Фото: Маја Јаневска-Илиева

Достапноста на грижата за децата е клучна за да им се овозможи на мајките рамноправно да учествуваат на пазарот на трудот, поради што владите треба да му дадат приоритет на отворањето на училиштата и на градинките и да ја намалат веројатноста за ново затворање, укажуваат од ММФ

СПОРЕД АНАЛИЗА НА МЕЃУНАРОДНИОТ МОНЕТАРЕН ФОНД

Ефектите на пандемијата врз работниците се разликуваат низ светот, но заедничко за многу држави каде што пандемијата удри силно е што истата таа ги стави вработените мајки во многу незгодна позиција. Поради затворањето на училиштата и градинките, мајките се принудени да ги напуштат работните места или да ги намалат работните часови за да се грижат за своите деца. Од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) истакнуваат оти нивните анализи го потврдуваат енормното влијание на пандемијата не само врз економијата како целина туку и врз вработените мајки. Според ММФ, жените со мали деца се меѓу најголемите жртви на економските блокади, а овој заклучок го извеле врз основа на истражување спроведено во три земји силно погодени од пандемијата, Велика Британија, Шпанија и САД.
– Мајките на мали деца биле непропорционално повеќе погодени од рестрикциите и мерките за ограничување. Затворањето на училиштата и учењето од дома наметнаа обврска родителите, пред сѐ мајките, да се грижат за децата. Како резултат на тоа, многу жени што во голема мера ја презедоа тежината на грижата за децата и за домашните работи дури и пред пандемијата ги напуштија своите работни места или го намалија бројот на работни часови. Жените со помлади деца претрпеа поголеми загуби на работа или пад на работните часови отколку другите жени и мажи во сите три земји – пишува во текстот на кој покрај директорката Кристалина Георгиева, потпишани се и Стефанија Фабрицио, Диего Б. П. Гомеш и Марина М. Таварес.
Анализа изработена од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, покажува дека поради пандемијата без работа останале голем број работници што извршуваат дејност во домовите, при што се посочува дека најпогодени се негувателките.

– Домашните платени работници се работници што работат во домаќинствата на работодавецот, како градинари, хигиеничари, возачи, негуватели на деца, на стари и болни лица, приготвувачи на храна… Во рамките на оваа група ранливи работници, најпогодени се оние што пред пандемијата работеле исклучиво во домот, од кои најголем дел жени негувателки на деца и други лица, на возраст над 50 години, без писмен договор, со плата до 12 илјади денари. Дури 87 отсто од нив изгубија работа за време на пандемијата, поради што 90 отсто од доходот заработен на ваков начин е загубен – наведуваат од „Фајненс тинк“.
Претставниците на жените бизнисмени посочуваат дека, во согласност со статистичките податоци, најголем дел од компаниите што ги водат жени се микро и мали фирми, што ги прави поподложни на удари.
– Фирмите што ги водат жени најголем дел се мали компании, дури може да се каже нанокомпании, со еден или двајца вработени. Најчесто се од услужниот сектор за кој знаеме дека е најпогоден од пандемијата. Во оваа ситуација на пандемија кога не ни се решени многу други работи за да бидеме заштитени и да ја работиме својата работа како жени претприемачи, додека истовремено се грижиме за семејството, за децата, за постарите, паралелно и работа од дома… сето тоа претставува многу голем товар за да може да се одржи во живот и претпријатието – вели Валентина Дисоска, претседателката на Здружението на бизнис-жени.

Таа додава дека Владата треба да има поголем слух за жените во оваа сфера и дека не треба да ги третира исто како вработените во поголеми или помали бизниси, затоа што тие носат поголем товар во услови на пандемија.
Од ММФ препорачуваат државите да донесат мерки за поддршка на мајките со мали деца, за да се олесни нивното враќање на работа.
– Достапноста на грижата за децата е клучна за да им се овозможи на мајките да учествуваат на пазарот на трудот. Владите да дадат приоритет на отворањето на училиштата и градинките и да ја намалат веројатноста за ново затворање. Мајките и жените зафаќаат работни места за кои е потребна интеракција лице в лице. Пандемијата диспропорционално ги уништи ваквите работни места, а некои од нив нема да се вратат. Затоа, потребна е поддршка за работниците во наоѓање други работни места, преку вработување со субвенции и програми за обука – се посочува во анализата на ММФ.
Монетарците исто така укажуваат дека со искористување на потенцијалот на современата технологија, преку подобар пристап до дигитална инфраструктура, пристап до интернет, со поголема финансиска и дигитална писменост може да се поттикнат жените повеќе да се вклучат во работните процеси.
– Бидејќи светската економија сè уште закрепнува од пандемијата, за таа да закрепне целосно, жените треба да се интегрираат во работната сила – истакнуваат од ММФ.