ЕКСКЛУЗИВНО: ИНТЕРВЈУ СО НОВОИМЕНУВАНИОТ АМБАСАДОР НА РУСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА, ДМИТРИЈ ЗИКОВ
- Оваа ситуација не е нормална, но не е наш избор. Таа е последица на едностраните чекори во однос на Руската Федерација преземени од македонската страна, кои не можат да се сметаат за пријателски. Веруваме дека овие чекори и нивните очигледни негативни резултати не им одговараат на фундаменталните интереси на двете земји. Русија е подготвена да ги обнови целосните меѓусебно корисни односи во сите области во оној момент и во таа мера во која ќе биде подготвена македонската страна
Во нашата земја секогаш се сеќаваме и секогаш ќе се сеќаваме дека токму од македонското тло светите рамноапостолни просветители Кирил и Методиј и нивните ученици им ја донесоа на предците на рускиот народ светлината на православната вера. Им оддаваме почит на македонските борци на отпорот, кои храбро се бореа против фашизмот за време на Втората светска војна и дадоа достоен придонес во нашата заедничка голема победа, истакнува за „Нова Македонија“ амбасадорот Зиков. Тој зборува и за статусот на билатералните односи, кои, според него, „не се ни замрзнати“ туку полошо, за конфликтот со Украина и за американско-израелска војна со Иран, за можноста за напредок на билатералните односи, како и за евентуално членство на нашата земја во БРИКС.
Амбасадоре Зиков, најнапред Ви пожелуваме добредојде во нашата земја, со желби да ја исполните својата мисија и да ги подигнете билатералните релации на Русија со Македонија на високо ниво за заеднички бенефит на нашите земји. Кои се Вашите први впечатоци од Македонија и дали приемот во нашата држава помина во најдобар ред?
– Ви благодарам за добрите желби. За мене е голема чест и одговорност да ја претставувам мојата земја на македонското тло. Со особено задоволство и симпатија кон читателите на весникот „Нова Македонија“, едно од најавторитетните и најчитани општествено-политички изданија, подготвен сум да го водам мојот прв „индиректен“ разговор со граѓаните на вашата земја.
На 27 март, на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски му беа предадени копии од акредитивните писма. На 3 април се одржа свечената церемонија на предавање на оригиналите до претседателката, нејзината екселенција Гордана Сиљановска-Давкова. Во строга согласност со општоприфатената дипломатска практика, правилата на протоколот и етикецијата, имав можност да ги пренесам руските ставови до претседателката на македонската држава и до шефот на дипломатијата.
Вие сте искусен дипломат, одликуван, и сте биле на дипломатски мисии и во регионот, конкретно во Турција и во Хрватска. Каква атмосфера почувствувавте во Македонија гледано од дипломатски аспект?
– Ќе ја истакнам атмосферата, пред сè, што ја доживеав лично. Од првите денови среќавам потврда за прекрасен однос кон Русија. Македонците мојата земја ја доживуваат како културно и религиозно блиска. Тоа е разбирливо, имајќи предвид дека нашите земји ги обединуваат многу нешта.
Сличен интерес и искрена симпатија кон Македонија постои и во Русија. Во нашата земја секогаш се сеќаваме и секогаш ќе се сеќаваме дека токму од македонското тло светите рамноапостолни просветители Кирил и Методиј и нивните ученици им ја донесоа на предците на рускиот народ светлината на православната вера. Им оддаваме почит на македонските борци на отпорот, кои храбро се бореа против фашизмот за време на Втората светска војна и дадоа достоен придонес во нашата заедничка голема победа.
Длабоко сум убеден дека оваа историска и културна блискост гарантира дека руско-македонските односи не само што ќе бидат обновени туку и ќе достигнат ново ниво, и покрај сегашните неповолни политички околности и противењето на нашите недобронамерници. Целта на мојата мисија во Македонија ја гледам во поддржување на ова на секој можен начин.
Очигледно е дека подолго време билатералните односи се на ниво на преживување. Ако можам да се навратам десетина години наназад, ќе потсетам дека еден ваш претходник на изјава на македонскиот претседател Бранко Црвенковски дека Македонија сака да биде и во НАТО и да има добри односи со Русија, му реплицираше дека за „Русија нема и-и, туку или-или“ (во смисла дека Македонија нема да може да седи на два стола, туку мора да избере еден). Дали токму оваа определба на Македонија е последица на овој билатерален мраз меѓу некогаш блиските држави?
