Гасоводот од Грција ќе влезе меѓу Богородица и Стојаково
Претставници на Национални енергетски ресурси, на состанок кај гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков, презентираа дека гасоводот од Грција во нашата земја ќе влезе меѓу селата Богородица и Стојаково. Според проектот, гасоводот ќе минува низ територијата на општината Гевгелија кај селата Прдејци и Смоквица, а градот Гевгелија ќе биде споен со него на приклучната станица, која ќе се гради на влезот од градот.
Беше нагласено дека интерконективниот гасовод од Грција, кој ќе се вкрсти кај Неготино со гасоводот од Бугарија, има огромно значење бидејќи ќе обезбеди предуслови за поголема раширеност на гасоводната мрежа во земјата. Проектот треба да се реализира до крајот на годинава, а за приклучувањето на Гевгелија ќе биде изработен посебен проект за секундарна гасоводна мрежа за што општина веќе аплицирала за негова изработка на објавениот повик од амбасадата на Шведска,УНДП и Министерството за локална самоуправа.
Европа ги враќа вечерните возови
Вечерните возови се враќаат во неколку европски земји. По пауза од 16 години, кон средината на минатиот месец, првиот вечерен воз што ги поврзува Виена и Брисел ја напушти австриската престолнина во правец на белгиската метропола, пишува „Дојче веле“.
Австриската национална железница ОББ, која е сопственик на оваа траса, планира до крајот на годината да воведе и вечерен воз што ќе ги поврзува Виена и Амстердам. Оваа компанија, која е во државна сопственост, не е единствената што гледа добри бизнис-потенцијали во промените на навиките на Европејците и во растечката свест кон заштитата на животната средина.
Во 2017 година емисиите на јаглерод диоксид, кои доаѓаат од транспортниот сектор на земјите од ЕУ, изнесувале 28 отсто од вкупното загадување и биле над нивоата од 1990 година.
Европскиот Зелен договор, за кој во моментот се расправа во ЕК, има цел да го промени таквиот тренд.
ХСБЦ укинува околу 35.000 работни места
Британската банка ХСБЦ најави дека ќе укине околу 35.000 работни места и соопшти дека профитот во 2019 година ѝ паднал за 33 отсто.
Во соопштението на ХСБЦ се наведува дека целта е намалување на трошоците на работењето за 4,5 милијарди американски долари (3,5 милијарди фунти) до 2022 година, во рамките на големото реструктурирање на банката и намалување на имотот за 100 милијарди долари, пренесува Би-би-си.
Ноел Квин, привремен генерален директор, рече дека ХСБЦ во наредните три години ќе го намали бројот на вработени од сегашните 235.000 на околу 200.000.