Вработени од ФЗЦ „11 Октомври“ денеска протестираа пред Владата изразувајќи незадоволство од, како што велат, нерешавањето на случајот со отпуштањето на 120-те работници, кои не сакале да потпишат анекси кон договорите за вработување.

Како што велат од Синдикатот на индустријата, енергетика и рударство (СИЕР)Државниот инспекторат за труд во последните три месеци има издадено решенија за незаконитости во фабриката, но оти работодавачот поднесува приговори до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор која е разрешена веќе неколку месеци така што нема кој да одлучува.

– Работодавачот го откажа колективниот договор, предлагајќи потпишување нов со намалени права и примања за работниците, кои тоа не го прифатија, сметајќи дека нивните плати се и онака неприфатливо ниски. Рабодавачот понуди анекси кон договорите за вработување заради отстранување на коефициентот на сложеност на работните места (платите се израмнети на ниво на минималната согласно закон до коефициент 1,40) кои работниците не сакаа да ги прифатат. Под притисок пред отказ, дел од нив на крајот ги потпишаа анексите, а околу 120 работници не ги потпишаа. Тие добија отказ на договорот за вработување со понуда на истиот анекс на договорот, посочуваат од СИЕР.

На средбата што ја одржаа попладнево претставниците на Синдикатот со вицепремиерот Кочо Анѓушев, како што соопштија од неговиот Кабинет, им било укажано дека Владата ги поддржува во остварувањето на нивните работнички права, во согласност со позитивните законски прописи кои важат во Република Македонија,

– Им ги посочивме законските надлежности на Владата, бидејќи сите проблеми не може да бидат решени само со протест пред Владата. Побаравме трпение од работниците, и ќе ги охрабриме надлежните институции да го завршат својот дел од работата. Инспекторатот за труд веќе постапи во согласност со своите надлежности, а и сите останати институции ќе ја завршат својата обврска согласно законските прописи, посочил Анѓушев, кој додал дека Владата ќе се заложи за забрзување на постапката за формирање на државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка од страна на Собранието на Република Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев ги повикал сопствениците на ФЗЦ 11 Октомври да покажат разбирање кон потребите на работниците и да ги почитуваат Законите во делот на работничките права. бак/лв/ 18:13

###