Од вкупниот број деца родени во 2017 година, повеќе од половина се невакцинирани, односно дури 53 проценти, додека од децата родени во 2016 година, невакцинирани се повеќе од една третина, или 36 проценти
Децата треба да се вакцинираат, а стравот што го има кај родителите предизвикан од разните антивакцинални кампањи е неоснован, велат имунолозите откако Министерството за здравство вчера на прес-конференција прогласи епидемија на морбили, или мали сипаници, на територија на градот Скопје поради 12 нови случаи, а министерот Венко Филипче информира дека сите се невакцинирани лица со МРП-вакцината.
Претходно од Министерството соопштија и дека само во Скопје 15 илјади деца на возраст до 14 години не се вакцинирани и дека најголема е бројката на невакцинирани деца од предучилишна возраст. Тоа, според имунолозите, во најголема мера се должи на разните антивакцинални непроверени кампањи, кои еднакво ги загрозуваат и тие што одбегнуваат да бидат вакцинирани и луѓето од нивното поблиско и подалечно опкружување.
– Родителите треба да ги вакцинираат своите деца. Стравот кај родителите од ММР-вакцината е неоснован. Нема потреба ниту од одложување на вакцинацијата. Не е основано ниту чекањето детето да прооди и да прозбори па да се вакцинира, затоа што нема никаква основа ниту научен доказ за тоа – вели директорката на Детската клиника и имунолог, професор Катерина Ставриќ.
Таа додава дека нема потреба од никакво одложување на вакцинацијата, за да не се доведеме во состојба во која се можни опасности и лош исход.
– Иста е состојбата и со соседните земји, Грција, Косово, Бугарија, Србија, и факт е дека ризикот е голем. Родителите што не ги вакцинираат своите деца треба да знаат да слушаат проверени извори, кога веќе се обидуваат да се едуцираат за вакцините, тоа да го прават од проверени извори. Онаа студија што излезе во 1999 година дека вакцината предизвикува аутизам, по десет години беше побиена со научни докази. Со таа студија всушност и почна антивакциналната кампања – објасни Ставриќ.
Директорката тврди и дека родителите залудно ги носат своите деца на вакцинација во соседните земји, а особено во Грција, затоа што вакцините насекаде се исти и од проверен производител.
Надлежните соопштија дека поради невакцинирањето, постои голема опасност од ширење епидемија низ целата држава.
– Опфатот е особено низок кај предучилишните деца, односно од вкупно 39.009 деца (родени во период 2013-2017), дури 11.256 (29 отсто) не се вакцинирани. Овие податоци се порака до родителите да ги разберат сериозноста на ова заболување и реалниот ризик за проширување на епидемијата во Македонија и навреме да ги заштитат своите деца – посочи д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.
Д-р Билјана Данаиловска од Центарот за јавно здравје-Скопје истакна дека од вкупниот број деца родени во 2017 година, повеќе од половина од нив се невакцинирани, односно дури 53 проценти, додека од децата родени во 2016-та невакцинирани се повеќе од една третина, или 36 проценти. Опфатот со прва доза МРП-вакцина за предучилишни деца е најнизок во општините Центар, Карпош и Аеродром, во кои речиси половина од децата не се вакцинирани. Додека, пак, висок процент на вакцинација со МРП-вакцина се бележи во општината Сопиште, каде што нема невакцинирани, и Шуто Оризари, со 9,07 проценти невакцинирани. И покрај тоа што кај училишните деца ситуацијата е подобра, односно од вкупно 65.806 деца од прво до деветто одделение, невакцинирани или некомплетно вакцинирани се 3.728 деца или 5,7 проценти, сепак загрижува податокот дека невакцинирани, или некомплетно вакцинирани се 20 проценти од децата во прво одделение. Со возраста расте и опфатот со вакцинацијата и кај децата од петто до деветто одделение, каде што не се вакцинирани помалку од пет отсто.
Стручните лица апелираат до родителите навреме да ги вакцинираат и со тоа да ги заштитат своите деца, бидејќи вакцината е единствената безбедна и ефикасна мерка за спречување на епидемијата и за заштита на децата од можните сериозни компликации на малите сипаници!
Мајка на девојче од Радишани, пак, вели дека поради тоа што го вакцинирала своето дете, сега нејзината ќерка има сериозни здравствени проблеми.
– Не вакцинирам затоа што ќе го изгубев детето од вакцината за дифтерија тетанус пертусис, или кај луѓето позната како дитепер, но и од многу мои познаници што доживеале лоши искуства. Не верувам во вакцините. Јас лично бев вакцинирана за ММР, па на 16 години се заразив од морбили и ќе починев поради несоодветно лекување. Имунизацијата значи дека ќе сме комплетно заштитени, а не да го прележиме вирусот во поблага форма – вели таа.
Мајката вели дека со вакцинацијата децата се заштитени само од пет до седум години. Потоа организмот не е заштитен и никој не е сигурен.
– Моето дете доби алергиски реакции и доживотни последици. Доволно говори фактот што низ светот има судски случаи дека вакцините сепак не се квалитетни и добри. Ете, моето дете е алергично на јајце и не смее да ја прими ММР-вакцината. Секојдневно поминуваме низ системот. Тие велат дека морам да ја вакцинирам, јас со потврди од матичната купувам време, затоа што не знам како ќе ми реагира детето на вакцината – објасни таа.
Инаку, бројот на заболени од сипаници расте и во цела Европа.
Триесет држави пријавиле повеќе од 13 илјади случаи годинава, до септември, што е четири пати поголем број од истиот период пред две години.
Според неодамнешниот извештај од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, ниту една од триесетте земји што биле дел од истражувањето, немале ниту еден случај на мали сипаници, што, пак, е најголемо заболување во Грција, Франција, Италија, Романија и во Велика Британија, каде што се евидентирани 85 проценти од сите случаи. Од мали сипаници починале 33 лица оваа година.
– Малите сипаници продолжуваат да се шират во Европа, бидејќи процентот на вакцинација во земјите е помал од тоа што треба да биде – велат од Европскиот центар за превенција и контрола на болести.
Забрана за носење невакцинирани деца во градинките
Принудени сме од утре да донесеме привремена мерка забрана за носење деца што не се вакцинирани во градинките, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Осум од заразените се хоспитализирани на Инфективната клиника и сите се со компликации со бронхопневмонија. Двајца се со потешка клиничка слика. Меѓу заболените има 8-месечно бебе и деца на возраст од три и пол и четири години. Има и еден возрасен, на 31-годишна возраст.
Во Скопје во моментов се регистрирани 13 случаи на морбили, а се очекува потврда за уште 6.
Од Институтот за јавно здравје велат дека пред 1972 година имало епидемии со над 1.250 смртни случаи и над 12 илјади заболени, пред да се воведе вакцината. Морбилите се сметаат за тешко заболување, може да предизвикаат тешко воспаление на белите дробови и менингитис.