Конференцијата ги потенцираше значењето на агробизнисот во Македонија и потребата од поефикасно искористување на неговиот економски потенцијал
  • Мостот меѓу традицијата и иновациите носи нови можности за младите рурални заедници и економскиот развој, беше порачано на „АГРО МАК 2026“

Изминатата недела во Куманово се одржа втората меѓународна научна агробизнис-конференција „АГРО МАК 2026“, во организација на Комората на органски производители на Македонија (КОП). Конференцијата ги потенцираше значењето на агробизнисот во Македонија и потребата од поефикасно искористување на неговиот економски потенцијал, а обедини широк спектар соорганизатори, меѓу нив Земјоделскиот факултет при УГД-Штип, Технолошко-техничкиот факултет при УКЛО, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Бијељина“, центарот ЦИНЕП од Белград, Академијата за хотелиерство и туризам од Белград, Универзитетот во Крагуевац и други. Поддршка дојде и од голем број партнери, институти, универзитети, центри за иновации и професионални здруженија од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Русија.

Во рамките на конференцијата, со особено внимание беше проследен панелот „Агротуризмот како одговор на зголемената побарувачка за автентичност, искуство и одржливост“, модериран од проф. д-р Самоил Малчески. Панелисти беа проф. д-р Татјана Бошков, проф. д-р Тодор Петковиќ и проф. д-р Саша Степанов.

проф. д-р Татјана Бошков

Професорите од Србија споделија успешни примери и модели од праксата, укажувајќи на можностите што треба дополнително да се афирмираат, но и на предизвиците со кои се соочуваат двете земји. Особено беше нагласено значењето на умешното искористување на балканското гостопримство, како и улогата на капиталот во развојот на земјоделството и туризмот.
– Агротуризмот треба да биде во фокус на локалните и државните власти од повеќе причини. Како прво, ќе им овозможи на земјоделците да ги диверзификуваат своите приходи, а тоа ќе им помогне нивните активности да бидат стабилни и одржливи на среден и долг рок. Потоа, преку агротуризмот ќе се одговори на зголемената побарувачка за рурален туризам, како и туризмот за храна и пијалаци нудејќи уникатно искуство за посетителите. Агротуризмот може да биде и клучен фактор во развојот на локалната заедница и промоцијата на природните убавини, придонесувајќи за зачувување на локалните културни вредности и обичаи. Исто така, преку агротуризмот може да се издигнат свеста и едукацијата за одржливо земјоделство промовирајќи ги локалните производи. За крај, агротуризмот може да биде клучен фактор на локален економски развој и враќање и обновување на селото како клучен двигател во стабилно производство на храна – истакна проф. д-р Самоил Малчески.

Агротуризмот како економска шанса беше фокус-порака од проф. д-р Татјана Бошков, која меѓу другото потенцираше:
– Во време кога глобалниот туризам се ориентира кон автентичност, искуство и одржливост, Македонија има реална шанса да ја гради својата конкурентност преку агротуризмот, кој е пресек меѓу земјоделството, туризмот и културата. Тој е клучниот мост меѓу традицијата и иновациите, кој создава нови можности за младите, жените и руралните заедници – токму каде што потенцијалот е најголем, а често недоволно искористен. Затоа иднината на агросекторот лежи во трансформацијата кон модерен, одржлив и пазарно ориентиран агробизнис кој создава вредносни синџири, гради брендови и освојува нови пазари. Имено, предизвиците како инфраструктурата, пристапот до финансии и потребата од стандардизација не смеат да бидат пречка, туку повик за акција, бидејќи патот напред бара заедничка одговорност доколку сакаме младите да останат и да создаваат во Македонија, а руралните средини да живеат и да се развиваат нудејќи го моделот на „experience economy“. Е.Р.