Македонија не е исклучена од феноменот на лажни вести. Тој проблем не е нов, а технолошкиот напредок го зголемува предизвикот. Ова беше посочено денеска на Дигиталниот самит во Скопје во рамки на панелот „Медиумите во дигитална ера:справување со лажни вести“.
– Проблемот со лажните вести е што се губи довербата и тоа е најголем предизвик за традиционалните медиуми, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Министерот за отчетност Робер Поповски, посочи дека Македонија не е исклучена од феноменот на лажни вести.
– Заробената држава верувам дека е зад нас, но алатките се уште се тука. Покрај се што се случи праксата не престана. За локакните избори се создаде измислица дека во општините низ Македонија ќе бидат населени бегалци. Тоа сега не престанува, неодамна се појави измислица дека спомениците ќе се тргаат со бугарски кранови – посочи Поповски.
Во насока на справување со тоа, продолжи тој, Владата забрани владино рекламирање, се заложи за целосна поддршка на слободата на медиумите и транспарентност и отчетност, за што веќе е промовирана и алатка.
– Велес не ги измисли лажните вести, туку некој само добро заработи со нив. Ќе се стремиме Велес да биде препознаен како синоним на борбата против лажните вести – рече Поповски.
Рејчел Врајт, новинар и продуцент од Би-Би-Си, смета дека најголем проблем сега е што информациите луѓето не ги добиваат само од традицииналните медиуми кои прават филтрирање, туку се информираат од многу различни страни и медиуми.
Според неа, луѓето не ги анализираат вестите и новинарите треба да го прават тоа за нив, што сега е суштината на проблемот со лажните вести.
Ерик Бурнс, експерт за медиуми и стратегија од САД рече дека лажните вести, како што сега се разбираат, во суштина се традиционални лажни и полулажни, непроверени информации.