Фото: ЕПА
  • Настаните од минатата недела испратија јасна порака: пазарите влегуваат во фаза во која лесните добивки стануваат сè поретки. Комбинацијата од политички одлуки, монетарна неизвесност и преголеми очекувања создава средина во која волатилноста (распон и брзина на движење на цените) повторно станува правило, а не исклучок

Минатата недела глобалните финансиски пазари влегоа во фаза на зголемена нестабилност, откако најавата за нов претседател на американската централна банка предизвика бурни реакции кај валутите, обврзниците, суровините и акциите. Иако на прв поглед станува збор за класичен пазарен одговор на политичка вест, под површината се открива подлабока приказна за исцрпената еуфорија, прекумерната изложеност и промената на очекувањата кај инвеститорите.

Американската централна банка (Фед) ги задржа каматите, а Трамп го номинираше Кевин Ворш за нов претседател на Фед

Американската централна банка (Фед) во средата одлучи да ги задржи каматните стапки непроменети, откако на претходните три седници имаше циклус на намалувања. Референтната каматна стапка сега се движи во распон меѓу 3,5 и 3,75 отсто – значително под постпандемиските максимуми, но сè уште на ниво што ја одразува внимателноста на централната банка.
Вистинскиот шок за пазарите, сепак, дојде од Белата куќа. Претседателот Доналд Трамп објави дека има намера да го номинира Кевин Ворш за нов претседател на Фед, со што практично започна транзицијата пред истекот на мандатот на Џером Пауел во мај. Ворш, поранешен член на Одборот на гувернери на Фед и советник на Трамп, важи за кандидат со поцврсти ставови за инфлацијата и монетарната дисциплина.
Пазарите веднаш реагираа: доларот нагло зајакна во однос на сите главни светски валути, поништувајќи го јануарскиот пад, додека долгорочните американски државни обврзници забележаа пад на цените. Истовремено, иако краткорочната реакција беше јастребовска, инвеститорите благо ги зголемија очекувањата дека во 2026 година Фед би можел да спроведе две нови намалувања на каматните стапки – знак дека неизвесноста не исчезнува, туку само ја менува формата.

Волстрит меѓу рекорди и кревка доверба

Во првиот дел од неделата обновениот апетит за акции што претходно заостануваа му овозможи на индексот СиП 500 (S&P 500) првпат да ја надмине психолошката граница од 7.000 поени. Сепак, оваа еуфорија кратко траеше. Во петокот индексот се повлече под таа граница, потсетувајќи колку брзо може да исчезне увереноста на пазарите.
Седмицата јасно ја покажа ранливоста на Волстрит, кој во изминатиот период беше обележан со силна концентрација на инвеститорите во исти зделки и со ентузијазам на малите инвеститори. Кога најпопуларните облози почнаа да се сопнуваат, милијарди долари нагло се придвижија, а високата изложеност на ризик остави многу мал простор за грешки.

Драматичен пад кај благородните метали

Најдраматичните движења беа забележани на пазарот на суровини, особено кај благородните метали. Златото го забележа најостриот пад во последните децении, додека среброто го доживеа најголемиот дневен пад досега.
Среброто потона за повеќе од 16 отсто, на околу 96 долари за унца, додека златото загуби над седум отсто и се спушти под 5.000 долари. Овие корекции ја прекинаа серијата на рекордни растови и ја потврдија тезата дека пазарот одамна бил подготвен за „период на ладење“.
Според Кристофер Вонг од „Оуверси чајниз бенкинг корпорејшн“ (Oversea-Chinese Banking Corporation), веста за номинацијата на Ворш била само повод.
– Ова е еден од оние изговори што пазарите ги чекаат за да ги расплетат параболичните движења – вели тој, додавајќи дека корекцијата била неминовна.
Интересно, бакарот забележа спротивен тренд. Црвениот метал достигна рекордни нивоа, со најголем скок во последните 16 години, поттикнат од шпекулативен бран во Кина. Масовното насочување на кинеските инвеститори кон металите ја подигна цената на бакарот до околу 14.000 долари за тон.

Криптовалутите го губат статусот на „заштита“

Биткоинот се спушти на ново двомесечно дно, а одливите од спот биткоин ЕТФ-овите во САД продолжија трет месец по ред. Доколку трендот продолжи, тоа ќе биде најдолгиот период на континуирани одливи од нивното лансирање во 2024 година.
Според аналитичарите, криптовалутите сè помалку се перципираат како алтернатива на фиат валутите и како заштита од фискална неодговорност, што дополнително го влошува расположението.

Доларот, геополитиката и нафтата

Иако американскиот долар во средината на неделата падна на најниско ниво од почетокот на 2022 година, до крајот на периодот забележа благо закрепнување. Администрацијата на Трамп отворено претпочита послаб долар за зголемување на конкурентноста на извозот, но таквата стратегија носи и ризик од зголемени политички тензии со трговските партнери.
Во меѓувреме цената на нафтата го забележа најголемиот месечен раст од 2022 година, поддржана од геополитичките сигнали и можноста за преговори меѓу САД и Иран. Сепак, и тука неизвесноста останува доминантна.
Настаните од минатата недела испратија јасна порака: пазарите влегуваат во фаза во која лесните добивки стануваат сè поретки. Комбинацијата од политички одлуки, монетарна неизвесност и преголеми очекувања создава средина во која волатилноста повторно станува правило, а не исклучок. Е.Р.


