Банкротира втората најголема латиноамериканска авиокомпанија
Колумбиската авиокомпанија „Авианса холдингс“, втората најголема латиноамериканска компанија и една од најстарите во светот, поднесе барање за банкрот, откако настапи рокот за исплата на обврзниците, а колумбиската влада не одговори на нивните молби за помош.
Ако не успее да излезе од банкротот, „Авианса“ ќе биде еден од првите главни превозници во светот што пропаднаа поради пандемијата на коронавирусот, која предизвика пад на глобалниот авиопромет од 90 отсто, пишува „Гардијан“.
„Авианса“ уште од крајот на март не сообраќа на редовните патнички линии, а поголем дел од 20.000 вработени не примаат плата од почетокот на кризата.
Претставник на „Авианса“ изјави дека компанијата сè уште прави обиди да обезбеди државна помош.
Скокна бројот на невработени во Ирска
Стапката на невработеност во Ирска во април изнесувала рекордни 28,2 отсто, а според новите пресметки, ги вклучува и корисниците на кризни надоместоци за невработеност за време на пендемијата на коронавирусот, објави тамошниот завод за статистика.
Уште во февруари невработеноста изнесувала само 4,8 отсто, а во март скокна на 15,5 отсто, потсетува Ројтерс.
Априлската стапка е приспособена за ефектите од ковид-19, а скокна бидејќи се зголеми за повеќе од двојно и бројот на граѓани што побарале поголеми кризни надоместоци, достигнувајќи 602.107 барања.
На ова треба да се додадат и 216.900 корисници на редовни надоместоци за невработени.
Ако се изземат корисниците на кризни надоместоци поврзани со пандемијата, стапката на невработеност во март изнесувала 5,4 отсто.
Големи турбуленции на германскиот пазар на трудот
Многу германски индустриски гранки укинуваат работни места како резултат на кризата предизвикана од коронавирусот, соопшти германскиот институт „Ифо“, со оцена дека кризата и натаму ќе се чувствува на пазарот на трудот.
Во соопштението се наведува дека откази во април врачиле 39 отсто од автомобилските компании, 50 отсто од хотелите, 58 отсто од рестораните и 43 отсто од туристичките агенции.
– Отсега натаму оваа криза ќе има влијание врз германскиот пазар на трудот – изјави Клаус Волрабе, водач на истражувањето.
Како што наведува институтот, поголем процент на откази од просекот е регистриран и во многу други сектори, но не и во фармацевтската индустрија.
Најтешко се погодени покраините Баварија и Баден-Виртемберг, а најмалку откази имало во Сарланд и Ринеланд- Палатинате.