– Нема „билатерален мраз“. Сегашната состојба на руско-македонските односи навистина не може да не предизвикува сожалување. Политичкиот дијалог е прекинат, меѓусебната трговија сериозно се намали, културните и хуманитарните контакти се значително ограничени. Откажувањето на безвизниот режим, кој фактички беше во сила неколку години, од македонската страна сериозно ја попречи комуникацијата меѓу обичните луѓе и доведе до речиси целосен прекин на туристичкиот проток од Русија во Македонија. Дури и нашата амбасада во Скопјe е принудена да работи во изолација, при што повеќето официјални лица избегнуваат контакт со руски дипломати.
Оваа ситуација не е нормална, но не е наш избор. Таа е последица на едностраните чекори во однос на Руската Федерација преземени од македонската страна, кои не можат да се сметаат за пријателски. Веруваме дека овие чекори и нивните очигледни негативни резултати не им одговараат на фундаменталните интереси на двете земји. Русија е подготвена да ги обнови целосните меѓусебно корисни односи во сите области во оној момент и во таа мера во која ќе биде подготвена македонската страна. Истото тоа важи и за другите држави во регионот.
Проширувањето на НАТО, како и конзистентната и сè позабрзана трансформација на Европската Унија од економски во воено-политички сојуз, не донесува ништо добро за регионалната и глобалната стабилност. Минатата година трошоците на земјите од ЕУ за одбрана изнесуваа 381 милијарда евра, што, на пример, го надминува БДП на вашата земја за повеќе од 22 пати. Дали е ова многу или малку – проценете сами.
Кога се создаваат дополнителни закани за друга земја под изговор за осигурување безбедност, таков модел не може да биде одржлив. Русија, од своја страна, се залага за неделивост на безбедноста. Имаме релевантни иницијативи. Сите заинтересирани страни се добро запознаени со нив.

Во Вашето соопштение по приемот кај министерот Муцунски можеме да препознаеме некои поенти од неодамнешното обраќање на МНР на РФ, Сергеј Лавров, каде што на состанокот на Одборот на доверители на Фондацијата за поддршка на јавна дипломатија „Александар Горчаков“ тој за концептот на надворешната политика рече дека Русија „промовира чесно, рамноправно и заемно корисно партнерство со сите што се подготвени за контакти врз основа на овие принципи“. Дали е ова во согласност со реалноста на мултиполарниот свет и дали токму тука може да се отвори некој прозорец на појасна комуникација меѓу Македонија и Русија?
– Во контекст на објективниот историски процес на формирање поправеден мултиполарен свет, сметаме дека апсолутно нема алтернатива на рамноправната соработка заснована на почитување на интересите и ослободена од надворешен диктат и принуда. Овој пристап го отелотворуваат одредбите од Повелбата на ОН во нивната целост и меѓузависност.
Русија е отворена за конструктивна соработка врз основа на споменатите принципи со сите држави. Се надеваме дека транзицијата на светскиот поредок кон мултиполарност ќе обезбеди поволна надворешна заднина, вклучително и за обновување на руско-македонските врски, доколку Скопјe е заинтересирано за ова.
Амбасадоре Зиков, Вие дојдовте во Скопје во екот на жестока и многу скапа војна, која има глобален ефект – тоа е американско-израелската војна со Иран. Ставот на Кремљ е дека таа воена интервенција не може да се оправда според меѓународното право и повика на мир. Ќе се согласиме. Истото тоа беше кажано и за интервенцијата против СР Југославија пред 27 години, и тука ќе се согласиме. Која е разликата со „специјалната интервенција“ на Русија во Украина? Ве прашувам директно затоа што по овие прашања Скопје и Москва имаат дијаметрално спротивни ставови.
– Започнувањето на оружена агресија против Иран стана нов дестабилизирачки удар од Вашингтон врз меѓународноправните темели на светскиот поредок. Очигледно е кршењето на фундаменталните принципи како што се немешањето во внатрешните работи, откажувањето од заканата со сила и од нејзината употреба… Тешките последици за глобалниот режим за неширење нуклеарно оружје се јасно забележливи.
Бомбардирањето на Југославија го означи почетокот на процесот за замена, од страна на „колективниот Запад“, на легитимните меѓународноправни механизми со некаков вид „поредок, базиран на правила“.
