Изградба на првото ракометно игралиште, до фудбалскиот терен на Работнички, проектант инж. Трајко Димитров

Од ракометното минато (16)

  • Македонските претставници Работнички и Борац не ја искористија шансата преку квалификациите во Скопје и во Марибор да станат членови на новоформираната Прва сојузна лига. „Железничарите“ во годината преполна со активности првпат ја загубија и републичката титула

Ракометната сезона во 1957 година беше преполна со многу настани, возбудувања и неочекувани резултати. Така, на пример, се случи во таа година РК Работнички, првпат откако учествуваше во натпреварите за републички првак, да ја загуби титулата. На патот на „железничарите“ им застана екипата на Борац, кој беше составен од учениците од српската гимназија „Орце Николов“, предводени од својот наставник Александар Божовиќ. Во спортските кругови овој пораз беше примен како големо изненадување, зашто никој не веруваше оти ќе се појави екипа што може да го изненади дотогашниот суверен владетел на македонските ракометни терени.
Но спортот нема да биде толку интересен доколку нема и вакви, понекогаш изненадувачки резултати. Меѓутоа, не е само тоа, финалниот натпревар од првенството е карактеристичен и по нешто друго. Верувале или не, ама ова е вистина, Работнички во првото полувреме поведе дури со 8-2 и се чинеше оти Борац ќе доживее катастрофа. Но, за да не дојде до тоа се погрижија противничките играчи, кои се разиграа и почнаа да го полнат голот на ривалот. Откако Работнички во почетокот од вториот дел поведе со 9-2, колата тргна надолу. Од 32. минута до крајот на средбата на теренот господареше само Борац, чиј гол како да беше маѓепсан. Колку и да се трудеше „четата“ на Славко Матовски, таа за 28 минути не постигна ниту еден гол. Навистина ова беше за неверување. Но, „железничарите“ сами беа виновни за она што им се случи. Прво влегоа лежерно и самоуверено во второто полувреме, а малерот да биде поголем не реализираа и четири седмерци, кои голманот на Борац, Јовановиќ, во голем стил ги одбрани. Во тимот на Работнички го немаше и клучниот играч Драган Геровски-Дале, кој во исто време имаше настап за југословенската репрезентација во голем ракомет, која го играше последниот натпревар во својата историја, против Романија, кој го загуби со 9-13. Сето тоа го искористија младите играчи на Борац, се растрчаа, се разиграа и противникот беше толку изненаден што на моменти гледачите се прашуваа што е ова, дали е тоа тимот што дотогаш ги мелеше противниците и ретко губеше.
Тоа беше една непријатна епизода за РК Работнички, која во натамошните натпревари повеќе никогаш не се повтори. За жал, тоа се случи во годината кога ракометот ја „запали“ спортската публика и високо котираше на македонската сцена, дури по својата популарност се доближи и до фудбалот. Ова го велам од проста причина што на ракометните дуели имаше повеќе гледачи одошто на фудбалските натпревари. Тоа говореше за еден неверојатен подем на новиот спорт, кој им стана омилен на младите. Училишните дворови беа претворени во ракометни игралишта на кои речиси преку цел ден се играше ракомет. Тоа, на некој начин, беше најава дека на овој спорт му претстои убава иднина.

Конечно со сопствено игралиште

Интересно е дека Работнички, иако во тоа време беше најекспониран наш ракометен клуб, го мачеа многу проблеми. Сѐ уште материјално-финансиски не беше зајакнат, па гледачите често беа зачудени кога нивните миленици на теренот ќе истрчаа со стари излитени тренерки. Дури и за она основното, опремата, немаше средства, зашто касата на клубот немаше кој да ја полни. Среќна околност беше што за Работнички се грижеше Железницата, па благодарение на неа она барем што претставуваше минимум, ракометарите го имаа. Но за повисоки дострели беше потребно многу повеќе од тоа минималното. Сепак, во тоа време на финансиска криза, како охрабрувачка дојде веста оти спортските фактори во градот одлучиле на местото на импровизираното игралиште да изградат ново околу кое ќе има и трибини. Ова не беше шега, зашто проектот изработен од дебармаалецот инж. архитект Трајко Димитров, кој со срце и душа му припаѓаше на Работнички, веќе беше готов и само се чекаше да се почне со градбата.
Во меѓувреме сѐ одеше по старо. Се тренираше во Градскиот парк, а се очекуваа и некои сојузни турнири на кои требаше да учествува не само Работнички туку и градската репрезентација на Скопје, во чиј состав имаше најмногу играчи од Работнички. Првиот ваков турнир на кој репрезентацијата на Скопје дебитира беше одржан во Загреб, во деновите на првомајските празнувања. Овде скопјани не оставија некој посебен впечаток, дури одиграа и под очекувањата. Но разочарувањето од слабиот настап беше потиснато откако сојузниот капитен, по завршување на турнирот, ги објави имињата на ракометарите за следните репрезентативни настапи, меѓу кои беше и името на Зафир Куновски. Тоа, ако за некои беше изненадување, за Славко Матовски и другите тренери дојде како нешто очекувано, зашто Зафе заслужи да се најде во државниот тим. Куновски така стана третиот југословенски репрезентативец од Македонија, по настапите на Славко Матовски и на Драган Геровски-Дале, но за репрезентацијата на Југославија во голем ракомет.

