Сѐ уште не е изградена свеста за значењето на претприемаштвото и на приватната иницијатива за развојот на економијата, без што ќе нема средства ниту за администрацијата, објаснуваат стопанствениците
Продуктивноста на јавната администрација континуирано опаѓа, наместо да биде професионална, ослободена од политика, ефикасна, да работи за развој на земјата и да биде сервис на граѓаните и на стопанството. Економските експерти велат дека, иако функционалноста на администрацијата, од регулирањето до реализацијата и надзорот, претставува фундаментален услов за успешен бизнис и раст на економијата, сѐ уште со години се чека на одредени согласности само поради нефункционалното и некоординирано постапување на институциите.
– Јавната администрација не се зголемуваше повеќе од растот на вкупната економија, но вредноста што ја создаваше беше сѐ помала и помала. Резултатот не е администрација што е преобемна, туку администрација што произведува резултати и вредности што не се доволно квалитетни. Причините може да бидат повеќекратни, но клучна причина остануваат вработувањето и напредувањето без почитување на принципот на квалификации, компетенции и заслуги – велат од институтот за економски прашања и политики „Фајненс тинк“.
Вработувањата во јавниот сектор се зголемиле колку што пораснала и вкупната вработеност во економијата
Оттаму додаваат дека јавната администрација е сконцентрирана во четири сектори, од кои јавната управа и одбрана се во целосна државна сопственост, додека образованието е со 93 отсто, здравствена и социјална заштита со 61 отсто и уметност, забава и рекреација со 29 отсто.
– Бројот на вработени во јавниот сектор од овие четири дејности беше во постојан пораст. Споредено со 2011 година, во 2018 година вработувањата во јавниот сектор од овие дејности се зголемиле за 17,2 отсто, речиси исто колку што пораснала и вкупната вработеност во економијата за истиот период – 17,6 отсто. Продуктивноста на вработените во јавниот сектор од овие четири дејности опаѓа. Таа бележи фрапантен пад од 13,3 отсто меѓу 2011 и 2018 година, споредено со вкупната продуктивност, која пораснала за 1 отсто – потенцираат од „Фајненс тинк“.
Според нив, решенија за овој проблем се воведување сеопфатен систем за евалуација, во кој секој вработен се оценува од надредени, „врсници“, подредени и клиенти и се формира композитна оцена.
– Наедно, потребно е воведување повеќе скалила во службата, со драстична разлика во платата меѓу крајните скалила, потоа отежнување на унапредувањето, а олеснување на деградацијата. Потребен е Закон за висока раководна служба со комисии од надворешни чинители за спроведување интервјуа со кандидатите за неполитички функции (позитивен пример е изборот на Антикорупциската комисија). Воспоставување неколку филтри на евалуација при вработување службеници, од кои најмалку еден е целосно независен од институцијата што вработува – сметаат од институтот.
Верни гласачи и партиски војници
Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија, нагласува дека јавната администрација е еден од проблемите за кои се зборува многу години, но никако да се најде решение за тоа.
– Проблемот е што овие работници се сметаат за „верни“ гласачи на владејачките партии и реформите би задирале во нивните интереси. Факт е дека имаме голема, непрофесионална и лошо распоредена администрација. Во одредени области имаме многу малку луѓе што знаат и се обучени за работа, а преостанатите се партиски „војници“ што се вработени во администрацијата, а немаат знаење ниту, пак, се обучени за работата – нагласува Димитров.
Тој додава дека е очигледна потребата за длабока реформа и за утврдување критериуми за компетентност, по што сите некомпетентни треба да си заминат од администрацијата и потенцира оти би било добро клучните административни работници да не се политички ангажирани и за тоа ако е потребно да добиваат финансиски надомест.
– Но има и друг проблем, односот на администрацијата кон бизнис-заедницата. Сѐ уште администрацијата не е свесна за значењето на претприемаштвото и приватната иницијатива за развојот на економијата. А без развој на економијата, ќе нема средства ниту за администрацијата. Кај нас се направија голем број проекти во оваа област, но работите тешко се менуваат. Затоа, за силна реформа е потребна политичка согласност на најголемите политички партии и за ова прашање да се изгради консензус, за да не може никој да го користи за добивање политички поени – потенцира Димитров.