата е создавање поволно деловно опкружување, кое ќе овозможи раст и развој на претприемаштвото и раст на продуктивноста и конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија.
– Повикувајќи се на ваквите заложби на Владата, бизнис-секторот преку стопанските комори побара да се направи анализа на сите парафискални давачки на централно и локално ниво и да се разгледа можноста за намалување или укинување одредени парафискални давачки што претставуваат административен товар за микро, малите и средните претпријатија – истакна министерот Бектеши и нагласи дека Министерството за економија постапило по барањата на бизнис-секторот.
Бектеши информира дека иако висината на даночното оптоварување во Македонија е на ниско ниво, од околу 13 отсто, и се намалува секоја година, сепак компаниите се жалат на парафискални давачки.
– Честопати има и поклопување на исти давачки и такси на централно и локално ниво. Дополнителен проблем е фактот дека кај некои од давачките и таксите немаат јасна цел за што би се користеле и што се финансира преку нив. Покрај висината и видовите на јавни давачки, основа за постоење на неформална економија може да биде и сложениот систем на пресметка и примена на давачките, како и нетранспарентност на процедурите за плаќање на давачките. Во такви случаи фирмите и граѓаните може ненамерно да не платат некоја давачка, бидејќи не се информирани или поради сложената процедура, или, пак, да платат погрешен износ – истакна Бектеши.
Според министерот, податоци од анализата ќе значат дека и во иднина Министерството за економија ќе продолжи да соработува со бизнисот во насока на подобрување на бизнис-климата, што во крајна цел ќе значи не само поголем раст и развој на компаниите туку и на целата економија.