Заклучно со вчерашниот ден позитивно мислење е дадено по 15 барања за амнестија, а за другите 14 е дадено мислење дека по барањата не се исполнети условите од Законот. За другите 36 лица, мислењето од надлежните јавни обвинители што постапуваа по предметите е негативно. Со тоа, вкупната бројка на лица што побарале амнестија, а за кои има негативно мислење од Обвинителството, се вкупно 50. По донесувањето на Законот за амнестија во Собранието, 66 обвинети, осудени и осомничени за настаните на 27 април минатата година поднесоа барање за помилување, а петмина се одлучија да ја докажуваат својата невиност во продолжување на судската постапка што веќе се води, меѓу кои се: Митко Чавков, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ и Душко Лазаров.
Исто, во текот на вчерашниот ден на поранешните функционери од владата на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, обвинети во предметот на СЈО, „Титаник 1“, апелацискиот суд им го укина притворот во Шутка и им одреди поблага мерка, откако СЈО претходно даде предлог да им се определи домашен притвор. Ден претходно, беа ослободени и бизнисмените Јордан Камчев и Цветан Панделески. Сѐ уште нема одлука за замена на затворскиот со домашен притвор на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, осомничен во „Империја“ на СЈО. За него треба да одлучи Кривичниот суд.
По реакциите на незадоволство од законите што ги донесе Собранието (покрај оној за амнестија и измени во Кривичниот закон, со кој се релативизираат или ублажуваат казните што им се закануваат на одредени пратеници и нивни блиски, по обвиненија на СЈО), власта ги оправдува овие контроверзни компромиси со потребата од „расчистување на патот за усвојување на уставните измени“, односно имплементација на спогодбата од Мала Преспа. Иако за отворањето на уставните измени, на 19 октомври гласаа 80 пратеници, од кои осум тогашни членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои подоцна беа исклучени од партијата и формираа независна пратеничка група, владини извори неодамна потврдија дека сега таквата поддршка се намалила на 76 пратеници.
Во меѓувреме Билал Касами се закани дека неговата Беса нема да гласа за уставните измени во Собранието доколку не бидат прифатени нивните барања (заедно со Алијансата на Албанците) во амандманите на спогодбата од Мала Преспа да се избрише зборот „македонски“ во графата за државјанство и да пишува само граѓани на Северна Македонија.
– Заев ако нема слух за нашите барања (а до сега немаше), да си размислува да си најде уште гласови за уставните измени – изјави Касами.
Одлуката дали нивните пратеници ќе ги поддржат уставните измени ќе ја донесе централното претседателство на Беса. Беса има двајца пратеници во Собранието. Исто толкав број пратеници има и партијата на Зијадин Села.
Ваквите сигнали за намалена поддршка од пратениците за уставните измени, и покрај многубројните контроверзни отстапки и одлуки што ги донесоа Владата и државните институции (пред сѐ во судството), дел од интелектуалната јавност ги препознава како тактизирање, односно итроштини за вметнување во Уставот на барањата на албанските партии во Македонија.
– Според некои информации што доаѓаат до јавноста, доведено било во прашање изгласувањето на уставните промени, бидејќи за нив ќе гласале само 76 пратеници. Имплицитно се сугерира дека бројот се намалил, затоа што некои од пратениците што гласале за отворање на уставните промени (одметнатите и исклучените од ВМРО), нема да го даделе својот глас, бидејќи биле разочарани („разочарани“?) од некои постапки на власта. Меѓутоа, ако внимателно се следат настаните во Собранието, како и меѓупартиските односи, многу поверојатно е дека се работи за притисок на повеќето албанските партии, кои сѐ погласно притискаат за поголеми права на албанската задница во Република Македонија. Односно, станува збор за веќе познатите ултимативни барања од тиранската платформа, плус и некои други. Сѐ се сведува на следново: „Ако ги сакате нашите гласови, ќе треба уште ‘малку’ да попуштите.“ Затоа, ми се чини дека е неуверлива тезата според која проблемот за изгласување на промените на Уставот е кај одметнатите пратеници, бидејќи оној што еднаш потклекнал и натаму ќе потклекнува, како што и оној што еднаш бил уценет и натаму ќе биде уценуван. Во тоа се, ми се чини, целата „мудрост“ и итроштина, со која власта се служи – пишува професорот по филозофија Љубомир Цуцуловски на својот профил на социјалните мрежи.