Дилемата дали заедно со претседателските избори следната година да се одржат и предвремени парламентарни избори, деновиве одново добива тежина со оглед на фактот што високи владини извори изразуваат недвосмислен став дека некои од партнерите во владејачкото мнозинство веќе формирале политичка волја и притискаат заедно со претседателските да се одржат и парламентарни избори. Кои се позициите на партиите од власта и од опозицијата за ова прашање?
Политичките партии со почетокот на новата година ќе бидат изложени пред важна одлука дали заедно со претседателските ќе се одржат и предвремени парламентарни избори во земјата.
Изминатиов период јавноста беше сведок на неколку пробни балони токму во врска со ова прашање. Опозицијата првично се изјаснуваше дека инсистира на оваа можност, додека власта главно тактизираше и не го обелоденуваше својот став.
Сега, тоа веќе не е така. Имено, високи владини извори брифираат дека некои од партнерите во владејачкото мнозинство веќе во своите високи партиски структури ја формирале политичката волја за предвремени парламентарни избори и притискаат заедно со претседателските да се одржат и парламентарни избори.
Според истите извори, за СДСМ како најголема владејачка партија е прифатлива ваквата можност, додека другите коалициски партнери во власта имале поделени и различни мислења во однос на ова прашање. Иако со евентуалните нови предвремени избори заедно со претседателските би се создала шанса за нов мандат од четири години, има стравувања дека токму парламентарните избори напролет би ја ставиле економијата во ново исчекување, а би можеле да се одразат и на текот на реформите од чија реализација зависи почетокот на преговорите со ЕУ.
– Ако успешно заврши процесот на уставни измени во парламентот до средината на јануари, веднаш потоа владините партнери ќе разговараат и за прашањето за парламентарни избори, како и за кандидат за претседател, кој би бил прифатлив, но не само за лидерите во владејачката коалиција, туку пред сѐ, за граѓаните на Македонија – велат соговорници од Владата.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера соопштија дека партијата е за одржување предвремени парламентарни избори во состав на одржувањето на редовните претседателски избори.
Оттаму објаснуваат дека сепак за нивното евентуално одржување тие бараат гаранции од владата.
– Подготвени сме за предвремени парламентарни избори кога и да бидат, бидејќи што побргу падне владата на СДСМ толку подобро е тоа за државата бидејќи таа ќе оди напред. Меѓутоа, како што секогаш сме истакнувале па така тоа го правиме и сега и велиме дека во овој случај не смее да се дозволи злоупотреба на изборниот процес и инфлагрантно кршење на истиот тој, што ќе биде спротивно од волјата на граѓаните како што се случи тоа за време на референдумското изјаснување, па затоа бараме гаранција и бараме гаранција од Владата, која ќе подразбира спроведување избори од страна техничка влада по препораките од Прибе – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека, сепак, донесувањето на таквата одлука за распишување на изборите е во рацете на мнозинството, кое во парламентот треба да се изјасни за оваа одлука.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, смета дека нема потреба за предвремени избори во земјата.
– Ние треба да ги спроведеме и материјализираме задачите, обврските, програмите што ги имаме, било како влада, било како политички партии што партиципираат во коалицијата и мислам дека за земјата ќе биде покорисно ако се оди на редовни избори и ако стигнеме со успех да ги завршиме изборите за претседател на државата што подобро и да најдеме заеднички јазик овој процес да го менаџираме заедно – вели Ахмети.
Но кој е ставот и на другите помали политички субјекти или коалициски партнери во власта.
Дуфе Кукоски, генералниот секретар на ЛДП, изјави дека неговата пратија засега сѐ уште нема изградено став за ова прашање, а сето тоа се должело на практична причина, оти досега по конгресот на ЛДП сѐ уште се немаат конситутирано новите партиски органи.
Но Кукоски, подвлече дека тој очекува оти веднаш штом ќе се конституираат новите партиски тела на една од наредните средби да расправа за ова прашање, потоа да се изгради партиска позиција и потоа јавно да се соопшти.
Поранешниот министер на МВР, Павле Трајанов, кој е прв човек на Демократски сојуз, која е дел од владејачката коалиција, вели дека неговата партија има изградено став дека најпрво треба да биде извршена промена во Изборниот законик во Македонија, со која целата држава ќе биде една изборна единица со отворени листи на кандидатите за претседатели, па дури потоа да се оди на избори.
Трајанов овој партиски став го аргументира со фактот дека, според нив, досегашниот систем покажал системски дефект и тој треба да е променет доколку сакаме да имаме демократска држава.
Сепак, додава Трајанов, вакво расположение најверојатно нема да биде прифатено од СДСМ, ДУИ па дури и од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи кај нас секоја партија претендира комплетно да ја освои власта во државата на сите нивоа.