Фото: Приватна архива

Разговор со Бојан Петковски, етнокореолог

  • Во денешницата често се говори за употребата на културното наследство во целите на дваесет и првиот век. Но, за нешто да употребите, пред се треба да го осознаете

Бојан Петковски е етнокорелог и активист за заштита на културното наследство кој последниве години на свој препознатлив начин ги афирмира македонскиот фолклор и култура излегувајќи од рамките на досегашното научно третирање на овие области. Со звањето етнокореолог се стекнал на Музичката акдемија при Универзитетот „Годе Делчев“ во Штип на катедрата за етнокореологија каде дипломирал со највисок просек. Веднаш потоа сериозно се зафаќа професионално реалзирајќи се во научно-истражувачката, уметничката и сценската дејност во рамки на етнокореологијата.
Во изминатите години, Петковски реализирал теренски истражувања во повеќе етнички предели. Теренските истражувања припаѓаат на неговата истражувачка работа, која ја поткрепува со научниот сегмент преку консултирање на стручна литература. Симбиозата на овие два постулата Петковски ја канализара во низа проекти со цел доближување на културното наследство кон пошироката јавност. Следејќи ги балканските, но и светските трендови за презентација и промоција на културното наследство, проектите на Петковски се движат во различни концепти.
Автор е на филмуваните реконструкции „Лазарице“ – женски обредни поворнки од Долни Полог и „Не плети лесно“- свадбени обреди од Дурачка Река, како и на изложбите „Реинкарнација“ и „Скутина, фута, бовча, диљка“.Тој е автор и на четирите сценски адаптации „Остана постана“, „Збирало“, „По Дурачка Река“ и „Минеш у Чука“ кои веќе се дел од репертоарот на повеќе ансамбли во државава со изведби дома и во странство. За сценската адаптација „По Дурачка Река“, Бетковски е награден за најдобра музичка придружба на Фестивалот „Илинденски денови“ во Битола. Подоцна го реалзира и сценско-уметничкиот проект „Традицијата оживува“, а минатата година своето прибегнување кон уметноста го потврди со триптихот „Арго-или надвор од него“.
За впечатоците од досегашните резултатит во однос на промоцијата етнокореологијата, за нашиот однос кон традицијата и фолклорот, но и за проектите што ќе ги реалзира годинава со Бојан Петковски разговараме во ова интервју.
Зошто се уште традицијата и културното наследство од страна на поединци, па дури и групи се третираат со стигмата „старо“ и „селско“?

– Овој проблем секогаш треба да се третира низ призмата на познавачите, односно научниците, а не низ призмата на пошироката јавност. Тоа што традицијата се уште се разминува со науката и уметноста е дефинитивно последица на слабата структура во научната фела. Ние, научниците, пред се сме должни да го истражуваме, зачувуваме, но и презентираме културното наследство, како би го направиле достапно за публиката. Во претходните децении оваа проблематика се третираше како хоби, а не како наука која работи со историски факти, што доведе до процес на импровизација при презентацијата. Лошо интерпретирано културно наследство, да илустирам преку носијата, несоодветно облечена според структура и редослед, навистина на традицијата ѝ дава призвук на „селско“ и „старо“.

Во 2025 низ три последнователни фази го спроведовте уметничкиот триптих „Арго-или надвор од него“ кој предизвика внимание и реакции. Од денешна перспектива кои се вашите впечатоци и каква е трагата што ја остави овој проект?

– Во сите изминати години, во своето научно и уметничко делување прибегнував на страната на уметноста, што беше случај и со триптихот „Арго – или надвор од него“ кој беше уметничко истражување на една состојба во нашата држава. Трите последователни фази ја утврдија фактичката состојба со третирањето на културното наследство но и понудија идни текови и трендови. Уметничката етикета, на овој пред се научен проект донесе негова видливост во општеството и публика која дефинитивно требаше да биде таму. Зошто? Затоа што беа присутни лица од креативните индустрии, од дизајнот на облека, графичкиот дизајн, професионалци кои визуелниот идентитет на своите продукти дефинитивно треба да го црпат од културното наследство.

Преку едукативниот концерт Визура 10, прикажавте десет различни области од Македонија. Кои области беа прикажани, која област вам ви беше наинтересна за истражување и зошто?

