Косово
Отстранувањето на таблите со српско кирилско писмо во општината Лепосавиќ и нивната замена со двојазични табли на албански и српски јазик (на латиница) предизвика бран триумфализам во дел од медиумите на албански јазик во Косово и во Македонија. Настанот во албанскиот кампус се претставува како „воспоставување на суверенитетот на Косово и како нормализација на јавниот простор во општините населени со Срби“.
Формалноправно, косовските институции имаат право да поставуваат официјални знаци во согласност со своите закони. Министерството за животна средина, просторно планирање и инфраструктура јавно соопшти дека таблите се изработени во согласност со законите на Косово и дека станува збор за двојазични натписи, што е во рамките на уставниот поредок на земјата. Но токму тука се појавува суштинската контрадикторност. Истите тие медиуми, аналитичари и политички кругови што со одобрување гледаат на отстранувањето на кирилицата во северно Косово, во Македонија со години покажуваат сосема поинаков однос кон државните симболи, законите и официјалната јазична политика.
И во Македонија има често отстранување, оштетување или бришење на називите на топонимите напишани на македонски јазик и кирилско писмо
Во Македонија не е редок случајот на влез во населени места каде што има табли исклучиво на албански јазик, со пречкртани називи или избришан македонски јазик и кирилско писмо, иако тоа е спротивно на законите. Албански државни знамиња со големина над законски пропишаното се истакнуваат не само во населени места со доминантно албанско население туку и по должината на главни магистрални патишта, во мешани средини, па дури и на државни објекти, без правни последици и без јавна осуда, а секој обид на државата законски да интервенира се претставува како државна репресија. Така, во Македонија непочитувањето на законите во овој дел се релативизира. Во Косово отстранувањето на кирилицата се претставува како административна нужност, иако кирилицата е традиционално писмо на српската заедница. Во Македонија, пак, македонскиот јазик и кирилицата, иако се темел на Уставот и државноста, често се третираат како пречка што треба да се „надмине“ во име на соживотот. Р.Н.М.

































