За Бока денеска велат дека е разгледница на Црна Гора. Во неа се наоѓа 60 отсто од културното наследство на Црна Гора. Ова наследство е речиси стопроцентно наследство на хрватскиот народ, вели европратеничката Маријана Петир
Хрватската пратеничка во Европскиот парламент, Маријана Петир, минатата недела во Хрватскиот католички универзитет на отворањето на изложбата на фотографии „Сага за Бока“, од авторот Дражен Зетиќ, предупреди на „монтенегризацијата“ на културното и историското наследство на Хрватите што живеат на овој простор. Таа пред присутните претставници на Хрватите од Црна Гора и од Република Хрватска упати апел заедно на направат нешто за да се заштитат идентитетот и културното наследство на Хрватите во Црна Гора. Европратеничката изрази жалење што Хрватите надвор од татковината се чувствуваат заборавено.
– Како европратеничка ги користам инструментите што ми се на располагање и затоа реагирав пред Европската комисија кога до мене дојде веста дека Владата на Црна Гора одлучила Бокељската морнарица, која е најстара институција на светот, самостојно и без Хрватите да ја стави на пописот на УНЕСКО за нематеријално културно наследство. Тоа е нематеријално културно и духовно наследство на Католичката црква и на Хрватите, кои во Бока Которска се автохтон народ – изјави Петир.
За своето тврдење изнесе и неколку историски факти и документи за Бокељската морнарица што се чуваат во Хрватската академија на науките и уметностите во Загреб, пишува „Вечерњи лист“.
– Во процесот што Црна Гора самостојно го иницира не се споменува култот на св.Трифун, како ни хрватскиот народ. Затоа, пред ЕК предупредив дека Црна Гора како земја-кандидат за влез во ЕУ грубо ги крши темелните вредности на европската заедница, вклучувајќи го и владеењето на правото и правата на националните малцинства – рече Петир.
Европратеничката Петир ја повика Владата на Црна Гора да го промени пристапот и заедно со Хрватска да се кандидира за УНЕСКО, а хрватските политички претставници во Црна Гора да ја искористат позицијата во власта за да се заштитат интересите на хрватскиот народ. Од хрватската влада побара да ги искористи сите инструменти што ѝ стојат на располагање за да се спречи намалувањето на правата на хрватскиот народ што живее во Црна Гора. Според неа, монтенегризацијата на Бокељската морнарица води кон асимилација на хрватскиот народ во Бока Которска.
– За Бока денес велат дека е разгледница на Црна Гора. Во неа се наоѓа 60 отсто од културното наследство на Црна Гора. Ова наследство е речиси стопроцентно наследство на хрватскиот народ. Наспроти добрососедските односи, црногорските власти подготвуваат документација за УНЕСКО со која се негира поврзаноста на Бокељската морнарица со свети Трифун, Хрватите и Католичката црква. Тоа не е само неодговорно однесување на една држава туку и бришење на повеќевековните традиција и култура на еден малцински народ, и присвојување на сметка на мнозинскиот – црногорски народ. Ова е културно наследство во светски рамки и не може да се толерира и бара итна реакција од нас – вели Петир.