Македонскиот глас од Канада: Поврзување на историјата со современата борба за зачувување на македонскиот идентитет (2)
Драги Стојковски е истакнат македонски активист и долгогодишен претседател на организацијата „Обединети Македонци“ во Канада – најстарата национална и културна организација на Македонците во оваа земја. Неговата работа е тесно поврзана со зачувувањето на македонската културна меморија и со дипломатското застапување на македонските интереси пред канадските институции. Стојковски е познат како истражувач и публицист што работел во архивите на Канада и Америка, документирајќи го присуството на Македонците во Северна Америка уште од почетокот на 20 век. Според неговите истражувања, во канадскиот попис од 1911 година дури 813 лица се изјасниле како Македонци, што претставува значаен доказ за историското постоење на македонската заедница таму. Покрај истражувачката работа, Стојковски е активен и во дипломатско-лобистичките иницијативи. Преку „Обединети Македонци“ организирал средби со странски конзули во Торонто и со канадското министерство за надворешни работи, барајќи признавање на независноста на Република Македонија. Неговата улога е препознатлива како мост меѓу дијаспората и матичната држава, со јасна цел да се зајакне меѓународната позиција на Македонија. Стојковски е и долгогодишен член на македонската православна црковна општина Св. Климент Охридски во Торонто, каде што ја продолжува традицијата на духовно и културно обединување на заедницата. Драги Стојковски претставува пример за дијаспорски интелектуалец и активист што ја поврзува историјата со современата борба за признавање и зачувување на македонскиот идентитет. Неговата работа е важна не само за Македонците во Канада туку и за глобалната македонска заедница, бидејќи покажува како културната меморија и правото на национално самоопределување можат да се бранат преку истражување, организација и дипломатска активност.
Како прво, Република Бугарија како држава треба да ја погледне вистината во очи, т.е. дека има и имало Македонци како што имало и други народи на Балканот и во светот. Да разберат дека народите не се „создаваат“ административно во определена година, во определен месец, ден, час и секунда… Тоа е долгорочен развоен процес за сите народи, вклучувајќи го и македонскиот. Бугарите мора да знаат дека нивните многубројни „докази“ дека Македонците не постоеле пред 1945 година многу лесно може да се побијат и со само еден документ што го докажува спротивното. А такви поединечни документи има во изобилство, само проблемот кај нив е што тие не веруваат дека постојат „животни со долги вратови“. Или не веруваат или, пак, едноставно не им е во интерес да се соочат со вистината.
Второ, Република Бугарија, т.е. бугарските врвни политичари треба да го признаат учеството на царска Бугарија во злогласната фашистичко-нацистичка оска и да се извинат за сите злодела против народите на Балканот, посебно именувајќи ги сите, вклучувајќи го и македонскиот народ.
Наместо да се вадат дека и Македонци учествувале во окупацијата (што е и точно за некои), нека прифатат дека Бугарија беше дел од фашистичката оска, ја окупира Македонија, иако сѐ уште немаше држава Македонија, да се извини и оваа власт како што го направи тоа и власта на комунистот Георги Димитров, нека си ја платат отштетата од која Јосип Броз-Тито самоволно ги ослободи, нека ветат дека никогаш повторно нема да се мешаат во внатрешните работи на Македонија.
Бугарија нѐ убедува дека ние треба да признаеме колку ни било убаво под нивната окупација!?
Во нашиов случај, Бугарија не само што не се извинува туку и нѐ убедува дека ние треба да признаеме колку ни било убаво под нивната окупација (се извинувам – администрација) и да им бидеме вечно благодарни за тоа. Напротив, Бугарија треба да се извини, бугарските политичари треба редовно да се поклонуваат пред спомениците на паднатите македонски борци, особено Ваташа, и да платат отштета. Секој насилник, престапник и злосторник треба да се извини за стореното злосторство, за еден ден да му се дозволи вклучување во цивилизираниот свет.
Германците се извинија за своите злодела од Втората светска војна и платија отштета. Комунистичка Бугарија под раководство на Ѓорги Димитров се извини и Тито им дозволи на бугарските воени единици да се вклучат во завршните борби за ослободување на Македонија и Србија и да си го обелат образот, така што Бугарите не треба да ја фингираат историографијата дека „македонската нација ја создал Јосип Броз-Тито“, туку да го признаат фактот дека „Тито во договор со Георги Димитров им овозможил на Бугарија и Бугарите да се рехабилитираат од фашизмот и да го измијат образот, овозможувајќи им да ја сменат страната на завојуваните и во завршните борби да преминат кон антифашистичките сили, за по војната Бугарија да не претрпи тешки последици како преостанатите сили/држави на оската и нивните земји колаборационисти“. Сегашна „демократска“ Бугарија сака целосно да ја преврти вистината за своето учество во Втората светска војна и нас нѐ обвинува за наводен говор на омраза кога ѝ ја предочуваме едноставната вистина.
