Фото: Игор Бансколиев

Јана Велевска

Потрагата по загадувачите во Скопје се чини дека е сизифовска работа. Барате, барате, а чувствувате дека сте сѐ подалеку. Што е најважно, од најодговорните за справување со овој акутен проблем не можете да добиете соодветен одговор, кој би бил разбирлив на едноставен јазик, бидејќи тие многу добро се научиле да ги пакуваат зборовите во што понеразбирливи пакети

Скопје се задушува. Остар кисел мирис што ги нагризува очите е особено впечатливо присутен во попладневните и вечерните часови во кој било дел од градот. Мерните станици, кои би требало да им укажуваат на граѓаните колкав е степенот на загаденост, главно не работат или работат по некој чуден, само за нив разбирлив режим.
Потрагата по загадувачите во Скопје се чини дека е сизифовска работа. Барате, барате, а чувствувате дека сте сѐ подалеку. Што е најважно, од најодговорните за справување со овој акутен проблем не можете да добиете соодветен одговор, кој би бил разбирлив на едноставен јазик, бидејќи тие многу добро се научиле да ги пакуваат зборовите во што понеразбирливи пакети.
Зачудува неодговорниот и индолентен однос на повиканите за тоа, па скопјани и натаму се трујат секојдневно, со секое отворање на прозорецот или вратата, а да не зборуваме што ги чека доколку излезат надвор. Впрочем, не случајно од неодамна и странците почнаа да пишуваат сѐ повеќе за овој наш проблем. Така, центарот „Пулицер“ за известување за кризи во написот насловен „Покривка од воздушно загадување во древните долини на Македонија“, изнесе неколку застрашувачки факти, кои ние дома како да не сакаме да ги слушнеме или видиме.

– Според процените на професорот по медицина на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Драган Ѓорѓев, смртта на околу две илјади луѓе годишно во Македонија, може да се поврзе со спојот на чадот од домаќинствата, издувните гасови од возилата, емисиите од фабриките и помалите индустрии – се вели меѓу другото во написот.
Секој извор на загадување е важен, затоа што луѓето умираат, односно од 60 до 80 отсто од Македонците што умираат од болести поврзани со загадувањето можеле да имаат продолжен животен век доколку државата го намали загадувањето на ниво на ЕУ. Ѓорѓев смета дека тие можеле да живеат 20-30 години подолго доколку не биле изложени на воздушно загадување. Професорот го споделува и искуството на негова поранешна колешка од Финска што работела во Македонија.

– Таа беше од Финска. Работеше тука со нас седум години, а нејзината ќерка имаше чести астматични напади. Тие напади набргу исчезнаа, откако семејството се отсели од Македонија – вели Ѓорѓев, додавајќи дека кога колешката повторно дошла на посета во Скопје кажала оти „нејзината ќерка живее нов живот“.
Колешката Југослава Дуковска, инаку еколошка активистка, деновиве во еден свој коментар излезе со уште пострашни бројки, за кои сѐ уште е нејасно дали ќе ги видат оние што би требало да водат грижа за нашата животна средина.

– Загадувањето на воздухот, барем според процените на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), убива повеќе од 3.000 лица годишно во Македонија, како што стои во последниот европски извештај за квалитетот на воздухот, а македонската економија, пак, според Светска банка, трпи директни загуби од последиците на загадениот воздух од дури 253 милиони евра годишно. „Сега почнавме, еден чекор е направен и – тоа“, всушност дефинира како актуелната власт, дојдена на крилјата на општото незадоволство на граѓаните на оваа држава со политиките на нивните претходници, ги реализира своите предизборни програми, полни со реченици како: „Граѓаните имаат право на здрава животна средина, на чист воздух, чиста вода за пиење и наводнување, здрава почва на која ќе одгледуваат здрава храна“, и „Заслужуваме природа во која непречено ќе се одвиваат сите функции и која ќе биде поддршка на идниот развој на нашата земја, со благосостојба на сите нејзини жители“ – пишува Дуковска, која проблемот јасно го лоцира во тромата и недоволно подготвена државна администрација.

За загадувањето е многу напишано и изречено. Токму затоа, уште почудно е што сите оние што би требало да ги имаат одговорите за излез од ваквата ситуација, користат езоповски јазик, кој треба да ги увери слушателите дека ситуацијата е под контрола и дека нема големи причини за загриженост. Решението само што не пристигнало, како да сакаат да кажат.

Интересно видување на проблемот има Душко Христов, еколог и граѓански активист.
– Никогаш, ама баш никогаш никој не „измерил“ колку и какви дрва за огрев се „консумираат“ од нас скопјаните! Ако дел од загадувањето се темели на податоци и „факти“, кои домаќинствата што се греат на дрва ги истакнуваат и придонесуваат за загадувањето во Скопје и околината, еве еден факт што може да влијае за појасно перцепирање на овој „проблематичен“ феномен.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од 2007 до денес за 120 отсто се зголемил бројот на складиштата – места на регистрирани и нерегистрирани трговци со дрва. Ако имаме податок што вели дека во тоа време имало околу 27 трговци, кои продавале околу 4.500 кубни метри, денес во 2018 година, 58 складишта се регистрирани за трговија со дрва, а тие до крајот на октомври продале над 90.000 кубни метри. И уште позначајно како факт за оваа информација е и аргументот што вели дека 85 отсто од дрвата се „берат“ и тргуваат во периодот септември – октомври и како такви – сурови – немаат време да се исушат, а тоа значи дека при процесот на согорување испуштаат супстанции, кои како дефиниции ги имаат констатирано експертите што се занимаваат со оваа проблематика. За нас лаиците дефинициите не значат многу, но таквата ситуација значи згадување колку сакаш!

Вториот потенцијален загадувач се и асфалтните бази етаблирани во Скопје и во околината, а нивниот број е над 30. Е тие „баш асфалтни“ бази работат 24/7 и никако да им се даде „годишен одмор“ во периодите на енромното загадување, а зошто е тоа така никој, ама баш никој, не сака ни да чуе ни да разбере. Нормално е да се биде глув и незаинтересиран за овој „проблем“ бидејќи секоја власт, национална и локална си има свој огромен интерес градежната експанзија да не запре, оти ќе запрат и комуналиите, и сите дополнителни „давачки“ од градежната оператива кон институциите па и поединците во нив – вели Душко Христов, претставник на проектот „ЕНВ.нет го факторизира портфолиото за животната средина на Западен Балкан и Турција во агендата на политиките на ЕУ“, финансиран од Европската комисија.


„Меѓаши“: Секое второ дете има респираторни проблеми

Деновиве и детската амбасада изнесе неколку загрижувачки факти, кои би требало сите да нѐ натераат да го ставиме прстот на челото. Според „Меѓаши“, како последица на загадувањето на воздухот секое второ дете страда од респираторни болести, луѓето страдаат од низа респираторни и кардиоваскуларни болести, состојби асоцирани со предвремено раѓање или генетски мутации на плодот, загадениот воздух е еден од најголемите фактори за смртност кај децата и тоа мора веднаш да се спречи… итн. Факти се редат, последици се шират, а решение на проблемот ниту на повидок. До кога?


Изработката на статијата е поддржана од проектот „ЕНВ.нет го факторизира портфолиото за животната средина на Западен Балкан и Турција во агендата на политиките на ЕУ“, финансиран од страна на Европската комисија.