По одлуката на второстепената комисија, со која се раскинува договорот за експлоатација на рудникот „Иловица – Штука“, министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека го потпишал документот со кој пред Владата ќе се бара одлука за раскинување на овој договор.
– Одлуката е конечна и ние како министерство постапивме по неа. Ја потпишав одлуката за едностран раскин на договорот за Иловица и сега оди пред соодветните комисии и пред Владата, каде што треба да се расправа и донесе соодветна одлука – изјави Бектеши.
На најавата за тужба од оштетената компанија „Еуромакс ресурсис“, која инвестираше во досегашните работи, министерот за економија одговори дека внимателно ги следат сите законски процедури и се подготвени на секој можен чекор.
– Многу внимателно ги следиме сите процедури, за да не ја ставиме државата во незгодна ситуација и да ја одведеме на Арбитражен суд. ако другата страна реши да оди на арбитража, да бидеме подготвени како држава и како влада – рече Бектеши.
„Еуромакс“ најави дека ќе ја обжали на суд на одлуката на владината комисија, откако Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен ја потврди одлуката на Министерството за економија да го одбие барањето на „Еуримакс“ за дозвола за експлоатација.
Македонија веќе е пред Арбитражниот суд во Париз по тужба на грчки „Хеленик“ со втора тужба за „Окта“, а има најави од компанијата „Рубау“ за изградбата на патот од Фариш до Дреново, потоа од компанијата „Кунико“ за тендерот за „Фени индустри“ и од компанијата „Сардич“ за рудникот „Казандол“.