Зоранчо Малинов, етнолог и директор на институтот „Марко Цепенков“
Зоранчо Малинов е директор на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје – најстарата научна установа во Македонија посветена на проучувањето и зачувувањето на народното творештво. Објавил повеќе статии што се однесуваат на улогата на Институтот за фолклор низ историска перспектива во заштитата и презентацијата на нематеријалното културно наследство, како и на значењето на институтот за развојот на етнологијата во Македонија.
Што Ве мотивираше да ја изберете етнологијата како Ваша животна професија?
– Се запишав на Географскиот факултет и кога бев втора година се обновија студиите по етнологија, затворени во 1950-тите години на Филозофскиот факултет, под водство на Бранислав Русиќ, основоположникот на македонската етнологија. Имаше 30 години вакуум во етнологијата. И тогаш, со неколку колеги од мојата генерација одлучивме да се префрлиме на студиите по етнологија. Имав некои предзнаења за етнологијата и сметав дека таа наука ќе биде предизвик за моето понатамошно научно и академско усовршување. Дипломирав во 1988 година, меѓу првите студенти од таа генерација, ако не и прв. Потоа, предизвик беше дошколувањето, бидејќи во тој период немаше постдипломски студии по етнологија во Македонија. Единствена опција беше некоја од катедрите во тогашна Југославија. Најблиску ни беше Белград, па се запишав на Белградскиот универзитет. Во меѓувреме работев во Институтот за фолклор, како помлад асистент, а подоцна и како асистент етнолог, истражувач на народните обичаи и игри. Тоа беше предизвикот што понатаму ја формираше мојата лична кариера, а круна на сето тоа беше одбраната на докторската дисертација во 2005 година на Институтот за етнологија и антропологија, под менторство на Анета Светиева, на темата „Традицискиот народен календар во Шопско-брегалничката етнографска целина“.
Како ја гледате улогата на Институтот за фолклор во современата културна политика на Македонија?
– Уште при формирањето е дефинирана неговата улога, со јазик што денес ни изгледа архаичен и со одредени анахронизми, но суштината е јасна – институтот треба да го собира културното наследство, особено духовното и материјалното културно наследство на македонскиот народ и на другите народи што живеат во Македонија, да го чува, да го класифицира, научно да го обработува и да го публикува. Оваа година институтот слави јубилеј – 75 години од своето формирање – и во текот на сите овие седум и пол децении ја спроведува таа мисија. Низ него поминале плејада познати фолклористи, етнолози, етномузиколози и други истражувачи како: Блаже Ристовски, Александра Поп-Василева, Танас Вражиновски, Севим Пиличкова, Живко Фирфов… До денес, Институтот за фолклор има дадено десетици истражувачи. Институтот има голем придонес во македонското општество во сегментот на истражување, зачувување и презентирање на традиционалната култура на македонскиот народ и на заедниците што живеат во државата.
Како се одвива процесот на теренско собирање и архивирање на фолклорните материјали денес?
– Теренските истражувања, кои би требало да бидат финансиски поддржани од Министерството за образование и наука, денес се соочуваат со големи предизвици. Многу проекти остануваат нереализирани докрај. Сепак, над 4.000 магнетофонски ленти, касети и илјадници страници дешифриран фолклорен и етнолошки материјал што се наоѓаат во нашиот архив не паднале од небо. Сите тие материјали се резултат на трудот на научните работници што со години работеле. Истражувањето секогаш започнува на терен со избор на квалитетен информатор. Некој информатор може да даде информации за три магнетофонски ленти, но некој е неелоквентен, па истражувачот мора со клешти да ги извлекува зборовите. Порано информациите се снимаа на аудиоленти со магнетофонски апарати „ухер“, тешки по десетина килограми, кои ги носевме на рамо. Денес тоа е многу полесно – со еден квалитетен мобилен телефон, кој е опремен со камера, диктафон, фотоапарат и сѐ е спакувано во џебна форма. Но младите истражувачи денес имаат друг хендикеп – нема доволно квалитетни информатори. Луѓето што денес имаат 80–90 години се израснати во социјализмот, а мојата генерација имаше можност да работи со информатори што се сеќаваа на периодот меѓу двете светски војни. Колегите пред нас, пак, имале информатори родени околу 1880 година, кои можеле да се вратат во своето детство, на почетокот на 19 век. Така, во континуитет од речиси 200 години можеме да ја следиме традиционалната култура на македонскиот народ.
Дали младите генерации доволно ја познаваат и ја негуваат традицијата?
