БМВ го продолжи производството во Кина
Повеќе од 20.000 работници во производствениот погон на „БМВ брилијанс“ се вратија на работа и продолжија со нормално производство.
„БМВ брилијанс“ е мешана компанија на германскиот БМВ и кинескиот производител на автомобили „Брилијанс ауто“, со седиште во кинескиот град Шенјанг. Тоа е најголем производствен погон на БМВ надвор од Германија, а се користи за производство, дистрибуција и продажба на БМВ-автомобили во Кина.
Непосредно пред избивањето на епидемијата, во нивната фабрика беа инвестирани дополнителни 1,2 милијарда долари и постоеше страв за големи загуби доколку се одолжи ситуацијата со епидемијата.
Продолжувањето на производството значи и превентивно спроведување на безбедносните мерки, поради што фабриката обезбеди 120.000 заштитни маски, како и друга заштитна опрема.
Во фабриката се уверени дека, без оглед на проблемите на почетокот на годината, ќе ги достигнат резултатите од минатата година, јавуваат кинеските медиуми.
Хрватска со пакет мерки за помош на економијата
Хрватскиот сабор го прифати владиниот пакет мерки вреден речиси 30 милијарди куни (3,9 милијарди евра) за помош на економијата погодена од пандемијата на коронавирусот.
Пакетот содржи 63 мерки чија главна цел е зачувување на работните места и исплата на плати, јавуваат хрватските медиуми.
Со овие мерки ќе им се овозможи на инвеститорите и на граѓаните погодени од коронавирусот одложување на плаќањето на јавните давачки, како што се даноците на доход и добивка, како и на придонесите.
Плаќањата ќе бидат одложени на три месеци, со можност за продолжување за уште три. Потоа ќе биде овозможена отплата на тие долгови на рати без камата, во рок од 24 месеци.
Европските пиварници и дестилерии произведуваат средства за дезинфекција
Пиварниците и дестилериите низ Европа ги користат своите производствени погони за да изработат средства за дезинфекција на рацете и така да помогнат во борбата против коронавирусот.
„Брев дог“, „Леит џин“, „Вердант спиритс“ и „Пернод Рикард“ се вклучени во напорите за зголемување на производството на средства за миење на рацете, кои во многу земји станаа реткост поради зголемената побарувачка, пишува „Си-ен-ен“.
Некои дестилерии во САД најавија дека и тие ќе ги вложат истите напори.