Еден од најзначајните проекти што влегува во имплементација оваа година е проектот за поврзување на локални патишта, односно изградба и санација на локални патишта и улици во општините со вкупна должина од околу 450 километри, изјави Благој Бочварски од СДСМ.
– Проектот предвидува, инвестиции во рехабилитација на локални патишта и улици во 80 општини низ државата, вклучувајќи ги и општините во Градот Скопје, што подразбира дека Министерството за транспорт и врски, односно Владата директно ќе им помага на општините во подобрување на локалната патна мрежа преку рехабилитација на улици и патишта во сите општини – рече тој.
Бочварски кажа дека ќе се имплементираат и дополнителни мали проекти кои овозможуваат подобрување на безбедноста, на мобилноста и превозот на пример: градежни работи за изгрaдба на потпорни ѕидови, мали свлечишта, пропусти за прифаќање на поројни води и други објекти по должината на патната мрежа со кои ќе се санираат небезбедни и ризични места.
– Вкупната вредност на овој проект изнесува 70 милиони евра средства кои се обезбедени од Светска Банка, а секоја општина според утврдена методологија одобрена од Светска банка на располагање ќе има одредена висина на средства и секоја општина ќе добие од 500 илјади евра до 2 милиони евра – рече Бочварски.