Фото: Пиксабеј

Трилер

Роберт Торн

…dal ragu napoletano alla „kasoleula“ milaneze, dalla zuppa di pesce abruceze…
Со раскрилени раце, дон Ѓузепе Фето, весело ги канеше своите гости со наполитанско рагу, миланска касеола, рибарска чорба од Абруцо…

На свечено поставената маса во неговата рајска градина, што би се рекло, имаше од пиле млеко. Сѐ беше подредено на светоста на големата средба. Неговата раскошна вила блескаше милувана од сончевите зраци на Сицилија, а чистиот морски здив беше посакувано мени и поткрепа за старечките гради на гостите.

Имаше голема симболика во фактот што средбата помеѓу некогашните гангстерски босови, кои со години го тресеа американското подземје и управуваа со сивата економија на земјата, се одржува на јужните падини на Бусамбра во непосредна близина на градот Корлеоне на Сицилија. Таму беше родната грутка на иконата на италијанската мафија по кое местото се преименува со името на големиот капо. Сицилијанците ѝ беа верни на традицијата.

Карактеристичното поднебје, родната почва на присутните босови и нивната митска гордост претставуваа идеална инспирација за емотивно навраќање во бурното минато. Повеќегодишната апстиненција од валканите дејствија, при кои неретко се судираа помеѓу себе и сопствените интереси како и ретките меѓусебни среќавања, допуштија релативно опуштена атмосфера во која можеше да излезе на виделина и она што некогаш претставуваше света тајна на закрвавените семејства. Од познатиот генерациски квинтет гангстери, недостигаше само некогашната фурија на Њујорк, дон Пасквале Бруто. Сите беа упатени во информацијата за неговото таинствено исчезнување, но полицијата никогаш не излезе со официјално соопштение за случајот.

Се претпоставуваше дека во интерес на семејството е така и да остане сѐ до моментот додека не се појави или не биде откриено неговото тело, доколку станува збор за насилна смрт или самоубиство. Дури и медиумите не се позанимаваа со оваа афера. Веројатно некој од секретаријатот на семејството инсистирал кај уредништвата сето ова да се забошоти. Се разбира, ова не би било можно да се реализира доколку не би заиграле големи пари. Трагите за исчезнувањето како да беа сотрени и гангстерската величина како да беше потонала в земи. Само уличните приказни ја зголемуваа мистеријата со својата рашомонијада во која секој си додаваше свое видување. Но остана само на тоа.

Големата четворка, која се состана на имотот на дон Фето, некогашна сива еминенција и господар на Градот на Ангелите, ја сочинуваа Марио Кавалканти од Детроит, Ѓакомо Вилароса Војводата од Чикаго и дон Пјетро Кабуза – господар на Атлантик Сити и сопственик на некои од најголемите коцкарници на источното крајбрежје.

На чело на масата седеше домаќинот и упорно ги канеше своите гости со богатото мени. Вкусните јадења ги приготвуваше цел тим врвни и до перфекција проверени готвачи од Корлеоне. Меѓутоа годините, а и нарушеното здравје не им дозволуваше на старците да трпаат од храната како во добрите стари времиња. Кај сите беше присутна возбуда што со себе ја носеше средбата на некогашните ривали. Дон Ѓузепе Фето со неговите ситни ѓаволски разиграни очиња постојано го селеше погледот од еден кон друг. Во неговата глава се роеја мисли и слики од времето кога војуваше со своите соперници по улиците на мегалополисите, по коцкарниците, на доковите и на берзите, по филмските студија и во политичките гнасотилаци. Едноставно, не можеше да си замисли дека успеа во својата намера сите да бидат на едно место, гости на неговиот дом, а тој нивниот домаќин. Времето си го правеше своето и тој сега во нив гледаше како на згаснати величини, како на мангупи згазени од годините и урнатото здравје и најмногу како на пријатели без кои животот ќе му беше досаден.
– Ех, Сицилија, Сицилија – дон Марио Кавалканти длабоко поземаше од сувиот сицилијански воздух гостејќи си ги градите полни со никотински наслаги. Тој се грозеше од влагата што господареше со Детроит и која не му годеше. Веќе подолго време, сериозно размислуваше да си се врати назад на Сицилија, неговиот роден крај.
– Навистина прекрасно чувство и сеќавања на мојата раскошна младост. Бев сиромашен натрапник од мака, но едновремено и бескрајно среќен и богат со духот. Сега и здравјето ме напушта!

