- Познато е дека Булгаков правел повеќе верзии на своите дела. Безмалку сите негови драми биле менувани, коригирани и дополнувани, најчесто поради забелешките и барањата на цензурата. Тој направил повеќе верзии и на своето капитално дело „Мајсторот и Маргарита“, кое го добило овој наслов во 1937 година
Книгоиздателството „ВиГ ЗЕНИЦА“ го заокружи преведувањето на клучните дела на Михаил Булгаков со превод на „Големиот канцелар“ – повеќекратни, обемни верзии на познатиот роман „Мајсторот и Маргарита“. („ВиГ ЗЕНИЦА“ во изминатите три години ги објави речиси сите тринаесет драми – Драми 1, Драми 2 и избор од расказите на Булгаков.) Сите се во превод на Анета Сусинова.
Познато е дека Булгаков правел повеќе верзии на своите дела. Безмалку сите негови драми биле менувани, коригирани, дополнувани, најчесто поради забелешките и барањата на цензурата. Повеќе верзии направил и на своето капитално дело „Мајсторот и Маргарита“, кое овој наслов го добило во 1937 година. Но првиот, релативно целосен и завршен ракописен текст, кој, според структурата и содржината значително, се разликува и од првичните верзии во 1928-1929 и од следните редакции на романот – има наслов „Големиот канцелар“.
Виктор Лосев во предговорот пишува: „’Романот за ѓаволот‘, како што најчесто го нарекува самиот автор ракописот, Булгаков почнал да го пишува во 1928 година“.
Имено во таа година, позната по тажните настани по забраната на претставата „Бегство“, се разјаснила неговата положба како писател; неговото творештво не само што не било прифатено туку било и осудувано, сметано за непријателско кон новиот поредок. Му предлагале да се „престрои“ во „услужен“ писател. Ваквите предлози ги одбивал, предизвикувајќи жолчни реакции не само во високото политичко раководство туку и меѓу многу писатели… Во тој период биле забранети сите претстави на Булгаков, никој не сакал да објави ниту ред од него, никој не сакал да го вработи, не му било дозволено да замине во странство. Но моралниот терор само ја засилил неговата определба да го продолжи своето книжевно дело и да им одговори на „опонентите“: одговорот бил – роман за стварноста што ја набљудувал. А стварноста што тој ја доживувал била таква што за главен лик на романот го зел сатаната. Имено, сатаната доаѓа во Москва за да се запознае со случувањата во „црвената престолнина“ (годината на неговото доаѓање е 1943-та, според предвидувањата на Нострадамус дека тогаш ќе се случела светската катаклизма).
Меѓу книжевните истражувачи во Русија има различни мислења за бројот на редакциите на романот. Според едни се шест, според други осум, но сите се согласни дека при нивното определување мора да се опфати и прашањето за нивното уништување (Булгаков, во период на криза во 1930 година, самиот ги изгорел првата и втората верзија напишани во 1928 г. и 1929 г.).
Како што е познато, „Мајсторот и Маргарита“ првпат е објавен, сурово цензуриран, кон крајот на 1966 и на почетокот на 1967 година во списанието „Москва“. Идната година во Франкфурт била објавена верзија во која биле назначени местата што ги избришала редакцијата на списанието. „Мајсторот и Маргарита“ доживува комплетно издание во 1989 година, кога во Киев е објавен во два тома. Но две години подоцна, во 1991 година во Москва се одбележува 100-годишнината од неговото раѓање, па неговите дела, посебно „романот за Ѓаволот“, се објавуваат во стотици илјади примероци – Булгаков станува најчитаниот руски писател.