Величествените седум и дилемата околу вештачката интелигенција

Минатата недела резултати објавија четири од т.н. величествени седум технолошки компании, при што реакциите беа мешани.
„Тесла“ најави инвестиции од 20 милијарди долари за поедноставување на понудата на електрични возила и за агресивен фокус на роботика и вештачка интелигенција – чекор што ја оддалечува од класичниот автомобилски бизнис.
„Мета“ ги надмина очекувањата за приходи и даде силна прогноза, со планирани капитални расходи меѓу 115 и 135 милијарди долари.
„Мајкрософт“, иако со рекордни трошоци, се соочи со забавување на растот во облачните услуги, што ги засили стравувањата дека инвестициите во ВИ ќе се исплатат побавно.
„Епл“, пак, пријатно изненади со силен пресврт во Кина, каде што побарувачката за ајфон 17 донесе повеќе од 25 милијарди долари квартални приходи. Е.Р.


Што е волатилност?

  • Во економската анализа е споменато дека т.н. волатилност (распон и брзина на движење на цените) повторно станува правило, а не исклучок. Во продолжение во куси црти за тоа што всушност претставува овој финансиски феномен

Волатилност претставува распон и брзина на движење на цените. Волатилноста на финансиските пазари го мери опсегот на промените на цените на финансиските инструменти. Па така, пазарната волатилност може да биде силна или слаба. Колку е помала постојаноста на пазарот, толку е поголема краткорочната профитабилност, но вложувањето во тие финансиски инструменти се смета за ризично и поради тоа ризикот од загуба е висок. Од друга страна, колку е помала волатилноста, толку и инвестицијата ќе биде со понизок ризик. На пример, волатилноста на обврзниците е ниска, бидејќи се смета дека приносот што го генерира е безбеден. Секоја хартија од вредност има повисока волатилност доколку нејзината вредност достигнува значителни промени во краток временски период. Оваа појава се мери со помош на „стандардна девијација“, со која се мери отстапувањето на акциите од нивниот просек. Еден пример за волатилност. Еден фармер е загрижен за нестабилноста на берзата кога станува збор за цената на пченицата. Доколку се намали од 100 евра за еден тон, тогаш може да се заштити со помош на хеџинг и да постави цена од 70 евра за еден тон. Во случај цената да падне на 60 или 50 евра, поради хеџинг може да се реализира продажба на 70 евра за еден тон и така да се ограничи загубата на 30 евра по тон. Доколку тој ризик е помал, инструментите ќе имаат помала вредност, но ако ризикот е присутен, вредноста на финансиските инструменти ќе биде повисока бидејќи сите производители на житарки ќе сакаат да се заштитат. Во случај на зголемена побарувачка за пченица, волатилноста на хартиите од вредност може да биде огромна ако ситуацијата предизвика ризик од недостиг од оваа важна прехранбена суровина. Е.Р.


Азиските берзи остро паднаа, притисокот се прелева кон Европа и САД

Азиските акции го забележаа најголемиот дводневен пад од почетокот на април, предводени од технолошкиот сектор, откако се зголемија стравувањата околу високите процени и масивните капитални вложувања поврзани со вештачката интелигенција. Фјучерсите сигнализираат дека негативното расположение ќе се прелее и на европските и американските пазари.
Падот на ризичните средства беше проследен со продолжена распродажба на пазарите на суровини. Цената на златото се намали за речиси 10 отсто, додека среброто загуби до 16 отсто. Под притисок беа и основните метали – бакарот падна за повеќе од 5 отсто на Лондонската берза на метали, а неколку фјучерси на метали во Кина ги достигнаа дневните лимити за пад.
Зголемената аверзија кон ризикот се прелеа и на пазарот на криптовалути, при што биткоинот привремено се спушти под 75.000 долари. Во исто време, инвеститорите се насочија кон посигурни засолништа, што доведе до зајакнување на американската валута. Индексот Блумберг долар спот ги продолжи добивките од петокот.
Нафтата исто така се најде под силен притисок, откако нагло падна по најголемиот месечен раст од 2022 година. Геополитичките ризични премии се намалија откако претседателот Доналд Трамп изјави дека САД водат разговори со Иран. Нафтата брент се тргуваше околу 66 долари за барел, по раст од 16 отсто минатиот месец, додека американската ВТИ остана под 62 долари.
Според аналитичарите, силниот пад на берзанските цени е резултат на комбинација од загриженост за потенцијално построга монетарна политика на Федералните резерви и пренатрупаните позиции на пазарите на стоки, што го засили поширокото повлекување од ризични инвестиции.
– Ова е момент на „продај сѐ“, со загуби што се продлабочуваат додека инвеститорите се соочуваат со структурна ранливост што долго време беше прикриена во фазата „купи што било “ – изјави Хебе Чен, виша пазарна аналитичарка во „Вантиџ глобал прајм“.
Таа додава дека на краток рок „пазарите повеќе личат на отворена рана отколку на чист прекин“.
Европските берзи се очекува да отворат со загуби. Фјучерсите на ФТСЕ 100 укажуваат на пад од околу 0,7 отсто, додека фјучерсите Евростокс 50 се намалени за приближно еден отсто. Металите остануваат клучен фактор за негативното расположение, притискајќи ги рударските компании, при што акциите на „Гленкор“ бележат пад од над пет отсто во претпазарното тргување во Европа. Е.Р.