-Во денешницата често се говори за употребата на културното наследство во целите на дваесет и првиот век. Но, за нешто да употребите, пред се треба да го осознаете. Ако тенденцијата во предходниот одговор беше да се употреби културното наследство во аспектот за современите текови, несомнено, пред се требаше да се едуцира публиката токму за тоа културно наследство. „Визура 10“ ја донесе суровата традиција од теренот, ги откина најархаичните форми на пеење, танцување, свирење и облекување и ѝ ги подари на дланка на публиката. Беа презентирани традиционални содржини од етнички предели кои се добро познати на јавноста, како пределот Скопска Блатија (села во околината на градот Скопје) кој е особено застапен во сценското презентирање. Но, Визура 10 откри и нови бисери од традиционалниот комплекс во Македонија. Беше презентирата материјалната и духовната култра на еден мал предел од околината на Крива Паланка, односно од селата Б’з, Дренак, Станци и Дурачка Река. Особено сум горд на оваа изведба зашто преставува посебен предизик да се истражуваат, а потоа и сценски да се акомулираат традиции кои досега не се презенитарани на публиката. Посебно е задоволството да се понудат нови, неоткриени содржини.

Густав Малер вели „традицијата не е овожување на пепелта, туку разгорување на огнот“. Во контекст на ова, меѓу пепелта и огнот, каде е сместен нашиот однос кон традицијата?

-За мене, лично, особено е важно читањето и едуцирањето, но и градењето на став над туѓиот став. „Обожување на пепелта“ беше еден личен дијалог со мислата на Густав Малер што ја споменавте. Својот став а пропо оваа мисла го изразив преку креирање на интерактивна светлосна инсталација која гледачот го стави во своето средиште понудувајќи му можност да ја разгори традицијата или сосем да го изгасне нејзиниот пламен. Малеровата мисла јас ја проблематизирав во македонскиот концепт, поставувајќи го прашањето дали не само што не ја разгоруваме туку не ја ни обожуваме пепелта… ами ја газиме. Уметничката инсталација како таква не понуди одговори туку остави отворен дијалог меѓу неа и гледачот, што во суштина ја најави и последната фаза на траптихот.

Фото: Приватна архива

Да им го појасниме за нашите читатели поимот еуфемизам и да нѝ раскажете за групната мултимедијална изложба со која го заокруживте вашиот триптих.

-Триптихот „Арго – или насвор од него“ на почетокот ја едуцираше својата публика преку прикажување на суровата традиција, потоа преку интерактивна инсталација ја иницира да го преиспита својот став. Така, едуцирани и инспирирани посетителите имаа можност да се пријават на последниот дел од триптихот, заеднички настан под името „Еуфемизам“. Ако речете „Го зеде Господ“, наместо „умре“ вие сте употребиле еуфемизам, поблаг израз за нешто лошо. Учесниците, преку своите дела, преку уметноста, на еден суптилен начин укажаа колку современиот свет лошо влијае врз традиционалните форми. Генерално нашата работа претставува токму тоа, користејќи го јазикот на уметноста да прикажеме состојби и да понудиме решенија. „Еуемизам“ беше планиран како групна изложба, но попатно прерасна во платформа, во движење. Во текот на создавањето на концептот, заедничките работни проби се создаде единствено движење во кое комуницираа: етнокореолози, етнолози, режисери, ликовни уметници, графички дизајнери, активисти…

Четири стотини посетители ги слушаа вашите едукативни семинари одржани во Македонија, Србија и Германија. Што содржеа семннарите, како беа прифатени и особено како странците ја поимаат нашата култура и традиција?

-Низ одговорот на секое прашање се провлекува зборот „едукација“, зашто таа е темел на сѐ. Оттука, креирав низа на работилници наменети за различни целни групи. Работилниците нудат од базични податоци за традицијата до презентација на високи научни дострели од оваа област. Фасцинантно е да се види изразот на ликот на присутните кога пред нив се открива вистината за културното наследство.
Преродбата во нивните очи при осознавањето на вредноста на она што во Македонија е се уште голем дел жива традиција. Едукативните семинари секогаш завршуваат со долги дискусии кои за мене претставуваат согледување на потребите од развивање на идните едукативни единици согласно интересот на присутните.

Фото: Приватна архива

Етнокореологијата е наука, а кај нас науката најчесто не излегува од рамките на научните институции. Вие направивте сериозен исчекор во тој поглед преку многубројните меидумски претставувања. Го чувствувате ли ефектот од тоа и постои ли ризик од тоа, да бидете погрешно сфатени или протолкувани?

