„Џунглата“ беше името на бегалскиот камп во срцето на Европа, кој на врвот од своето постоење смести 10.000 бегалци. Тој беше лоциран во Франција во градот Кале. Минатата година француската влада го затвори и го урна бегалскиот камп „Џунглата“, делумно и поради ужасните услови за живот на бегалците, кои живееја во импровизирани засолништа што лесно се поплавуваа, а беа полни со глувци и со стаорци. Постојат и многу други долготрајни бегалски кампови. Чудно е, но и вообичаено, тамошните мизерни услови да служат како подлога за воинственост и за радикализација. Некои терористички организации (пр. Исламскиот џихад) се „родени“ токму во бегалски кампови
Според извори на ОН, ние бевме и сѐ уште сме сведоци на најголемата бегалска криза од Втората светска војна наваму. Приближно 65 милиони бегалци талкаат по светот во потрага по безбедно засолниште од хаосот. Масовната преселба создава потреси низ континентите, создава бегалска криза и го разгорува стравот насекаде низ Земјината топка. Проблемот со бегалците е комплексен. Тој е и отпорен на површни генерализации. Но со подлабоко и подолгорочно истражување и анализа се откриваат три мита што се најсуштествени во врска со бегалците:
1. Статусот „бегалец“ е краткорочен
2. Вистинските бегалци се целосно немоќни и имаат потреба од помош
3. Во бегалскиот проблем, првенство му се дава на (квази)легалниот проблем, пред сите други т.н. „човекови права“.
Кој е бегалец?
Терминот „бегалци“ ни ја доловува сликата на бедни жртви, избегани од големи разрушувања, опишани со изразот „со ништо на себе освен со облеката“, па според тоа, комплетно зависни од надворешна помош за опстанок. Иако многумина од бегалците се совпаѓаат со ваквиот опис, за некои од нив тој не е соодветен.
Според Конвенцијата за бегалци на ОН од 1951 година, бегалец е „оној што не е во можност или не сака да се врати во својата матична земја поради основан страв од гонење поради својата раса, религија, националност, членство во општествена група или политичко мислење“. Оваа генерална дефиниција ги опфаќа не само сиромашните бегалци, туку и оние што преку влезот во земјата-домаќин поседуваат значителна воена, политичка и/или економска сила. Во доцните 1960-ти, палестинските бегалци во Јордан вклучуваа силно вооружена војска под името Фатах. Тие почнаа да го контролираат граѓанскиот живот во Јордан, креирајќи една виртуелна „држава во држава“. Поставија контролни пунктови по улиците, незаконски наметнуваа даноци и јавно ги понижуваа јорданската војска и полиција.
Таквата состојба заврши со судирот во 1970 година, кога јорданскиот крал Хусеин прогласи воен закон, поразувајќи ги дојденците во тешки борби, во кои наводно загинаа 3.500 Палестинци (настанот е познат под името Црниот септември). Бегалците од Руанда и од Бурунди (наречени Тутси), кои дојдоа во Уганда, формираа добро обучена бунтовничка војска, која во 1986 година го донесе на власт актуелниот претседател на Уганда, Јовери Мусевени. Во 1994 година, истата бунтовничка војска, предводена од Пол Кагаме, која подоцна се трансформираше во Патриотски фронт на Руанда, му стави крај на геноцидот на Тутсите во Руанда и го постави Кагаме за претседател. Бегалците Тутси во Уганда често беа имотни, доаѓајќи во оваа земја со својот добиток. Богатите ирачки бегалци во Јордан, пак, значително ги зголемија цените на недвижниот имот и генералните животни трошоци. Накратко, тешката бегалска ситуација не може да се дефинира со едностран приод. Сите бегалци не се создадени од ист материјал. Како и секоја друга група луѓе, тие се разликуваат по своите способности, ресурси и мотивација. Иако е очигледна лошата ситуација со нивните страдања – разбирањето на нивното крајно влијание во сферите на политиката, економијата и психологијата бара еден посуптилен пристап, оној што ги зема предвид сите нивни разлики.
Еднаш бегалец – секогаш бегалец?
Вообичаена претпоставка за бегалците е дека нивниот статус е привремен и дека порано или подоцна ќе се вратат дома. Оваа претпоставка е дискутабилна според здравиот разум, но и според фактичката состојба. Очекуваното заминување на бегалците од земјата-домаќин се базира на надежта дека околностите што ги истерале повеќе не постојат. Многу често тоа не е случај, ако воопшто спокојството може да се врати во родината на бегалецот по повеќедецениски немири. Дотогаш, многу бегалци ќе се приспособат, на ваков или онаков начин, на условите во земјата-домаќин, нивните деца ќе бидат родени и одгледани таму, па нема да знаат за друга (социјална, политичка и културна) реалност од онаа што постои во таа земја. Нивното враќање во матичната земја би повлекло сериозно нарушување на рутината и повторно приспособување, дури и во случај кога условите за тоа враќање (постигнат мир и помирување) би станале поволни.
Факти од теренот
Додека бегалските кампови оригинално беа замислени како привремена мерка, сегашниот просечен престој за индивидуални лица во бегалските кампови изнесува неверојатни 17 години. Палестинските бегалци ја сочинуваат најголемата и најдолготрајна бегалска популација во светот. Другите примери вклучуваат сомалиски бегалци во Кенија, кои почнаа да го населуваат бегалскиот камп во Дадааб во 1991 и допрва треба да заминат, всушност, овој камп сѐ уште расте. Дадааб во моментов има речиси 500.000 бегалци – меѓу кои 100.000 се бегалци од третата генерација, кои се родени во кампот. Ако Дадааб беше град, ќе беше четвртиот по големина во Кенија. До неодамна, уште еден сличен камп можеше да се најде во Кале, Франција, каде што бегалците почнаа да пристигнуваат уште во 1992 година. Кале беше домаќин на „Џунглата“ – бегалски камп во срцето на Европа, кој на врвот од своето постоење смести 10.000 бегалци. Кампот „Џунглата“ беше затворен и урнат од страна на француската влада минатата година, делумно поради ужасните услови за живот на бегалците, кои живееја во импровизирани засолништа што лесно се поплавуваат, полни со глувци и со стаорци.
