Поддршката за компаниите за исплата на платите, финансиските средства за граѓаните со ниски примања, новата бескаматна кредитна линија и други економски проекти се најдоа во отчетот што премиерот Зоран Заев го даде по повод стоте дена од формирањето на Владата. Заев посочи дека паралелно со спроведувањето на здравствената стратегија, подготвен е четвртиот пакет економски мерки за одржливост на економијата и за спас на работните места.
– Активиравме политики и мерки за рестарт на домашната економија и за забрзан економски раст, цели што си ги поставивме да бидат најважни во Програмата за работа на Владата за мандатот 2020-2024 година. Главниот фокус при ребалансот на буџетот за 2020 година беше на спроведување на антикризните економски мерки и на инвестирање во човечкиот капитал, односно образованието, здравството и социјалната заштита. Со четвртиот пакет антикризни мерки во износ од 460 милиони евра, заедно со вкупната вредност на претходните три пакети од 550 милиони евра, значи дека околу 1 милијарда евра се насочени кон граѓаните и стопанството, за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација – кажа Заев.
Тој дополни дека била обезбедена поддршка за исплата на плати за последниот квартал од годината, со која ќе бидат поддржани близу 90.000 работни места на месечно ниво, односно над 250.000 плати за последниот квартал. Исто така се осврна на поддршката од шест илјади денари за пензионерите, самохраните родители и другите ранливи категории граѓани.
– Во првите 100 дена од работењето на оваа влада, се потпишаа нови договори со 39 компании и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 56 милиони евра. Околу 400 домашни компании што во ковид-кризата инвестираа 100 милиони евра, ги поддржавме со 17,3 милиони евра директна буџетска поддршка. Енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии, се иднината на развојот. Имаме одлука што ја реализираме и постепено преминуваме кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија – водата, сонцето и ветерот, за постепено исфрлање од употреба на јагленот како извор на енергија – појасни Заев.
Според премиерот, државата мора да фати чекор со трендовите за да има економски напредок, поради што донеле одлука за формирање тимови за преговорите за терминалот на течен гас, природен гас и за гасна централа во Александропулос, Грција. Според него, заедно со интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, ќе се обезбеди трајно и сигурно снабдување со гас за македонската гасоводна мрежа, чија подготовка за градба, како што рече, е во напредна фаза.
Тој објасни дека заедно со надградбата на постојниот нафтовод, креираат систем што ја прави Северна Македонија дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан.
– Се поставуваат нови 62,5 мегавати фотоволтаици, кои се во фаза на изградба, по пат на јавно-приватно партнерство, а успешно е завршен првиот дел од постапка за инсталација на 100-мегаватна фотонапонска електроцентрала во Осломеј, каде што државата очекува најмалку со 10 отсто за ресурсите што ги нуди. Десетмегаватната фотонапонска централа веќе сами како држава преку ЕСМ ја градиме во Осломеј – посочи премиерот.