– Што се однесува до младата генерација, негувањето на фолклорот и неговото пренесување од колено на колено е ослабено. Како професор и ментор забележувам дека западната култура преку мас-медиумите, телевизијата, радиото и интернетот има силно влијание врз нашата култура. Сепак, има голем дел млади што се интересираат за своето потекло и традиција, за она што им го оставиле нивните предци. Некои го изучуваат тоа преку своите дедовци и баби, но најголемиот дел го преземаат преку институциите – на институционализиран начин, преку додипломски, постдипломски и докторски студии.
Како може фолклорот да се пренесе во современиот образовен систем?
– Можам да се пофалам дека сум бил ментор на неколку магистерски и докторски трудови обучувајќи млад кадар што треба да нè наследи. Во современиот образовен систем, традиционалната култура се изучува во повеќе високообразовни институции, музичките академии при штипскиот и скопскиот универзитет, во Тетово постои Катедра за етномузикологија, на филолошките факултети се изучува народната книжевност, а етнологијата – на Институтот за етнологија и антропологија, на Катедрата за историја на уметност со археологија, исто така, може да се изучува традиционалната култура. Овие високообразовни институции, заедно со Институтот за фолклор, им овозможуваат на студентите да стекнат соодветни знаења за традиционалната култура на својот народ.
Што ни кажува фолклорот за духовноста и идентитетот на македонскиот народ?
– Фолклорот, кој е еден од темелите на идентитетот на еден народ, заедно со јазикот и другите сегменти на традиционалната култура воопшто, е многу значаен. Некои од нашите соседи посегнуваат по нашето фолклорно богатство. Прво да ги спомнеме овде Бугарите, кои на некој начин имаат убедување дека по некаков автоматизам, сѐ што е создадено од Македонците всушност претставува дел од нивното културно наследство, што секако не е точно. Тоа ја проблематизира состојбата, бидејќи идентитетот претставува чувство и може да се следи преку јазикот, фолклорот, традицијата, историјата, односно колективната меморија. Ќе наведам еден пример за значењето на фолклорот: ако Институтот за национална историја и Државниот архив на Македонија ја чуваат колективната меморија на македонскиот народ – она што се случило во минатото, што е документирано и зачувано – тогаш нашиот институт ја чува душата на македонскиот народ. Сите оние песни, приказни, обичаи, клетви, благослови – сето тоа е евидентирано и стои во нашиот архив. Без разлика дали е во форма на аудиоснимка или преточено во текст, на лист од машина за пишување, нашиот архив е најбогат во државава во одредени сегменти. За аудио и видеоснимки, единствено Македонската телевизија може да биде пред нас во однос на традиционалната музика. За материјалната култура (носии, накит, разни обредни предмети и сл.) првенствено се повикани музеите, но за традиционалната нематеријална култура: приказни, песни, обичаи итн., нашиот архив е најбогат во државава.
Како може институтот да ги зајакне својата меѓународна видливост и соработка?
– Тоа најчесто го правиме преку организирање меѓународен научен собир – симпозиум, кој го организираме биенално. За жал, порано се одржуваше со многу повеќе гости, но сега бидејќи финансиите се скратени го организираме со помал број учесници и со пократко траење. Досега се одржани 22 такви симпозиуми, почнувајќи од далечната 1969 година. Главната активност на нашата институција е токму тоа, афирмирање на нашата традиционална култура на меѓународни научни собири, но тука е и нашето списание „Македонски фолклор“ со уредувачки одбор со претставници од седум земји – најчесто од балканските, но и од Полска, Русија, Украина и други. Досега се издадени 88 броја, а јас се надевам дека пред да одам во пензија ќе го дочекам и стотиот број. Освен ова, учествуваме и на меѓународни симпозиуми во странство, каде што ги презентираме нашите научни и стручни трудови.
Кои се најголемите предизвици во зачувувањето на фолклорното наследство денес?
– Бидејќи голем дел од вработените се пред пензија, ако не се вработи подмладок, можеби ќе треба да се стави катанец на институцијата. Лани успеавме да вработиме тројца истражувачи, но потребата е многу поголема, бидејќи без истражувачи не се прави наука. Потребна е една деценија за да се изгради квалитетен професор – не е доволно само да се има докторат и да се мисли дека тоа е доволно. Потребно е да се прочитаат стотици книги, да се знае во која книга што пишува, кој автор што застапува. Тоа е макотрпна работа. Честопати некои од министерството или некои луѓе со површно гледање на нашата научна работа велат: „Ништо не работите во институтите, пиете кафе по цел ден“. Но тие не ја гледаат вистинската работа – ние остануваме до доцна во ноќта за да прочитаме уште некоја книга, да напишеме уште некој текст. За да бидеш добар фолклорист, етнолог, етномузиколог или историчар и да ја осознаеш традиционалната култура, потребна е и соодветна академска едукација, но првенствено треба да ја сакаш и солидно да ја познаваш традиционалната култура на својот народ.

