-Ќе се навратам на „арго“ – термин кој претставува таен јазик на мала група на луѓе неразбирлив за другите. Повеќе од десет години ја анализарам културната сцена за презентација на традицијата, резултетите се поразителни. И покрај големиот број на ансамбли, здруженија како и поединци сепак, таа, традицијата останува да се негува и почитува во еден навистина мал круг на луѓе. Развојот на општеството е неминовен и доколку не фатиме чекор со тој развој неминовна ќе е и нашата маргинализација, се до крајно отфрлање. Научниците се должни своите научни факти да ги споделат со јавноста. Медиумската промоција на културното наследство не беше воопшто лесен процес, особено што во нашето општество години наназад (поради недостаток на едукација) се формирале неточни ставови за некои сегменти од нашето културно наследство. Кога одредена инфомација е на ниво на национален код секој обид за нејзино третирање е ризик од тоа да бидам лошо етикетиран. Но знаејки ја вредноста на виситнското, македонско културно наследство, природно доаѓа борбеноста за постојано афирмирање на точните ставови.

Фото: Приватна архива

Има ли начин, да се претстави и економската моќ на традицијата?

-Балканските и светските трендови говорат токму за тоа, за економската моќ на традицијата. Во младата генерација се повеќе се појавува претприемачки дух и се отвораат локални бизниси. Каде е тука културното наследство? Тоа треба да биде во основата на креирањето на идентитетот на овие локални бизниси. Кога веќе зборуваме за економската страна на традицијата, централно место зазема туризмот. Туристичкот идентитет на Македонија треба да е култутното наследство кое на туристот ќе му понуди посебно и уникатно доживување.

Фото: Приватна архива

Бришењето на името на автор кој создал песна, е бришење на неговиот идентитет но и на идентитетот на македонската музика. Со колумната „Македонското девојче има татко“ почнувате циклус на текстови. Кои теми ќе бидат опфатени и до која публика сакате најмногу да допрат вашите пораки?

-Во градењето на културниот идентите на еден народ особено важно е впишувањето на точни кодови во колективната свест. Циклусот колумни ќе таргетира важни општествени теми кои лошо влијаат врз перцепцијата на културното наследство. Песната „Македонско девојче“ има свој автор на музика и текст, како и точно познат прв изведувач. Тоа што истата е создадена во духот на традицјата овозможило истата брзо да се обнароди. Процесот на обнародување кај нас се заменил со терминот „народна“. Од една страна со етикетирањето, на авторските песни како народни се фрла сенка врз трудот знаењето и севкупната продукција на авторите и изведувачите. Од друга страна пак, со етикетрањето на авторските песни како народни, вистинските народни песни се ставаат на маргините и речиси да не се изведуваат, песни кои се дел од колетивната свест на нашите предци, содржат значајни историски податоци и укажуваат на изразена музичка способност. Следниот таргет е традиционалната носија и содавањето на реплики од истата. Со еден мрачен наслов „Проклетството на една трака“, ќе се разработи темата на креирање на реплики на традиционални носии со употреба на несоодветни материјали и украсувања кои подоцна се прикажуваат како „културно наслество“.

„Филм што свири“ е проект од национален интерес кој треба да го реалзирате во 2026. За што станува збор подетално?

-Македонското игроорно наследство, и да е во минимална мера сепак е забележано низ филмскиот објектив во текот на дваесеттиот век, почнувајки од видео материјалите на браќата Манаки па се до емисиите на Македонската Радио Телевизија. Од денешен аспект видеото е секогаш со свој оргинален звук, па оттука на гледачот му се нуди аудио-визуелен продукт. Анализата на видео материјалите со орски содржини укажа на еден значаен недостиг, звук. Речиси сите видео материјали се снимени без реаланта звучна подлога. Оние по првата половина на дваесеттиот век се „коригирани“ со помош на синфонискиот оркестер на Македонската Радио Телевизија. На видео материјалите со архаична игроорна содржина им е наметната мелодија изведувана од синфониски оркестар. Контрадикторноста на видеото со звукот беше појдовното идејно решение за создавање на коцертот „Филм што свири“. Филм што свири ќе создае посебно аудио-визуелно доживување, преку проекција на арахаичните видео материјали и изведба на традиционали инструменти во живо. Станува збор за тим од млади талентирани и едуцирани музичари кои работат на создавање на комплементарен однос меѓу филмот и нивната изведба. Посебен белег ќе даде и режијата и специјалните светлосни ефекти.