Во јужниот гасен коридор се вложени 40 милијарди долари и со него ќе се носи каспискиот гас низ Азербејџан, Грузија, Турција, Грција, Албанија и низ Јадранско Море во јужна Италија
Проектот Трансанатолски гасовод за природен гас (ТАНАП) ќе влезе во употреба на 12 јуни, според турскиот министер за енергија и природни ресурси, Берат Албајрак. ТАНАП, кој се протега од источната турска провинција Ардахан на границата со Грузија кон границите со Грција и со Бугарија, е централен и најдолг дел од Јужниот гасен коридор (СГЦ).
Главната цел на овој коридор е да обезбеди гас од Шах Дениз во Азербејџан до Европа преку Југозападниот гасовод (СЦП), ТАНАП и Трансјадранскиот гасовод (ТАП). Јужниот гасовод тече од Азербејџан преку Грузија до Турција, а ТАП почнува во Грција и поминува низ Италија преку Албанија и Јадранско Море.
Во јужниот гасен коридор се вложени 40 милијарди долари, и со него ќе се носи каспискиот гас низ Азербејџан, Грузија, Турција, Грција, Албанија и низ Јадранско Море во јужна Италија.
Првичниот капацитет на ТАНАП се очекува да изнесува 16 милијарди кубни метри гас годишно и, според плановите, постепено ќе се зголеми до 31 милијарда кубни метри гас.
Од првичните 16 милијарди, околу 6 милијарди кубни метри гас ќе бидат испорачани во Турција, а преостанатиот волумен ќе биде испорачан во Европа.
ТАНАП се протега од турската граница со Грузија, почнувајќи од турското село Туркџозју, ќе поминува низ 20 провинции.
Со 19 километри под Мраморно Море, магистралниот гасовод во Турција достигнува вкупно 1.850 километри, заедно со станиците и надземните инсталации, како 7 компресорски станици, 4 мерни станици, 49 блока за вентил и 2 станици за исклучување за снабдување на турската национална мрежа за природен гас.
Трансјадранскиот гасовод (ТАП) ќе се поврзе на ТАНАП за да го пренесе природниот гас до европските нации. ТАП поминува низ Северна Грција, Албанија и низ Јадранско Море, пред да дојде на брегот во Јужна Италија каде што ќе се поврзе со италијанската мрежа за природен гас. Проектот е во фаза на изградба, кој почна во 2016 година.
Откако ќе биде изграден, ТАП ќе понуди директна и економична транспортна мрежа, која ќе го отвори виталниот Јужен гасен коридор, 3.500 километри долг синџир на вредности на гас, кој се протега од Касписко Море до Европа.
Дизајнот на гасоводот е развиен во согласност со признаени национални и меѓународни безбедносни стандарди. Должината на овој гасовод достигнува 878 километри, највисоката точка на ТАП е 1.800 метри во планините на Албанија, а најниска 820 метри под Јадранско Море.
Првичниот капацитет на ТАП од 10 милијарди кубни метри гас годишно е еквивалентен на потрошувачката на енергија од околу седум милиони домаќинства во Европа. Во иднина, додавањето две екстра компресорски станици би можело да ја удвои продуктивноста до повеќе од 20 милијарди кубни метри гас.
Преку гасоводот Јужен Кавказ (СЦП) се извезува природен гас од полето Шах Дениз, кое се наоѓа во азербејџанското Касписко Море до Азербејџан, Грузија и до Турција. Гасоводот со должина од 692 километри почна со испорака на гас за Азербејџан и за Грузија во септември 2006 година. Доставената испорака на гас за Турција почна во јули 2007 година.
Нафтоводот сега се проширува за да може да пренесува дополнителен гас од втората фаза на развојот на Шах Дениз. По завршувањето во 2017 година, капацитетот на нафтоводот ќе се зголеми за 16 милијарди кубни метри годишно до 23 милијарди.
Македонија засега нема аплицирано за приклучок на овој гасовод, иако со конкурентен приклучок ќе може да очекуваме пониски цени на овој енергент. Дополнително намалување на цените се добива доколку низ државата поминува гасоводот и се транспортира до други земји.
Засега земјата останува да се снабдува од постојниот гасовод, кој од Русија преку Унгарија и Бугарија стигнува и во Македонија. Бидејќи од расположливиот капацитет од околу 800 милион нормални кубни метри се користи најмногу една четвртина, поради што цената на гасот е висока, а тоа секако се одразува и врз бизнис-секторот, чии трошоци се повисоки.
Пред неколку дена првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, ја посети главната мерна станица на гасоводот на ГА-МА на влезната точка кај селото Жидилово, Кривопаланечко. Целта на посетата беше истакнување на важноста на процесот на гасификација за унапредување на работењето на стопанството и за обезбедување одржлив развој.
– Македонија има сериозна трговска размена од 1,2 милион долари и стоковна размена од 22,1 отсто со Турција, Албанија и со Бугарија, земјите што ги поврзува Коридорот 8, а состојбата со коридорот е очајна, особено на единствената влезна точка на гас. Овде сме за да ја видиме фактичката состојба. Треба да има пруга, ама сѐ уште ја нема, има гас што не го користиме, патот е изграден пред 50 години и дополнителните трошоци и условите влијаат на конкурентноста на нашите производи – истакна Азески
Другите споредни причини за тоа што Македонија плаќа најскап гас во регионот се неразвиената примарна гасоводна мрежа и уште повеќе неразвиената секундарна гасоводна мрежа и достапност до домаќинствата. Исто така, проблем е и што гасоводот завршува во Македонија, нема можност за намалување на трошоците по основа на негово транзитирање низ системот.
Намалување на малопродажните цени на гасот кој се користи во Македонија ќе се овозможи со спроведување на гасификација на индустријата по градовите во Република Македонија кои досега немаа можност да се приклучат на постојниот гасоводен систем. Со изградба на магистралниот гасовод до Тетово, Гостивар, Штип, Неготино, Прилеп и Битола како и Фени индустри, ќе се овозможи приклучување на индустријата и дистрибуцијата во градовите, со што ќе се зголеми потрошувачката на природен гас и искористеноста на расположливиот капацитет.