Беше тоа висок ковчест човек. Имаше бледо испиено лице и испакнати јагодести коски. На носот можеа да му се забележат многубројни атрофирани крвни садови. Носеше грозна лузна што се протегаше од десната слепоочница, па сѐ до брадата. Косата му беше прошарена, а целосно побелена во пределот околу ушите.
– Твојата замисла да нѐ собереш на едно место е фантастична, дон Фето, и таа ме прави многу среќен – се јави дон Ѓакомо Вилароса. Со неговото мислење се согласија и другите. Тие потврдно нишаа со глава. – Да бидам искрен, можеби оваа средба ќе биде мојот посакуван тег на терезијата на конечната одлука. Конечно, пред овој аргумент падна и мојата вечна дилема дали бркотницата на Чикаго или исконските убавини на Сицилија. Човекот најчесто е глупаво непресметлив. Како досега не се сетив да ги минам своите старечки години овде каде што се родив?
– Навистина мислиш да го направиш тоа? – праша дон Фето.
– Si, sicuramente (секако итал.)!
– Ако сите вие посакате да се вратите назад, тогаш имаме проблем. Тоа би значело дека Америка се сели на Сицилија, а ние ќе продолжиме со нашите пресметки и тука како некогаш со карабинерите!

Одекна гласна смеа, која ги вознемири врапците во круната на блиската акација.
Дон Фето го измери од главата до петиците. Дон Ѓакомо Вилароса изгледаше одржано. Висок и прав како пушка, како да немаше загубено многу од својот младешки изглед. Имаше грациозни движења на кои домаќинот му позавиде. Тој се фати себеси дека е себичен.

Ѓакомо Вилароса имаше чисто лице и чело без брчки. Негуваните црни, како гавраново крило мустаќи, беа како пријатен контраст. Белите пластови зад ушите го истакнуваа неговото патрициско потекло. Неговиот дедо пред да замине за Америка бил единствен на островот што се збогувал со богатството и комоцијата на имотот на семејство и заминал во планините за да се бунтува против корумпираната власт. Беше роден во Палермо во грофовско семејство. Вилароса беше човек што знае како да си ги зачува духот и телото. Постојано беше насмеан, а од очите како да му вирееше питомина. Но сите со кои соработуваше знаеја дека зад таа пријатна маска се крие бура. Беше потребна само една молња во неговите очи и тоа сигурно значеше нечија смрт.
– Јас воопшто не сум мајстор на зборови како овие двајца, пријател Фето – се јави и дон Пјетро Кабузо, кој тромаво ја состави својата реченица. Колку и да се обидуваше да ја украде питомината од очите на дон Вилароса, никако не му успеваше тоа. Имаше глупав израз на тркалезното лице со неколку подгушки под брадата. Сѐ што направи беше една мутирана насмевка на надуените усни и ништо повеќе. Тој беше суров материјал, недоделкано дрво. Освен практичноста и рационалниот пристап следен со изразена бруталност, во него тешко дека ќе можеше да се открие нешто што импресионира. Имаше еднаков пристап како кон бедниците од Бронкс или Харлем така и кон припадниците на американскиот џет-сет. Со еден збор, беше роден гангстер што си го следи мирисот на парите.

Телото му беше како топка, а напластеното сало се топеше под медитеранското сонце и го правеше нервозен. Тој постојано се вртеше во столчето.
– Inferno! (по ѓаволите!) – дон Фето ги раскрили долгите раце како кондор и стана. – За малку ќе заборавев на здравицата. Момци, донесете еден пехар пенливо сицилијанско вино!

