Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2021 година продажбите достигнуваат 7.165.890.933 денари, што е за 4 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 9.449.288.430 денари, за 6 проценти повеќе.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 6 отсто, како и вкупниот консолидиран извоз на компанијата. Од вкупните консолидирани продажби, 35 проценти се остварени на домашниот пазар, а 65 отсто на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19 проценти, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 12 отсто, а на другите пазари еден процент од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (123 отсто), Полска (92 отсто), Русија (52 отсто), Украина (47 отсто), Унгарија (42 отсто), Бугарија (26 отсто), Чешка (25 отсто) итн. За првпат во сегментот фармација се реализираа продажби во Австрија, Португалија и на Кипар, а во сегментот козметика се реализира првата поголема продажба на колекцијата „Бекутан“ во Саудиска Арабија.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 87 отсто. Од нив, поголем удел имаат препаратите ОТЦ, со удел од 20 проценти, антибиотиците со 19 отсто, кардиолошките препарати со 14 проценти, невролошките препарати заземаат 14 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 13 проценти во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата со 3, козметиката со 8, а билкарството со 2 отсто.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2021 година изнесуваат 850.639.878 денари.
Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.687.034.470 денари, бележи зголемување од околу 14 проценти, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 978.479.923 денари и е зголемена за 16 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.766.595.559 денари и бележи раст од 14 проценти, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 989.201.826 денари е зголемена за 17 отсто. При извршувањето на оперативните активности „Алкалоид“ ангажира 1.055 домашни доставувачи.

Вработени

Во периодот јануари – септември 2021 година во „Алкалоид“ се реализирани 178 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 100 проценти од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во РС Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Групацијата „Алкалоид“ има 2.511 вработени, од кои 1.933 се во базата во Скопје, а 578 се вработени во подружниците во странство.

Податоци за акциите

Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2021 година се движеше од 13.300 денари до 18.350 денари, или просечно 15.272 денари за една акција, што претставува раст од 26,5 отсто во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година. На 30.9.2021 година акциите на „Алкалоид“ беа во сопственост на 5.114 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 24,5 милијарди денари.

Бизнис-план за 2021 година

Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, на седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12 проценти од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 отсто на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7 проценти на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2020 година.
Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на подготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од пандемијата на ковид-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период за неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрозат здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во претстојниот период врвен приоритет останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност и остварувањето на планските цели.