Народната банка ја намали основната каматна стапка
На седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка е намалена основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, со што таа ќе изнесува 1,5 отсто. Одлуката за монетарно олабавување се темели на стабилизирањето на очекувањата и довербата на економските субјекти во последниот период, видливо преку подобрените движења на девизниот пазар и кај депозитите во банкарскиот систем. Овие околности, при оцена за неповолни ефекти од здравствената криза врз економската активност на краток рок, отвораат простор за натамошна поддршка преку монетарната политика. Се очекува ова да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките, да обезбеди дополнителна ликвидност во банкарскиот систем, со кој банките ќе ја поддржат домашната економија.
Исто така, централната банка ќе им овозможи на банките поголем пристап до ликвидност, доколку во следниот период се појави таква потреба. Со проширување на опфатот на хартиите од вредност, кои Народната банка може да ги прифати од домашните банки како инструменти за обезбедување денарска ликвидност во банкарскиот систем. При спроведување на монетарните операции за откуп на хартии од вредност на привремена или дефинитивна основа, Народната банка ќе може да ги прифаќа и домашните државни обврзници со најдолга рочност (15 и 30 години), како и еврообврзниците издадени од државата на меѓународните финансиски пазари, кои се во сопственост на домашните деловни банки.