Неуспех во прволигашките квалификации

Откако помина периодот резервиран за настапи на турнири и одигрување пријателски средби, дојде и големиот долгоочекуван момент, прволигашките квалификации. Работнички како второпласиран на републичкото првенство, според програмата на РСЈ, требаше да игра дома, а првакот Борац во Марибор.
Во Скопје, игралиштето на Работнички беше подготвено за големата пресметка, со исклучок на дел од трибината, кој не беше доизграден. Но тоа не им пречеше на ракометарите, единствено беше смален просторот за гледачите, и тоа во момент кога интересирањето за овој настан беше неверојатно големо.
Според ждрепката во Ракометниот сојуз на Југославија, на скопскиот турнир, покрај домашниот Работнички, требаше да учествуваат уште екипите на Црвена звезда, Партизан и Железничар од Нови Сад, а во Марибор скопски Борац требаше да игра со домашниот Браник, Младост од Загреб и Динамо од Панчево.
Пред почетокот на натпреварите, атмосферата во Скопје беше зовриена. Нереално беше да се очекува пласман на Работнички во Првата сојузна лига, која штотуку беше формирана, зашто конкуренцијата беше исклучително силна. Но, сепак, вредеше да се загризе зашто нова шанса за домашни квалификации којзнае кога и дали воопшто ќе се добие. Што се однесува до турнирот, пак, тој се одвиваше според очекувањата и прогнозите. Работнички загуби од Црвена звезда и од Партизан, а оствари победа само над Железничар и се пласира на третото место. Членови на Првата лига станаа Црвена звезда и Партизан.
Во Марибор, пак, Борац беше поразен од Браник и од Младост од Загреб, а оствари победа над Динамо од Панчево, па и тој како Работнички ја освои третата позиција.

Работнички го освои Купот на Македонија

Во оваа сезона, во која Работнички на републичкото првенство беше детронизиран од екипата на Борац, сепак, со освојувањето на Купот на Македонија, „железничарите“ колку-толку се извадија и ги израдуваа своите симпатизери. Тие во овој масовен натпревар ги совладаа сите противници. На нивниот налет прво потклекнаа ракометарите на Партизан од Штип, 45-4, потоа Партизан од Гостивар, 31-8, и Партизан од Гевгелија, 29-7. Овие резултати ги покажуваат доминантната улога и супериорноста што ги имаше Работнички во трите дуели.
Овој куп-трофеј им даде шанса на дебармаалци да ги продолжат натпреварите во југословенскиот куп. Но веќе во следната рунда тие беа елиминирани од екипата на Партизан од Лесковац, која, пак, во тие години се изградуваше во еден цврст колектив, кој подоцна, под името Дубочица, стана дури и фактор во југословенскиот ракомет. Потоа, во прволигашките сезони двете екипи често се среќаваа и нивните дуели секогаш беа интересни и неизвесни.
За да не остане онаа болка од поразот на републичкото првенство, ракометарите на Работнички на Градското првенство на Скопје есента му се реваншираа на Борац и го освоија првото место.
Во 1957 година се одржа и последното републичко првенство во голем ракомет, на кое Работнички петти пат триумфира и така ја заокружи убавата серија, која почна во 1950 година.
Од сето тоа може да се каже оти за ракометарите во оваа сезона немаше одмор. Тие одеа од натпревар во натпревар и го креваа својот квалитет. Ова особено се однесува за Работнички, Борац, Графичар и неколкуте екипи што функционираа во рамките на ДТВ Партизан. Сето тоа беше убав показател оти во идните сезони ќе биде многу повозбудливо и многу интересно. Во РК Работнички, пак, со нетрпение го очекуваа довршувањето на градежните работи на сопственото игралиште во Градскиот парк. Таму, допрва љубителите на ракометот ги очекуваа нови возбудувања, радост, но и тага, зашто не можеше да се победува секогаш.