Рецензија
- Кон видеоинсталацијата „Телото што ја помни тишината“ на уметницата Тања Балаќ, претставена во МСУ-Скопје
Антоанела Петковска
Предизвикувачкиот креативен акт, би рекле и „манифест“ на реномираната уметница Тања Балаќ, насловен „Телото што ја помни тишината“, во Музејот на современата уметност, институција од големо значење за македонската култура, за која ме врзуваат и лични спомени како дел од мојот културен капитал, е инкарнација на возвишеното во уметничката форма и содржина: траума, ужас, тегобност, претставени во форма на високоестетизирана „нарација“, исклучителна визуелна култура и „симболичка“ комуникација. Со особено суптилен осет за интимноста и приватноста на субјектот, на личноста, како дел од една, често отуѓувачка, индивидуалност, уметницата ги креира своите исповеди за меморијата на телото, меморијата на траумата и за меморијата на културниот код и општествената матрица.
Со сродна „концептуалност“, во инвентивно поинаква форма и визуелен јазик, Тања нѐ потсетува на „Крикот“ на Едвард Мунк, „егзибиционизмот“ на Марина Абрамовиќ и низа други автори, не само од современата уметничка продукција туку и од севкупната историја на уметноста. Телото, во случајов женското тело, како „мал“ мултиверзум на карактеристики, биолошки, психички, социо-културни, когнитивни/интелигибилни, кореспондира во својот тивок свет и со помош на екстраполирање и чувствување на хаосот или привидниот поредок и притисокот на нештата од надворешните мултиверзуми.
Обмислувајќи ги на посебен, интимен и технолошко/медиумски интелигентен и рафиниран начин валерите на своето артистичко „кредо“, на својот „хабитус“ оформуван во еден сложен систем од полиња на општествениот дискурс (во духот на Бурдје), Тања евидентно ни ја создава сликата за алиенацијата (Маркс), надзорот и казната (Фуко), социо-културната траума (Џефри Александер, Штомпка) и стравот (Франк Фуредо) како, за жал, доминантни обележја на нашето време.
Нејзината експлицитна, но и интимна ТИШИНА, се манифестира низ холистичко, фино обмислено поврзување на антропоценот и истовремено холоценот.
Мултидимензионалниот свет во кој живееме, така, се доживува и активно креативно се обликува низ едно интимно искуство, за кое се говори, но и за кое се молчи во контекст на суштествените вредности на човештвото: раѓањето, прекинувањето на процесот на раѓањето (абортусот), продукцијата на животот и неговиот квалитет, меморијата на телесното и она што културата како „репресивна толеранција“ (Маркузе) го преобликува во колективен чин и норма, без чувство за посебноста на индивидуалноста како чин на еманципација. Суштински инволвирана во концептуалните, теориски и политички синдроми на своето време, уметницата се впушта во дијалог со политиките на телото, интерсекционалниот феминизам, квир-културата, но над сѐ доминира нејзиниот хуманистички наратив, свежината со која ја коментира со креативни продукти хипокризијата на категоризацијата на вредностите денес. Тие вредности, во нашата милитантно и деструктивно врамена цивилизација, се во постојан судир со остварувањето на хуманистичките, општествено-културните кругови и нивните норми.
Прашањата за идентитетот (родов, сексуален, расен, политички, класен), според многу теоретичари/теоретичарки и активисти посветени на заштита на човековите права, станува „замка“ за динамиката и различноста/посебноста на секој поединец и можната „инклузија“ во колективни рамки. Тања Балаќ суверено и деликатно нѐ воведува во овие дубиози, посветувајќи ги својата тишина и интимна меморија на културната меморија на човештвото во сета своја различност и посебност.
