Конобарите се растрчаа на сите страни. Набргу, еден стар пехар од времето на Архимед и неговата Сиракуза, се најде на масата пред веселиот домаќин.
– Па… драги мои, конечно се оствари мојот долгогодишен сон, а верувам и вашиот, да се собереме тука на родната грутка и без товар на грбот да поприкажеме за некои од нашите сеќавања. Некои од нив долго беа под превезот на добро чувани тајни.

Сицилија, островот на кој се родивме, нашиот изгрев и зајдисонце, нашиот рај, местото на нашето помирување. Дозволете ми да ви посакам добредојде по долгиот престој во САД. Повелете, драги мои пријатели, уживајте под ова сончево поднебје и во храната приготвена како онаа на нашите баби и мајки и притоа не треба да стравувате од ништо бидејќи старите трикови и бруталноста останаа далеку зад нас, во нашето минато!

Гангстерските босови со повици и ракоплескање го поздравија говорот на дон Фето. Се почувствуваа лабава атмосфера и искрено добредојде.
– Се прашувам дали вакви средби не требаше да правиме и таму преку големата бара? – праша гласно Кавалканти и невино ги собра ковчестите рамена. – Наместо разумен договор, ние си ги копавме очите еден на друг во борбата за превласт во бизнисот. – Ми се чини дека самото американско поднебје провоцира една таква активност.
Дон Фето се насмеа:
– Ајде да речеме дека си во право. Но и да е така, тогаш зошто истото тоа ни се случуваше на Карибите, но и тука на Сицилија, па и насекаде низ светот? Не сум злонамерен, ама подготвен сум на наша адреса да ја ставам прикриената вистина дека всушност ние сме носители на зло. Искрено, иако можеби доцна, мојата преселба на Сицилија сепак дојде во вистински момент. Се спасив од вревата, динамиката, жолтиот печат, медиумските сензации. Со еден збор, од бурата. Моето срце не ќе можеше да го поднесе сето тоа во стариве години.
– За утеха, не бевме сами – рече дон Вилароса. – Не помалку за врелината на американскиот асфалт придонесоа и ирските тврди глави, кинеските тријади или Латиноамериканците со нивниот пеколен темперамент. Тие внесоа неизвесност и натпревар во борбата за престолот на подземјето. Од оваа временска дистанца, ја изразувам мојата почит кон нив и кон сите оние што ја изградија Америка.
– Како да не, ние сме постојано виновни за состојбите на американскиот асфалт! – се спротивстави Кавалканти. – Туку, да го оставиме сега тој муабет и… unkafferistretto, per favore (да замолам за мала доза кафе, итал.)?
– Нема да добиеш кафе додека не се напиеш од винцево, Марио!
– Не знам дали помниш, но мене кафето ми доаѓа како аперитив, Ѓузепе. Без него не можам да функционирам!
– Но добро. Нема да се расправаме околу тоа. Впрочем, чест ми е што си ми гостин, а гостите се како муштериите. Секогаш се во право.

Некогашните мафиози одмораа под сенките на четинарите и акациите израснати во дворот од вилата. До нив имаше купишта лекови. За секој случај. Крај високата ѕидана ограда демнеа еден куп телохранители. Поголемиот дел од нив на домаќинот, другите како дел од познатиот декор на босовите. Сицилија сѐ уште не беше имуна на вооружени групи што раководеа со валканите островски бизниси.

И додека дон Ѓакомо Вилароса само површно чепна од храната, а Кавалканти се задоволи со две тврдо варени јајца, Пјетро Кабуза личеше на правосмукалка. Во ретките паузи ждригаше како бик. Отпрвин, дон Фето упорно ги канеше своите гости земајќи се себеси како пример, а потоа се откажа сметајќи на нивното нарушено здравје и годините. Но како што одминуваше времето, сите си ја покажаа својата љубов кон она што со години не го вкусиле. Барем не во мера што со себе ја наметнуваа сицилијанското поднебје и славната кујна.

Задоволен, домаќинот стана и составувајќи си ги дланките, рече:
– Сега кога завршивме со ручекот, дозволете ми да ви ја пренесам замислата што ме натера да ја реализирам оваа иницијатива. Верувам дека сте љубопитни за да го дознаете сценариото што ви го навестив во поканите, драги пријатели.