Постојат и многу други долготрајни бегалски кампови. Камповите во Пакистан, кои беа основани за авганистанските бегалци во 1979 година, сега се претворени во постојани сиромашни квартови во кои живеат речиси еден милион луѓе. Слично на ова, речиси 300.000 бегалци од Дарфур живеат во комплекс од кампови во Чад уште од 2004 година. Над 100.000 бутански бегалци, наречени Лотшампи, од 1990 година живеат во бегалски кампови во Непал. Во 1972 година стотици илјади бегалци од Бурунди пребегаа во Танзанија и останаа таму, а во 2008 година, конечно, на 162.000 од нив им беше доделено танзаниско државјанство. Имајќи го сето ова предвид, јалова е претпоставката дека бегалците се „привремени гости“ што наскоро ќе си заминат дома. Сепак, ниту бегалските кампови не се решение. Чудно е, но и вообичаено, тамошните мизерни услови да служат како подлога за воинственост и за радикализација. Палестинските терористички организации (Хамас, Фатах и Исламскиот џихад) се „родени“ токму во бегалски кампови.
Кевин Вајт, директор на језуитската Служба за бегалци на Уганда раскажува дека на младите од камповите во Уганда им е здодевно, се чувствуваат незадоволни и желни се да им се приклучат на борбите во Јужен Судан, како форма на профитабилно и респектабилно вработување. Нашето скорешно истражување за сириските бегалци во Јордан, Либан и во Турција укажува дека, во споредба со бегалците што успеале да организираат живот надвор од камповите, „внатрешните“ беа значително пофрустрирани, воинствени и подготвени да се вклучат во насилство врз своите „детектирани“ непријатели. Очигледно, претпоставката за краткотрајноста на ситуацијата со бегалците нема реална основа. Потребно е современо размислување, кое ќе даде гаранција дека највисоката хуманитарна активност – помагањето на немоќните луѓе – правилно се применува и во реалноста.
Права наспроти потреби
Она што се смета за хуман третман на бегалците, обично се базира на концептот за човековите права. Универзалната декларација за човекови права беше ратификувана од Генералното собрание на ОН во 1948 година. Таа „им ветува на сите луѓе економски, социјални, политички, културни и граѓански права, кои се потпираат на живот ослободен од беда и страв. Тие не се награда за добро однесување. Тие не се однесуваат на одредена земја, ера или социјална група. Тие се неотуѓиво право на сите луѓе, во секое време и на секое место. Признавањето на вроденото достоинство, како и на еднаквите и неотуѓиви права на сите членови на човештвото, претставуваат основа на слободата, правдата и мирот во светот. „Универзалната декларација за човекови права послужи како основа за Бегалската конвенција од 1951 година, која е најстариот текст во врска со овој конкретен проблем. Таа содржи 46 члена во кои се наведени правата на бегалците. Помеѓу другото, тука влегуваат правата како што се: пристап до судовите, следувања за храна или други потреби, јавно образование, слобода на движење и забрана за протерување.
Нема сомнеж дека пристапот за човековите права во однос на бегалците е добронамерен и заснован на темелните хуманитарни вредности. Сепак, од психолошка перспектива, тој е „дефектен“ во однос на две сродни точки: прво, листата на т.н. човекови права, иако базирана на здрав разум, сепак е произволна, наместо да извира од јасно изразената концепција на човековата природа и нејзините фундаментални потреби; второ, пристапот за човекови права е бирократски и фокусиран на превентивата. Тој подразбира должност и обврска да не се дозволи прекршување на бегалските права – на тој начин воведувајќи минималистички стандард за владините и другите релевантни здруженија, наместо да понуди позитивен пример за промовирање на бегалската благосостојба. Психолошката наука откри еден збир од основни човекови права, чие исполнување е предуслов за задоволство и благосостојба. Овие вклучуваат физиолошки потреби поврзани со физичкиот опстанок (како храна и вода), но исто така и психолошки потреби, какви што се безбедноста, сигурноста, љубовта/приврзаноста и чувството на важност и почит.
Ваквиот збир од докажани потреби, наместо произволниот збир од „човекови права“, треба да послужи како клуч за третманот на бегалците, кој ќе обезбеди нивно задоволство и конструктивно приспособување на животот во земјите-домаќини. Покрај тоа, инсистирањето на правата и нивното можно кршење ги ставаат одговорните за решавање на проблемот во една состојба на „превентивно размислување“ (како што веќе кажавме). Наместо да се фокусира на зголемувањето на бегалската благосостојба, „пристапот за правата“ има цел да го намали кршењето на тие права (и придржување кон соодветната казна за тоа). Иронично, ова ја открива поголемата загриженост за институционалните „згрижувачи“ (кои ја прават „вистинската работа“) наместо онаа за бегалците што им се доверени на грижа. Проблемот со бегалците е универзален и во постојан пораст, тој има потенцијал да ги дестабилизира општествата и да поттикне насилство и екстремизам во светски рамки. Игнорирањето би било на сопствен ризик, исто како и неговото набљудување низ призмата на застарени стереотипи и митови, чија веродостојност е веќе целосно побиена од безброј факти.
Во темата се користени делови од анализата на Арие Круглански, професор на универзитетот „Мериленд“