Вториот концерт за пијано и оркестар на Сергеј Рахмањинов (1873-1943) е, недвосмислено, легендарно дело на овој музички творец. Еден од омилените на репертоарот на врвните пијанисти, плени со раскошот и силината на емоциите вградени во музиката.
Во времето кога почнал да го пишува (во 1900 година) Рахмањинов бил пред тежок предизвик по лошите критики што ги добил по праизведбата на Првата симфонија. Под притисок на сопствените очекувања, а и на очекувањата на публиката и на критичарите, се нашол среде творечка криза. Излез од неа нашол во хипнотерапевтските сеанси на извесен Николај Дал, кому потоа му го посветил концертот. Дали токму хипнозата го извлекла Рахмањинов не е сосема сигурно, но сигурно е дека прекрасната музика што тлеела во длабочината на неговата душа ја здогледала светлината на денот и засекогаш останала запишана со златни ноти во историјата на човештвото.
Не можам да најдам доволно убави зборови за да ја опишам музиката. Таа зборува самата за себе. По грандиозните воведни акорди на пијаното, следува романтична, широка, богата мелодија во оркестарот. Темите постојано се надоврзуваат една на друга, се испреплетуваат, солистот „разговара“ со оркестарот. Зад брзите арпеџа во пијаното лебди нежна лирска линија кај виолончелото. Дувачките инструменти мечтателно плачат со солистот. Кога се чини дека чувствата не можат да бидат посилни, следува нов вулкан, нова ерупција. По неа нежна и смирена мелодија, во која провејува руската душа. Бравурозниот крај остава без здив, возбудата го достигнува својот климакс.
Секојпат кога го слушам или го свирам овој концерт моето срце се растреперува. Заедно со срцето на мојата Н.
Лада Шоптрајанова Петровска