Од друга страна, претседателот на Русија ја донесе одлуката за спроведување на специјалната воена операција во согласност со членот 51 од Повелбата на ОН, во извршување на Договорите за пријателство и заемна помош со Донецката и Луганската Народна Република, чиј суверенитет Русија го призна на ист начин како и во случајот со изразувањето на волјата на населението на Крим – во согласност со правото на народите за самоопределување. Според Декларацијата за принципите на меѓународното право поврзани со пријателски односи и соработка меѓу државите во согласност со Повелбата на ОН од 1970 година, земјите се должни да го почитуваат територијалниот интегритет на оние држави чии влади го претставуваат целото население. Режимот што дојде на власт во Киев како резултат на неуставниот државен удар во 2014 година и ги започна борбените дејства против жителите на истокот на Украина не ги претставуваше интересите на луѓето на Крим, во ДНР и ЛНР.
Една од причините за кризата беше долгогодишното пренебрегнување на легитимната загриженост на Русија во областа на безбедноста, спротивно на документите усвоени, на пример, на самитот на ОБСЕ во Истанбул во 1999 година. Исто така, беа прекршени принципите врз кои беше признаена независноста на Украина во 1991 година.
Киевскиот режим систематски ги прекршуваше и продолжува да ги крши основните човекови права – ја забранува употребата на рускиот јазик, ги ограничува верските слободи. Така, започнувањето на специјалната воена операција беше предизвикано од долгогодишните прекршувања на меѓународното право од страна на киевскиот режим, а обвинувањата дека Русија ги поткопува овие принципи не држат критика.
Би се навратил на реалноста и тоа што сега се нарекува мултиполарен свет. Се прават нови коалиции и сојузи и очигледно е дека ниту САД, а уште помалку Европската Унија, можат да бидат глобални, па дури и регионални хегемони. Кај нас во последно време сѐ почесто се спомнува БРИКС како една од алтернативите за нашето членство во ЕУ? Како Вие гледате на една ваква можност, може ли реално една мала економија како македонската да влезе во тој клуб на големите?
– БРИКС функционира врз основа на принципите на еднаквост, меѓусебно почитување, разгледување на интересите и мислењата, културата на отворено партнерство. Здружението не го дели светот на „големи“, кои се дел од „елитен клуб“, и „мали економии“. Важно е да истакне дека БРИКС не се спротивставува на ЕУ или други формати на интеракција.
Одлуката за прием на држава во БРИКС се донесува со консензус на сите учесници. Притоа, полноправното членство во здружението не е неопходен предуслов за развивање меѓусебно корисна соработка – постои категоријата на земји партнери. Сепак, во двата случаја, земјата мора да го декларира својот интерес преку официјални канали.
Нашите народи се длабоко поврзани и никој не може да ја уништи таа врска
За крај да Ве прашаме – очигледно е дека, и покрај тоа што дипломатските односи се одржуваат, сепак нема владин дијалог, нема договори, меморандуми… Но дали, сепак, има некаква комуникација на пример во областа на културната, духовната размена или соработка меѓу високи научни институции?
– На официјално ниво, контактите, вклучувајќи ја и хуманитарната соработка, во моментов се сведени на минимум. Како што веќе забележав, тоа не се случи по иницијатива на руската страна. Сепак, интересот за соработка меѓу културните и образовните заедници останува. Се реализираат студентски размени, македонските матуранти секоја година учествуваат во конкурсот за добивање стипендии за студирање во Русија во рамките на квотата на Владата на Руската Федерација…
Сметаме дека ваквите контакти се одржуваат, пред сè, благодарение на искрената желба на нашите народи да ги зачуваат длабоките историски и духовни врски. Амбасадата, од своја страна, секогаш ги поддржува ваквите иницијативи и секоја година организира настани што ја поттикнуваат културната интеракција. Секогаш сме среќни поради учеството на нашите македонски пријатели, високо го цениме нивниот интерес за нашата култура и историја.
Нашите народи се многу длабоко поврзани и никој нема да може да ја уништи оваа врска во корист на моменталната политичка конјунктура.
Користејќи ја оваа пригода, им го честитам на читателите на „Нова Македонија“ претстоjниот голем празник над празниците и торжеството над торжествата – светлиот Ден на Христовото воскресение. Им посакувам на сите мир, добро и благосостојба.
































