Од творештвото за деца на писателот Трајче Кацаров
Не знаев дали беше најубавата во улицата, зашто не живеевме на иста улица. Не знаев во која клупа седи и дали е најубава во одделението, зашто не учевме во исто одделение.
Не знаев дали ѝ беше доделена улогата на пеперутка во брканиците со децата во училишниот двор, зашто не учевме во исто училиште.
Не знаев која ѝ беше омилена боја, зашто сјајот со кој ме заслепуваше секогаш кога ќе ја погледнев не ѝ оставаше шанса на ниту една од боите да ѝ се закачи на облеката, училишната чанта и лакот од ноктите.
Не знаев дали верува, ако помине под лакот на виножитото, дека ќе ѝ се остварат сите желби, зашто никогаш не ја видов да поминува под виножитото што често се појавуваше над градот.
Не знаев дали напролет се искачува на Исарот, ритчето што се извишува над градот, за да фрли точно четириесет каменчиња зад себе. Секое девојче што ќе го направи тоа на верскиот празник Четрсе, ќе може на сон да го види оној за кого ќе се мажи.
Не ѝ го знаев ни вистинското име. Ја крстив Понијана.
Знаев. Да, знаев каде живее, ама поради стравот од лекари ниту на крајот од умот не ми доаѓаше да се спуштам по улицата, односно да ѕирнам во градината на нејзината куќа, која се наоѓаше зад Градската болница, во која се наоѓаше страшното инјекциско одделение.
***
Не можам да се пожалам дека ретко ја среќавав, зашто кога не ја гледав на јаве, ја гледав на сон. По некоја моја пресметка, повеќе ја гледам на сон отколку на јаве. Поради тоа името Сонувана повеќе би ѝ одговарало отколку Понијана, но изборот падна на Понијана и останав на тоа.
***
Во времето кога бев слеп при очи, што би рекла мојата нана Блажа, зашто ништо не гледав друго освен Понијана, на мода беа велосипедите „пони“. Децата од мојата улица, поточно децата од градот не возеа други велосипеди освен „пони“. Велосипед „пони“ возеше и мојата симпатија.
Јас и не ја видов да оди пешки. Секогаш кога ќе ми излезеше пред очи, и на сон и на јаве, возеше велосипед. Затоа и ја крстив Понијана.
Тато не можеше да се помири со таа мода, особено што се ширеше со голема брзина во градот за кој велеше дека улиците не се погодени за возење велосипеди.
Не сакаше да слушне да ми купи велосипед, најмалку „пони“. Бев строго убеден дека без коњ не ќе можам да ја освојам мојата принцеза. Си дадов задача по секоја цена да набавам коњ, односно велосипед, и тоа „пони“. И најдов. На мојата радост ѝ немаше крај.
Го позајмив од еден мој верен другар. Од другарот што покажа големо разбирање за мојата болка и потребата од лек за неа.
***
Само што го стегнав со рацете скокнав на седлото и го насочив кон улицата на која најчесто на своето „пони“ се појавуваше Понијана. И гледај чудо. Да видиш да не веруваш. Само што пристигнав на улицата, од спротивната страна кон мене како отпуштена стрела од затегнат лак се зададе Понијана.
Возеше како да беше на трка. Како да бегаше од некого. Зедов длабоко воздух. Ги кренав градите и храбро и ѝ тргнав во пресрет. Нели реков дека тоа беа години во кои бев слеп при очи, зашто не гледав ништо друго освен неа, Понијана. Заслепен од нејзината убавина, не ми остануваше ништо друго освен со моето „пони“ да се бувнам во нејзиното.
За дел од секундата, по силниот тресок, по улицата се разнесе веста дека се случила сообраќајна несреќа во која со расцепена глава останала да лежи на асфалтот ќерката на познатиот лекар, оној што живее во куќата зад Градската болница. Не знаев дека татко ѝ бил лекар.
За миг пред купчето од луѓе и пред двата скршени велосипеда „пони“ се паркира возилото на Брзата помош. Ја кренаа Понијана на носила и заедно со нејзиното „пони“ ја однесоа во болницата. Јас заборавен, не интересен, за свидетелите на несреќата, го нарамив веќе скршеното позајмено „пони“ и си тргнав кон дома.
***
Поради тристата стравови што ме сардисаа не чувствував никаква болка иако едната од ногавиците ми беше искината, а на коленото што се наѕираше се гледаше широка крвава драсканица. Тогаш прогледав.
Ми се избистри сликата пред очите и сфатив дека треба да измислам добар изговор за преполовениот велосипед „пони“, да го истрпам гневот што тато ќе го истури врз мене поради тоа што ја прекршив забраната и засекогаш да заборавам на Понијана, девојката што не беше од мојата улица, со која не учев во исто одделение и во исто училиште и на која велосипедот „пони“ воопшто не ѝ одговараше, особено кога го возеше по лошите патишта на моите детски соништа.
За авторот
Трајче Кацаров (66) е македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Во последните десетина години објавува и книги за деца и млади, кои се одлично прифатени од младите читатели. Завршил академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Cв. Кирил и Методиj“ во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа списанието за уметност СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Делата му се преведени на неколку јазици, a неговите театарски пиеси се одиграни низ повеќе театри во регионот и пошироко.
Добитник е на повеќе признанија од областа на литературата, меѓу кои лани ја доби наградата „Ванчо Николески“ од ДПМ за романот за деца „Не паркирај гаража“. За поемата „Акo“ е добитник на наградата „Григор Прличев“, а во 2004 година Кацаров е прогласен за личност на годината во општината Штип. Истата таа година го доби признанието „Деец во културата“, а во 2009 година Општина Штип му ја додели наградата „8 Ноември“.


































