Деветтото издание на Самитот „Македонија 2025“, за првпат ќе се одржи во хибридна/дигитална форма од 1 до 3 декември 2020 година преку онлајн конференциската платформа хопин.
Самитот „Македонија 2025“ е врвен регионален настан кој претставува платформа за споделување знаења, поврзување на бизнисите и поттикнување промени во регионот на Југоисточна Европа.
Пандемијата на ковид-19 и здравствената и економската криза низ светот, се неизбежна тема на сите дискусии, собири, конференции во овој период.
Додека Самитот ги покрива овие теми, сепак целта е зголемен фокус кон заздравување на економиите, економските реформи, како и претставување на успешни примери и најдобри практики кај компаниите од земјава и светот.
Ќе се зборува за економските реформи и меѓународните односи за време на здравствената и економска криза, за тоа како да изградите успешен бизнис во земја во развој, а ќе се дискутира и за моќта на компаниите со култура ориентирана кон луѓето.
Се очекува вклучување на над 400 високи претставници на институции и организации, дипломати, извршни директори, претприемачи, членови на академијата и млади лидери.
Некои од говорниците на годинешниот Самит ги сочинуваат: Енди Пејкоф, основач на најголемата компанија за вода во светот „Нијагара ботлинг“, една од најуспешните претприемачки во Канада со македонско потекло – Сузан Ничовски, понатаму Харди Пемхива, извршен директор на „Еконет Глобал Лимитед“ во Јужна Африка, групација која се залага за градење на одржливи бизниси со позитивен придонес кон општеството и многу други.
Покрај панел-дискусиите, Самитот вклучува и инспиративни интервјуа, разговори со врвни бизнисмени, лидери, носители на политики и признати професионалци од областа на медицината, како и специјален настан со Претседателот Стево Пендаровски и успешните млади Македонци за иновациите и кодирањето.
Сите заинтересирани може да го пријават своето учество на овој настан чија цел е поефикасна и економски просперитетна иднина за регионот на Југоисточна Европа. Билетите можат да се купат по цена од 20 евра, а регистрацијата се врши на следниов линк.