Дејан Азески

Поморството е исплатлива професија, но бара многу труд, многу учење и многу инвестирање. Стефан Јанкоски топло им го препорачува на сите млади од Македонија, но под услов прво да се сигурни дека ги сакаат бродовите и морето, бидејќи без тоа, како што вели, не може да се успее. Од Риека и Хрватска има само најдобри спомени, но и сугестии како врз база на хрватскиот да се подобри и македонскиот образовен систем. Иако неговата мисија е еден ден да плови по седумте мориња, тој не се дистанцира ниту од случувањата во македонската езерска пловидба. Според него, дополнителното развивање на езерската пловидба, формирањето помала македонска трговска флота, па дури и повторното заживување на идејата за пловен Вардар се сигурни инвестиции во посветла економска иднина

Стефан Јанкоски, студент по наутика на Поморскиот факултет во Риека

Стефан Јанкоски е слика и прилика на тоа како треба да изгледа и да се однесува еден иден кадет (помлад поморски офицер). Тој секогаш е педантно облечен, наменски ја одржува физичката кондиција, а за време на студирањето се воздржува од секакви пороци и какво било губење на драгоценото време.
Кога е во родниот Охрид, речиси целото време го поминува зад кормилото на еден од четирите големи туристички бродови, а искусните охридски капетани уште одамна го имаат забележано како одличен кормилар, кому му предвидуваат светла иднина.
Сепак, неговите амбиции се многу поголеми од малото симпатично охридско пристаниште. Стефан веќе втора година е во Риека, Хрватска, и таму ги вложува сите свои интелектуални и финансиски можности за да го реализира својот детски сон – еден ден да стане вистински школуван поморски офицер, кадар каков што Македонија немала со децении. Не му се тешки ниту јазичната ниту културолошката бариера, а не се жали ниту на оддалеченоста од 1.180 километри од Охрид до Риека.
Во продолжение, Стефан ни раскажува за своите мотиви, своите визии и мисии, а дава и интересни предлози и идеи за развој на државата преку развој на затворената (езерска и речна) и отворената (морска и океанска) пловидба.

Од каде се раѓа љубовта кон бродовите, поморството и, конкретно, кон навигацијата? Дали тоа се должи на некои стари семејни интереси и предиспозиции или е комплетно твоја идеја?
– Љубовта кон бродовите и наутиката ја имав уште од мали нозе, практично откога знам за себе. Уште како дете гледав филмови за морето, пловидбата и поморството како дејност. Дури и детските игри ми беа поврзани со тоа. Потекнувам од Охрид и речиси сите од мојата фамилија се занимавале со едриличарство или риболов и, општо, со пловидба по езерото. Брат од мојот дедо ја имал функцијата капетан на Охридската капетанија, но, и покрај тоа, радикалната одлука да заминам и да ја студирам наутиката како наука за океанска навигација беше исклучиво моја.

Опиши го патот што требаше да го изодиш за да се запишеш на Поморскиот факултет во Риека. Дали тоа е тешко и комплицирано за еден просечен Македонец?
– Како и секој матурант што завршува средно образование и аплицира за факултет, така и јас ги имав истите двоумења од типот: дали ќе бидам примен на факултетот, дали го направив вистинскиот избор итн. Меѓутоа, можам да кажам дека процедурата за упис и барањата на факултетот се исти како и на нашите факултети, со некои мали додатоци. За жал, студирањето во Хрватска навистина бара материјални средства, бидејќи засега странските студенти што не се од земји во ЕУ немаат никакви бенефиции. Но за секој подвиг пред сѐ е најважно да се има желба. Тука морам да им се заблагодарам на моите родители, кои ја поддржаа мојата желба и се одлучија да го финансираат моето студирање. Исто така, благодарност и до општината Охрид за симболичната стипендија, која, сепак, е значајна за мене.

Со каков прием и каков прв впечаток се стекна кога стигна во Хрватска? Како би го опишал односот на Хрватите кон тебе и како би го коментирал нивниот образовен систем во однос на нашиот?
– Уште кога се одлучив да студирам наутика, и покрај тоа што имав можности да учам во земји како Италија и Германија, во себе знаев дека сакам да студирам само во Хрватска. Јазикот го познавав уште како дете, бидејќи читав литература на хрватски јазик, и тоа не ми беше никаков проблем. Поморскиот факултет во Риека е најстариот во Хрватска и има најголема традиција, па, така, се одлучив дека тоа е вистинското место за мене. Брегот на Истарскиот Полуостров и делот на Кварнер, каде што лежи и самата Риека, е познат по гостопримството и љубезноста на жителите. Почувствував огромно задоволство уште во првиот месец, бидејќи брзо се стекнав со пријатели и наидов на помош во секоја област. Што се однесува до образовниот систем, сепак мислам дека е подобро организиран од нашиот, бидејќи им се посветува големо внимание на основните и средните училишта, а тоа е впечатливо веднаш, со самите познавања што ги имаа моите врсници. Поморскиот факултет во Риека има професорски кадар што е многу стручен во својата област и во тек со новитетите што ги овозможува технологијата, но најважно е тоа што професорите своите знаења и искуства несебично ги споделуваат со нас – студентите.

