Оливера Андоноска, поетеса

Оливера Андоноска е дипломиран филолог по македонски јазик и лектор по македонски јазик. Работела на Толковниот речник на македонскиот јазик, на Институтот за славистика при Шлезискиот универзитет во Полска, пишувала текстови на разни платформи, а е уредничка и јазична редакторка на повеќе изданија. Авторка е на сценарија за краткометражни филмови ‒ „Јов“, селектиран и на Фестивалот во Драма, Грција, партнер на Европската филмска академија, авторка е на детски илустрирани приказни и збирка раскази. Минатата година за збирката „Ние сме Ева“ се закити со наградата „Антево перо“. За неа наградите придонесуваат за зголемување на интересот за делата.
Андоноска потенцира дека кога еднододруго ќе бидат ставени Македонија и поезијата, обично веднаш се отвора темата за поезијата на „малите јазици“.
– Ниеден јазик не може да биде мал. Секој јазик во себе ја носи историјата на светот, но бројот на зборувачите на тој јазик може да биде мал. Таков е македонскиот јазик. Грижата за книжевноста значи првенствено грижа за јазикот, особено за неговата најсуптилна страна. Присутноста на поезијата е значајна, бидејќи значи провокација, преиспитување, отворање прашања, градење мостови меѓу науката и луѓето, меѓу луѓето, таа е дијалог со себе и со другиот, и може да ни биде прибежиште во ова заитано, разулавено и усвитено време. Немам романтичарски однос спрема поезијата дека сама по себе ќе го промени светот, иако имам силна верба во нејзината сила и како мирна река и како безмилосен брзак, и како кроткост и како пркос, а можеби и како најбестрашниот ривал на стравот од длабоко – вели Андоноска.
Поетесата смета дека треба да го реактуализираме поимањето на поезијата.

– Поезијата не би требало да се третира само како китнеста форма на книжевноста и така да ѝ се пристапува, а најчесто е така. Таа треба да е облик на свеста, начин на суштествено попродлабочено доживување на светот, би било убаво да се напојува од сѐ, да биде од сѐ и во сѐ, но и над сѐ. Поезијата е и медиум и мост, средство за емоционална регулација не само на поединецот туку и на заедницата, но и интелектуална алатка. Најмалку треба да е збор на хартија, а најмногу жива активна сила. Би требало да работиме систематски на нашиот однос и став не само спрема книжевноста и уметноста туку и спрема науката, а потоа можеби природно ќе станат достоинствен дел од нашето секојдневие – раскажува Оливера.
За нејзината наградена стихозбирка „Ние сме Ева“ вели дека е поделена во три циклуси, воведени со епиграф, а посветени на наследството, стравот и љубовта, завршувајќи со песна-епилог, која е своевиден сублимат на сѐ претходно испеано.
– Во сите три циклуси, заедно со завршницата, централно место зазема човекот, односно телото, кое можеби често е неправедно потценето, според мене, и подредено на духот, а во стихозбирката претставено како единственото место во кое се сите места одеднаш, во кое е сѐ одеднаш. Луѓето се архива на целокупната еволуција, живи експонати, археолошки наоѓалишта. Проучувањето на човекот нѐ носи поблиску до растајнувањето на космосот, затоа што тој, нели, е микрокосмос и се преклопуваат, станувајќи едно… Ева е точката во која се среќаваат митот и науката, а таа не е прамајката од некое магливо минато, туку живо, органско присуство. Сместена удобно во секој од нас, Ева ни раскажува приказни – додава Андоноска.
Идеите што ја окупирале кога ја создавала збирката ѝ се чинеле значајни, големи и крајно возбудливи, но на моменти сложени.
– Јазикот со кој ги обликував е сиров и органски, навидум едноставен, како своевиден контрапункт. Сметав дека тоа е вистинското јазично решение, што не е случај, на пример, со јазикот во мојата збирка раскази „Како ја убив Вера и како таа повторно се роди“. Неверојатните можности на јазикот, воопшто, и на нашиот јазик, за кој често ќе слушнеме дека е недоволен, недостатен, штур, сиромашен, скуден, па дури и нерафиниран, прост, секогаш ми се предизвик, и возбудлив вител и пристаниште, а најмногу дом, кој не сакам да го напуштам – истакнува поетесата Оливера Андоноска.