Бугарија не може и не сака да прифати дека е поразена нација/држава во Втората светска војна и соодветно да се однесува кон победничките нации, како македонската. Македонија беше дел од победоносните нации заедно со другите југословенски нации, како и со СССР, Велика Британија, САД, Кина и Франција. Последнава држава беше вклучена меѓу победниците по барање на Сталин, со цел да има уште една европска држава на победничката страна како противтежа на американско-британското влијание, иако се знаеше дека стотици илјади француски војници војуваа на источниот фронт на германска страна. Е, сега, и нам треба да ни биде јасно зошто токму Франција ја поддржува Бугарија наместо нас во однос на барањата за влез во ЕУ.
Замислете, германски политичари и историчари при посета на Израел да им солат памет на израелските Евреи дека тоа што им се случило за време на Втората светска војна не се случило. Но, сите знаеме дека такво нешто е незамисливо. Затоа, германски политичари и историчари понизно се поклонуваат во музејот на холокаустот и се извинуваат. Такво нешто се случува во Германија, каде што дојде до целосно денацифизирање на општеството. Дали може слично да се случи и во Бугарија? Тешко, особено кога е очигледно дека Бугарија е раководена од луѓе што ниту виделе ниту веруваат дека постојат „животни со долги вратови“.
Тука не е премногу ако кажеме: Бугарија и Бугарите треба да разберат дека како што имавме храброст и сила да ги победиме еднаш во Втората светска војна, кога беа сојузници на силната војска на нацистичка Германија и фашистичка Италија, ќе собереме сили повторно да ги победиме и ќе увидат дека и овој пат ја одбрале погрешната страна. Ќе увидат дека навистина има животно со долг врат, кое истовремено е и храбро животно.
Трето, Бугарија да им ги обезбеди сите права на Македонците во Бугарија. Проблемот т.е. слонот во собата е неможноста на Македонците во Бугарија да си ги обезбедат своите етнички и човекови права. Кон таа цел Бугарија треба обврзно да ги исполни над 15-те судски пресуди на ЕСЧП во полза на разните македонски здруженија против Бугарија. Кога Бугарија ќе ги исполни погорните три точки, дури потоа Република Македонија и Република Бугарија можат да градат добрососедство.
Што прават бугарските пропагандисти?
Но тука има и други точки. На пример, во Канада конечно е незамисливо белците, т.е. потомците на колонистите, да зборуваат против или во име на домородците, или да се претставуваат самите како домородци. А што прават бугарските пропагандисти? Не само што крадат сѐ што е македонско, почнувајќи од македонскиот идентитет, историја, јазик, песни, култура, туку и ја менуваат истата историја за повеќе да личи на бугарска. Да се потсетиме на македонската песна од Војо Стојановски, „Каде и да одиш, каде и да шеташ“, која е целосно бугаризирана од бугарски пејачи, што во цивилизираниот свет се смета за чист плагијат. Тоа тука се нарекува културно присвојување. Има примери кога белци се претставуваа како домородци (Индијанци) заради добивање некои привилегии (стипендии) или популарност (музичари) и истите тие се осудуваат од јавноста, па и се судени од правните установи, а потоа натрапниците целосно исчезнуваат од јавниот живот.
Во нашиот случај не само што никој не се осмелува од наша страна да ги суди Бугарите и Бугарија за етнокултурно присвојување и геноцид туку тие се осоколуваат повеќе барајќи од нас понизно да се извиниме затоа што сме го „напуштиле бугарското стадо“ и сме имале храброст да си бидеме Македонци.
Значи, според горенаведеното, четврто барање е Бугарија да престане да го присвојува нашето културно богатство, вклучувајќи го и плагијаторското преземање на македонските песни. Ние немаме ништо против да ги пеат нашите песни во оригинал, но тоа мора да го прават со нагласување дека се македонски песни. Така се прави во цивилизираниот свет, во кој Бугарија беше втурната политички, иако не ги исполнуваше условите, како на пример со приемот во ЕУ.
Петто барање пред добрососедство е враќање на сите одземени вредности од Македонија. Ватикан штотуку врати одземени вредности што пред сто години ги одзеде од канадските домородци. Кога Бугарија (па и другите соседи) ќе ги врати одземените македонски историски вредности што беа одземени (читај – украдени) од страна на бугарските поробувачки сили?
На крајот да ја повториме најосновната крилатица: ние Македонците бевме, сме и засекогаш остануваме само Македонци. Ова не треба да биде трн во очите на Бугарија и Бугарите.
Драги Стојковски
крај

































