Невработеноста падна на 16,6 отсто
Стапката на невработеност во четвртиот квартал минатата година изнесувала 16,6 отсто и е намалена во однос на третиот квартал, кога изнесуваше 17,1 отсто. Стапката на активност во последното тримесечје од минатата година е 57,5 проценти, а стапката на вработеност 47,9 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Во четвртиот квартал минатата година, активното население во државава изнесувало 968.604 лица, од кои вработени се 807.362, а 161.242 лица се невработени. Од невработените лица, 33.508 се со високо образование, 71.914 со средно четиригодишно образование, 12.931 со средно тригодишно, а со основно образование се 34.869 лица.
Податоците покажуваат дека најголем вработувач е преработувачката индустрија каде што се вработени 161.007 лица.
Недостига родов баланс на повисоките работни места
Повисоки работни позиции за жените во корпоративниот свет, подобрување на состојба на жената во руралните средини, развој на женското претприемништво, издигнување на свеста за важноста од родовиот баланс во сите сектори, како и нивно позиционирање на раководни функции е од голема важност за економскиот развој на Македонија. Ова беше истакнато на вчерашната прес-конференција организирана од Сојузот на стопански комори на Македонија, Националната федерација на фармери и Здружението на бизнис-жени.
– Во споредба со високоразвиените европски земји сè уште постои родова нееднаквост. Заостануваме зад просекот на ЕУ во речиси сите домени. Позиционирање на високи места драстично се разликува во приватниот и во јавниот сектор, бидејќи во јавниот има квоти. Доколку постои свест и култура на почитување на вредностите, квотите не би требало да постојат. Но додека да се премости таа разлика, и квалитетот да биде на прво место за добивање на одредената позиција, треба да се размисли за воведување квоти во приватниот сектор, по примерот на Германија, која пред 5 години воведе минимални квоти за жени во одборите на директори во големите компании – објасни Габриела Кулебанова, потпретседателка на Сојузот.
Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери истакна дека предизвиците во руралните средини се многубројни, од социјална исклученост на жените, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите, како и од право на платено родителско отсуство, ограничен пристап до образование, здравствена заштита.., што, според неа, е причина за поголема сиромаштија и миграција.