И покрај твојата младост, доста си познат како умешен кормилар на Охридската туристичка флотила веќе неколку години. Колку оваа практика ти помогна во учењето и дали и понатаму ќе те гледаме во истата „капетанска улога“?
– Пред сѐ, во оваа пригода морам да изразам благодарност спрема заповедниците и посадата на бродовите „Александрија“ и „Галеб“ во Охрид, каде што ги стекнав моите први искуства, како од теоријата така и од практиката. Можам да кажам дека благодарение на таа практична основа, успеав брзо да се пробијам на мојот факултет, со оглед на тоа што мнозинството студенти воопшто немаа никакви предзнаења од областа на наутиката. Дефинитивно практиката на бродовите во Охрид е многу значајна за мојот успех, како во учењето така и во вежбањето на моите инстинкти и факторот на процена, кој е многу важен при маневрирањето со бродот (кое е главно најстресниот дел од пловидбата).

Какви се твоите планови по дипломирањето на насоката навигација? Со што можеш и планираш да се занимаваш низ својата професионална кариера?
– Јас го избрав овој факултет само со една намера – пловидба! Поморскиот факултет во Риека соработува со повеќе светски компании, како што се „Торм“, ЦМА-ЦГМ, „Маерск“ итн. Се надевам дека по дипломирањето ќе имам шанса да се видам себеси во некоја од светските поморски компании, почнувајќи како кадет, па до највисоките чинови во палубното одделение, а тоа се прв офицер и капетан на бродот. Засега ме привлекуваат патничките бродови или LNG-технологијата.

На кормилото на бродот „Александрија“ во Охридското пристаниште

Ајде да кажеме нешто и за Македонија. Каква е моменталната состојба со кадар и технички услови во македонската затворена пловидба? Врз база на твоето академско, но и практично искуство, што би ѝ советувал на Владата? Како да им го олесниме животот на бродарите и како истовремено да обезбедиме услови за развој на секторот?
– Затворената пловидба во Македонија најмногу е концентрирана на Охридско Езеро. Тоа е најголемо и нуди услови за аматери-љубители, како и за комерцијални услуги. Можам да кажам дека во Охрид моментално имаме четири активни туристички бродови, а во следната година очекуваме уште најмалку два со иста големина. Во последните неколку години имаме значаен пораст во бројот на пловни објекти, но немаме развој на инфраструктурата. Знаеме дека сите пристаништа во светот се базираат на инфраструктурата, па, така, тоа мора да се развива и кај нас. Редовно мора да се прокопуваат пристаништата за длабочина, особено во Св. Наум. Изградба на ново или проширување на старото пристаниште исто така е важно, бидејќи старото веќе нема капацитет да се справи со развојот. Проектот за марина е исто така стар, но сѐ уште нема реализација. Тие се главните проблеми на пиедесталот. Што се однесува до кадарот, за нашите услови кадарот што го имаме е доволно стручен, меѓутоа страдаме од негов дефицит. Немаме млади луѓе што се заинтересирани во оваа сфера. Сметам дека би требало да имаме барем еден мал центар за обука во рамките на нашата капетанија, со што би се зголемил интересот, а и сигурноста во пловидбата.

Дали е физички можно да се изведе приспособување на коритото на реката Вардар за транспорт на стока и луѓе и дали речниот бродски транспорт со помош на баржи е исплатлива инвестиција?
– Со денешната технологија и совети од експерти за потребната област, ништо не е невозможно. Насекаде имаме примери за развиениот интегриран транспорт (на пример, Холандија и Германија), кој овозможува брза испорака на производите. Меѓутоа секогаш е најважно прашањето дали е инвестицијата исплатлива. Не сум многу стручен во областа на економијата, но можам да потврдам дека најевтиниот транспорт се одвива со помош на баржи и железница. Колку се поразвиени тие две гранки и поврзани меѓусебно, толку е полесно и поисплатливо за државата. Но, сепак, Македонија е мала земја и моментално во криза, а овде зборуваме за многу сериозна инвестиција. Можеби идејата доаѓа во обѕир за годините што следуваат.

Кажи ни нешто повеќе околу приватниот живот на морнарите. Дали сметаш дека е тешко да се живее класичен семеен живот кога си по три или шест месеци континуирано отсутен од дома? Колкава е жртвата што ја бара оваа преубава но, во исто време, многу изискувачка професија?
– Иако сѐ уште не сум го почувствувал тоа на моја кожа, сметам дека тоа е начин на живот на кој човек се навикнува за одредено време. Познавам многу поморци што имаат семејства и функционираат нормално. Во денешно време договорите се пократки и технологијата овозможува секојдневна комуникација. „Лебот од седумте мориња“ е тежок, но оваа професија е склоп од многу интересни науки, овозможува разглед на сите четири страни на светот, шанса да се видат појави во живо, кои човек од копно може да ги гледа само на екран. И на крајот да го кажеме позитивното гледиште – ова е уникатна професија, која овозможува шест месеци годишен одмор.


Не гледам причина зошто не би имале морска трговска флота

Пред неколку години на нож беше дочекана идејата за формирање македонска морска трговска флота. Сепак, малкумина експерти од струката ја прогласија идејата за добра. Каков е твојот став? Дали земјите што немаат море треба да имаат барем своја трговска флота?
– Не гледам причина зошто не би имале. Швајцарија и Чешка се пример за хендикепирани земји што имаат своја трговска флота. Меѓународното поморско право ги регулира тие процедури. Мислам дека како земја што има соседни држави од три страни што имаат оперативен морски брег не би требало да има тешкотии. Најголема тешкотија секогаш е пронаоѓањето инвеститор. Постои едно верување дека секој бродар мора да има барем три брода за почеток. Во спротивно, не се очекува добивка.