Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваше на првата од двете панел-дискусии на осмата конференција на Европската централна банка (ЕЦБ) за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ). Оваа панел-дискусија следеше веднаш по поздравното обраќање на претседателот на ЕЦБ, Марио Драги и излагањето на директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард. Со неа претседаваше потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гвиндос и таа им беше посветена на предизвиците со кои се соочуваат земјите од ЦИЈЕ во контекст на глобалните трговски тензии. Се разгледуваа клучните прашања поврзани со промените на глобалниот трговски пејзаж коишто се резултат на зголемените протекционистички мерки и влијанијата коишто тие можат да ги имаат врз економиите на земјите од овој регион, кај кои во голема мера растот е предводен од извозот и често е поддржан од нивната вклученост во глобалните синџири на производство.
– Земјите од регионот на ЦИЈЕ се мали и отворени економии со висок степен на трговска и финансиска интеграција со остатокот од светот, а пред сѐ со Европската Унија, што упатува на можност за пренос на надворешни шокови, вклучително и трговски шокови во нив. Сепак, иако ризиците се присутни и може да се остварат, досега во регионот не се забележани позначајни ефекти од забавувањето на глобалната трговија – нагласи меѓу другото Ангеловска-Бежоска во своето излагање.
Во рамките на дискусијата, акцентот беше ставен и на потребните промени во моделите на економски раст, заради намалување на подложноста на економиите на шокови во надворешното опкружување, како што се поголемо фокусирање кон инвестициите за подобрување на продуктивноста и конкурентноста на економиите, тежнеење кон раст придвижен од иновациите и раст што ќе се заснова на поголема регионална трговска интеграција, којашто е особено значајна за малите економии.
Одделно внимание им беше посветено и на каналите преку кои може да се пренесат неповолните надворешни случувања во домашната економија, при што гувенерката на нашата централна банка посочи дека не е во прашање само трговскиот канал којшто може да доведе до помал извоз, туку дека неповолните ефекти може да се почувствуваат и преку каналот на намалена доверба на инвеститорите, што може да доведе и до помали капитални приливи во регионот, како и преку затегнување на условите на финансиските пазари.
На оваа панел-дискусија на Конференцијата на ЕЦБ, покрај Ангеловска-Бежоска учествуваа и гувернерот на словенечката централна банка, Боштјан Васле, директорката на Одделот за економски прашања на Европската инвестициска банка, Дебора Револтела и главниот економист на Европската банка за обнова и развој, Сергеј Гуриев, а воведно излагање имаше генералниот директор на Директоратот за економски и финансиски работи при Европската комисија, Марко Бути. Тие заеднички констатираа дека треба да се продолжи со политики за задржување на макроекономската стабилност, но и со структурните политики коишто можат да го зголемат долгорочниот потенцијал за економски раст и да ја намалат ранливоста на економиите.
Втората панел-дискусија им беше посветена на одговорите на монетарната политика во ЦИЈЕ на финансиските шокови. Со неа претседаваше Беноа Кере од Извршниот одбор на ЕЦБ, а
учествуваа гувернери на неколку централни банки и претставници на ММФ и Светската банка.Меѓу говорниците на ова издание на значајната традиционална конференција на ЕЦБ, Ангеловска-Бежоска беше единствениот висок претставник на централна банка на земја којашто сѐ уште не е членка на Европската Унија (ЕУ). Поканата упатена до неа за активно учество на една од двете панел-дискусии е уште една потврда дека во европската централнобанкарска заедница се препознаени и се вреднувани активностите коишто нашата централна банка ги презема чекорејќи по патот кон Европскиот систем на централни банки.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска го искористи своето учество на Конференцијата, којашто се одржа вчера во Франкфурт, и за одделни средби со високи претставници на ЕЦБ и со колеги од централни банки на земји од ЕУ.